1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Конфликти

Автомобилски колони во служба на пропагандата на Кремљ

Анушка Шварц (псевдоним)
15 април 2022

Во Германија живеат над три милиони граѓани со руски или советски корени. Од почетокот на војната во Украина, помал број од нив излегоа на улица поради наводна русофобија. Но, зад тоа се крие насочена кампања.

https://p.dw.com/p/49sB9
Проруски демонстрации во германското место Кауфбојрен
Проруски демонстрации во германското место КауфбојренФотографија: Karl-Josef Hildenbrand/dpa/picture alliance

Тоа требаше да биде негов момент на слава. На 3 март 2022 година, осум дена по руската инвазија на Украина, малку познатиот германски блогер Рене Х. одбјави видео снимка на својот ТикТок канал. На течен руски јазик, лично му се обрати на рускиот претседател Владимир Путин.

„Драг господине Путин. Жал ми е што европските земји не ве разбираат (...) Би бил среќен за секој кој тука би излегол на улица за вас. Но, проблем е тоа што (...) не е можно да се излезе на улица со руско знаме, бидејќи веднаш ќе бидете уапсени. Зошто Европејците не разбираат за што се работи во конфликтот меѓу Украина и Русија? Јас целосно Ве поддржувам. Таму (во Украина) има само фашисти и свињи. Зеленски би требало веднаш да се тргне“, вели во видеото Рене Х.

Ова видео на германскиот обожавател на Путин стана вирално и стигна до многу луѓе кои зборуваат руски во светот и кои ги конзумираат медиумите блиски на Кремљ. Првиот руски канал на Кремљ „Прв канал“ известува за „храбриот Германец“ кој се осмелува јавно да ја поддржи Русија. Притоа, очигледно никому не му е важно што покажувањето на руско знаме во Германија не е причина за апсење. Рене Х. едноставно изнесува невистина. Во исто време кога е објавено видеото, ЕУ и САД воведоа остри санкции за Русија поради агресијата на Украина и за да извршат притисок врз Путин што е можно побрзо да ги повлече своите трупи од Украина.

На протест со маица со ликот на Путин
На протест со маица со ликот на ПутинФотографија: DW

Авто-корзо од паралелната вселена

И токму Рене Х. е оној кој со својот пријател, „рускиот Германец“ (притоа се мисли на потомците на припадниците на германската етничка група кои со векови живееле на подрачјето на денешна Русија и кои по распаѓањето на Советскиот Сојуз во голем дел емигрираа во Германија) Кристијан Ф., познат како „Игор“, организираше автомобилско корзо со над 400 автомобили украсени со руски, советски и германски знамиња. На 3 април колоната помина низ Берлин пропратена со шокирани погледи на минувачите од кои некои гласно негодуваа и покажуваа „среден прст“.

Некои жени на улиците плачеа, бидејќи токму тој ден светот го обиколија сликите од масакарот во Буча. „Како можете да правите такво нешто - во Украина гинат луѓе“, вика Ерика Б. и самата Германка со потекло од Русија во моментот додека колоната поминува покрај нејзината зграда во центарот на Берлин.

Повеќе: Агресијата на Путин во Украина и шокот на Германците

Се судираат два света. И учесниците на авто-корзото се чудат: и ние само сакаме мир. Но, само по неколку прашања се дознава дека под мир разбираат победа на Русија. „Вистината е на страната на Русија“, вели една жена. Еден маж, пак, вели дека да не се мешал НАТО, сега не би имало војна во Украина. „Но таму ионака сите се нацисти“, додава. Еден маж со маица со ликот на Путин вели оти е тука бидејќи сака да ја поддржи Русија. „Ние нема да го оставиме своето на цедило“, вели. Една млада жена, која пред 8 години дошла од Сибир, не може да се начуди зошто сега сите се против Путин. „Тој само сака да заврши војната која започна во Донбас во 2014 година“, вели.

Една четвртина под влијание на поропагандата на Кремљ

Во исто време се одржа и контрапротест, исто така, со припадници од таканаречените руски Германци од движењето „Демократи-Ја“. Во насока на прорускиот конвој мавтаат со украински знамиња. Активистот Алекс С. со телото се обиде да го запре рускиот конвој. „Ова е пропагандна акција. Срамете се! Руските Германци се против оваа војна!“, вели тој. Но, пораката не допира до оние до кои е испратена.

Научникот Јанис Панагиотидис, кој во својата научна работа се занимава со миграции и тоа особено со оние од подрачјето на поранешниот Советски Сојуз, поаѓа од тоа оти добра четвртина од граѓаните на Германија кои зборуваат руски јазик се наоѓаат под пропагандното влијание на Кремљ. Тој се повикува на таканаречениот СВР миграциски барометар. „На почетокот на војната уште беше мирно во оваа заедница. Но, сега се засили интензитетот на проруските протести што е поврзано и со наводната русофобија“, вели овој истражувач.

Повеќе: Германија конечно му се спротивстави на Путин

Демократскохристијанската политичарка Медина Шојберт, која веќе со години во една сиромашна берлинска населба каде што живеат многу руски Германци работи како социјален работник, вели дека многумина се под влијание на руската пропаганда која ги уверува оти во Германија владее русофобија. Разни, главно лажни вести кои би требало да ја потврдат тезата за германската русофобија преку Телеграм се шират како пожар. Само групата „Германско-руско пријателство“ на Телеграм брои над 30.000 следбеници.

Првите украински бегалци пристигнаа во Германија

Мобилизација на лице место

Една активистка, која сака да остане анонимна, вели дека забележала на видеата на социјалните мрежи дека учесниците и постерите на разнитe проруски протести се исти. „Ова е турнеја која има за цел да ги мобилизира граѓаните со руски корени дека се загрозени во Германија“, вели  активистката.

На митингот во Штутгарт на 9-ти април, учесниците носеа професионално изработени транспаренти, а еден од нив дури го цитираше чеченскиот насилник, Ахмед Кадиров. На собирот се собраа околу стотина учесници. Утешува фактот што ова е мала бројка во споредба со тоа дека, според некои проценки, над три милиони германски граѓани имаат руски или советски корени.