Агрокор: Спектакл за народ без никакви последици?
17 октомври 2017Вториот чин на драмата наречена Агрокор почна спектакуларно. Од рано утро, вчера во Загреб триста полицајци и истражители вршеа претреси и приведуваа досегашни наградувани „столбови на стопанската сцена“. Веќе видени глетки, одведување во полициски возила, фотографии низ автомобилските стакла со вообичаени пикантерии фатени преку високите ѕидови на дворовите, како собарка во униформа во вилата на Цанјуг. Уапсени се 12 лица, сите со ред бивши членови на менаџментот на најголемата хрватска компанија и ревизорската куќа која ги проверуваше финансиските извештаи на Агрокор. Со криминалистичка обработка се опфатени 15 лица - Ивица, Анте и Иван Тодориќ, значи газдата и неговите синови, на пописот на приведените ги нема. Тие се во Лондон.
Резултат - големо ништо
Хрватска сето тоа веќе го има видено. Меѓутоа, падот на моќниците секогаш беше само моментен, никогаш немаше судски епилог кој би ја оправдал помпата која го следеше приведувањето, испитувањето и судењето. „Без размислување“, вели дописничката на Дојче веле и новинарка на порталот novaczasve.com, Хелена Пуљиз, „можам да наведам барен десет такви спектакуларни апсења кои сме ги гледале, а кои резултираа со големо ништо: Иво Санадер, Надан Видошевиќ, медиумските ортаци, злосторничката организација на Никица Јелавиќ, аферата Маестро, Дубровничката банка, Здравко Мамиќ, Милан Бандиќ, Рено Синовчиќ. Ова е спектакл, вовед во тешење на народот кој ќе мора да ги плати туѓите долгови“, изјави таа во гостувањето на телевизија Н1.
Без доверба во судовите
Такви реакции преовладуваат и кај останатите коментатори. Во судството нема преголема доверба. Се поставуваат прашања каде била полицијата досега и зошто им се допуштило на Ивица Тодориќ и синовите мирно да се отселат во Лондон.
Но, токму тие, да ги наречеме „пропаднати“ судски процеси, новинарката на Телеграм која го следи правосудството, Ана Раич Кнежевиќ, ги наведе како причина за спороста на Државното обвинителство на Хрватска. „Тоа е сложен предмет, голем концерн со години воден на авторитетен начин од еден човек. Станува збор за софистициран стопански криминал и на правосудството нема да му биде толку лесно да го расплете. Истражителите не можеа да влезат толку лесно во приказната без конкретни индиции и докази“, вели Раич Кнежевиќ за Дојче веле.
Претседателката на Здружението на судски известувачи на Хрватското новинарско здружение, осијечката новинарка Сузана Лепан-Штефанчиќ, за Дојче веле вели дека е јасно оти случајот Агрокор ќе биде долготраен и комплексен предмет, па несомнено ќе претставува голем предизвик, дури и своевиден испит за хрватското правосудство, важен и за јавноста, чија перцепција на правосудството не е на завидно ниво.
Можеше ли и порано?
„По сето она што веќе се чу во јавноста, беше само прашње на време кога полицијата ќе им зачука на вратата и кога ќе уследат апсења. Како новинарка, јас не можам да коментирам дали реакцијата на полицијата и на истражните судии била правовремена или евентуално задоцнета, како што можеби смета јавноста. Полицијата ја врши својата работа, а сите постапки во оваа фаза се тајни“, вели воздржано Сузана Лепан-Штефанчиќ.
Целосно невоздржан во реакцијата за ДВ беше познатиот борец против корупцијата, Зорислав Антун Петровиќ, со неговото резигнирано тврдење дека ако воопшто се случи судење, евентуална единствена засилена казна во однос на другите огромни прекршители ќе биде што бившиот шеф на Агрокор наместо компири, ќе лупи домати, што е многу потешко.
А во постапката следи испрашување на уапсените, Алојз Панџиќ, Дамир Куштрак, Хрвоје Балент, Ивица Црњац, Оливио Дискордиа, Маријан Алагушиќ, Сања Хрстиќ, Мислав Галиќ, Томислав Лучиќ, Пирушка Цанјуг, Љерка Пуљиќ и Ивица Сертиќ, кое почна денеска утрото.
Рокот тече...
Од моментот на апсење до нивното изведување пред истражен судија смеат да поминат најмногу 48 часа, а во рок од 16 часа по предавањето на притворски надзорник, државниот обвинител е должен да ги испраша. Во истрагата, која покрај испрашување ги вклучува и вчера видените претреси на куќите, домовите, викендиците и деловните простории, привремено одземање предмети и документи, се собираат и докази и податоци потребни за донесување на одлуката дали ќе биде подигнато обвинение или постапката ќе биде прекината. Се испитуваат и доказите за кои постои сомневање дека нема да можат да се повторат на расправата или нивното изведување би било отежнато, објаснува загрепскиот адвокат Антонио Воларевиќ, чија специјалност се токму случаите на стопански криминал.
Државниот обвинител одредува притвор ако утврди дека постојат основани сомневања дека приведениот го извршил кривичното дело, и дека се остварени со закон пропишаните причини како и за истражен затвор. Одлуката за истражен затвор, на предлог на државен обвинител, истражниот судија најверојатно ќе ја донесе уште денеска.
А „газдата“?
Што се однесува на Ивица Тодориќ и неговите синови Анте и Иван, се поставува прашање дали по нив ќе биде издадена меѓународна потерница. Формално, тие не се затекнати на своите загрепски адреси, па би можело да се утврди дека се во бегство, ако во меѓувреме за нив биде одреден притвор. Меѓутоа, со оглед што тие преку своите адвокати тврдат дека не се во бегство и дека ќе соработуваат со хрватските органи на кривичен прогон, моментно нема услови за издавање потерници, вели адвокатот Воларевиќ. Сепак, тој додава дека во следата недела органите на прогонот ќе им дадат можност да покажат дали се во бегство или не.