Ахметовиќ: Нов известувач на Бундестагот за Западен Балкан
14 јануари 2022„На фактот дека моето семејство доаѓа од Босна и Херцеговина секогаш сум гледал како на предност и на еден вид збогатување“, вели во неодамнешниот разговор за ДВ новоизбраниот пратеник од владејачката Социјалдемократска партија на Германија, Адис Ахметовиќ.
Тој функцијата известувач на Бундестагот за Западен Балкан ја презеде од уште еден социјалдемократски политичар, пратеникот со хрватско потекло Јосип Јуратовиќ. Овие двајца пратеници, од самит влез на Адис Ахметовиќ во Бундестагот, блиско соработуваат кога се во прашање темите поврзани со Западен Балкан.
Од самиот почеток активност на Западен Балкан
Во средината на ноември Ахметовиќ и Јуратовиќ, неколку недели откако Ахметовиќ со директен мандат во изборната единица Хановер-Стат I беше избран во Бундестагот, се сретнаа во Штутгарт со членот на Претседателството на БиХ, Жељко Комшиќ. Уште тогаш Ахметовиќ започна критички да се изјаснува за дестабилизирачката улога на претставникот на Република Српска.
„Очигледно од српска страна се поткопува Дејтонскиот мировен договор и тоа така што српскиот претставник во Претседателството на БиХ, Милорад Додик, ги доведува во прашање државните структури“, рече тогаш Ахметовиќ. Тој изрази мислење дека таквите постапки би требало да се запрат „со меѓународни санкции и засилување на меѓународното воено присуство“ во БиХ.
Повеќе: Германски политиколог: Меркел во 2015 година спречи војна на Балканот
На почетокот на декември, Ахметовиќ со тогашниот државен секретар за европски прашања во Министерството за надворешни работи, а сега претседател на Надворешнополитичката комисија на Бундестагот и социјалдемократски колега Михаел Рот, отпатува во БиХ.
Неколку месеци подоцна, поточно на 6 јануари, откако САД воведоа санкции против Милорад Додик и дел од неговите соработници, Ахмертовиќ, сега веќе член на Надворешнополитичката комисија на Бундестагот, рече дека слични чекори треба да преземе и Германија. „Санкциите на САД претставуваат неопходен и правилен чекор кон кој треба да се придружи и Германија. Ние мораме решително да делуваме против оние кои спроведуваат корупција и дестабилизација, и внесуваат раздор во регионот, како и против оние кои тоа го овозможуваат и го поддржуваат“, порача Ахметовиќ.
Главна цел: Стабилност во регионот
Слично нешто веќе со години бара и Јосип Јуратовиќ, кој се залага Германија да престане да соработува со автократските и дестабилизирачките сили во регионот, бидејќи, вели, тоа носи само привиден и моментален мир, но не и долгорочна стабилност. Можеби сега кога СПД е најсилна политичка партија во Бундестагот ќе дојде до некаков напредок во односот кон земјите од Западен Балкан? СПД, но и нејзините коалициски партнери, Зелените и Либералите - за што постојат многу назнаки - очигледно се помалку подготвени да им прогледуваат низ прсти на некои воспоставени величини на Балканот.
Уште еден социјалдемократски член кој е дел од актуелната Надворешнополитичка комисија на Бундестагот, Нилс Шмид, за ДВ пред неколку месеци изјави дека Западен Балкан и натаму ќе биде високо на листата на германските надворешно-политички приоритети. Ќе има, значи, многу работа за новиот известувач за овој регион, а неговите извештаи во претстојниот период ќе им послужат на германските пратеници како основа за донесување на одлуките поврзани со Западен Балкан.
Опасност од домино-ефект
Иако Ахметовиќ во разговорот за ДВ рече дека не сака исклучиво да се концентрира на надворешнополитичките прашања поврзани за регионот на Западен Балкан, и оти како социјалдемократски политичар сака да се занимава и со теми како што е еднаков пристап до образование на децата од сите социјални групи, сепак неговиот парламентарен пат се движи во насока на надворешната политика. Притоа, земјата на неговите родители во досегашните пратенички активности игра важна улога.
„Би апелирал до Обединетите нации, ЕУ и до Германија, да сторат сѐ за да се стабилизира Босна и Херцеговина. Јас тоа не го зборувам затоа што имам потекло од оваа земја, туку навистина сум загрижен дека проблемите во БиХ би можеле да предизвикаат домино-ефект и во целиот регион. Ако потоне бродот БиХ, ќе почнат да тонат и останатите бродови во регионот“, рече Ахметовиќ за ДВ. Тој апелираше и до политичарите во регионот да сфатат оти имаат одговорност како демократски избрани сили да придонесат за коструктивни решенија.
И во соопштението по неговото назначување за известувач за Западен Балкан, Ахметовиќ ја потврди насоката на својот ангажман. „За зачувување на мирот во Европа во иднина нема да се одлучува само на руско-украинската граница, туку во голема мерка и на Западен Балкан, и тоа пред сѐ во Босна и Херцеговина. Затоа активно ќе работам на стабилноста и зачувувањето на мирот во регионот“, рече Ахметовиќ, без да се осврне на некои други проблеми на Балканот.
Како известувач за Западен Балкан (Албанија, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Косово, Северна Македонија и Србија), Ахметовиќ ќе подготвува консултации и мерки и ќе предлага заклучоци до својата социјалдемократска пратеничка група (најголема во Бундестагот) во рамките на Комисијата за надворешна политика, а ќе биде одговорен и за известување на германскиот парламент за ситуацијата на Западен Балкан.