Акција на украинските специјалци во Доњецк и Харков
8 април 2014Наредбата за акција против проруските сили кои зазедоа јавни објекти во источна Украина ја дал директно привремениот украински претседател Олександер Турчинов, потврди заменик-претседателот на Националниот совет за безбедност, Викторија Сјумар.
Трупите во Доњецк ја расчистиле и ја ставиле под контрола административната зграда, кратко претходно зазамена од луѓе лојални на Москва, кои вчера таму прогласија суверена Народна Република. Тие најавија најдоцна на 11 мај одржување референдум за припојување кон Русија, слично како на Крим. Освен тоа, тие побарале од рускиот претседател Владимир Путин да испрати „мировни војници“.
Во вториот град по големина во источна Украина, Харков, дошло до судири меѓу украинските безбедносни сили и проруските. Министерот за внатрешни работи на Украина, Арсен Аваков ја потврди акцијата во Харков.
„Почнавме антитерористичка операција. Центарот на градот е блокиран, но не се вознемирувајте, бидејќи веднаш откако ќе ја завршиме акцијата, повторно ќе го отвориме“, нагласи Аваков.
Во источните и јужните реони на Украина во последното деноноќие од другите делови на земјата пристигнаа дополнителни специјални единици на полицијата, кои се подготвени да решаваат оперативни задачи „без оглед на локалните нијанси“, сооопшти украинското Министерство за внатрешни работи.
Група луѓе вчера и во зградата на регионалната администрација во Харков одржа „собрание на обласната заедница“, на кое е изразена недоверба кон членовите на Харковскиот областен совет. Учесниците на собиот објавија и список на луѓе кои ја презеле обврската на „пратеници од обласниот совет“. На ак-хок седницата е донесена одлука за создавање независна држава под името „Харковска Народна Република“.
САД: Русија мора да се дистанцира
САД и Русија, со оглед на најновиот развој на ситуацијата, најавија нов обид за дипломатско решение. Според американското министерство за надворешни работи, министерот Џон Кери инсистирал во телефонски разговор со својот ресорен руски колега Сергеј Лавров, Русија да се дистанцира од „сеператистите, саботерите и провокаторите“. Двајцата политичари договориле директни разговори во рок од десет дена. На нив треба да учествуваат и претставници на ЕУ и Украина.
Обвинувања од Вашингтон
САД ја сомничат Русија дека ги подбуцнува протестите во источна Украина. Портпаролот на американскиот претседател Барак Обама изјави дека постојат непосредни укажувања дека барем дел од проруските сили се плаќани од Русија. Министерот за надворешни работи Џон Кери смета дека акциите во источна Украина не се спонтани, туку се оркестрирана кампања со руска поддршка.
Русија: Американски платеници работат во југоисточна Украина
Руската влада ги отфрли овие обвинувања.
„Доста е со обвинувања на сметка на Русија, која не е виновна за актуелните проблеми во Украина“, соопшти руското министерство за надворешни работи. Руското Министерство побара под итно да се прекине со сите воени подготовки во Украина, што можат да предизвикаат граѓанска војна.
„Има информации дека во југоисточните региони на Украина, вклучувајќи го и Доњецк, се трупаат единици на внатрешните војски и националната гарда на Украина со учество на борци од националистичкото движење ’Десен сектор’, се наведува во соопштението на Министерството објавено на Фејсбук. Според Министерството, особена загриженост предизвикува ситуацијата дека во овие операции се вклучени околу 150 американски специјалци од приватната воена организација „Грејстоун“, кои носат униформи на борци од единицата „Сокол“. На овие специјалци им е поставена задача со сила да ги задушат протестите на жителите на југоисточните региони против политиката на сегашните киевски власти, се додава во соопштението.
„Организаторите и учесниците во оваа провокација преземаат огромна одговорност, создавајќи закана за правата, слободите и животот на мирните граѓани на Украина и за стабилноста на украинската држава“, се наведува во соопштението на руското Министерство за надворешни работи.