Антарктикот се топи побрзо од порано
14 јуни 2018Топењето на мразот на Антарктикот алармантно се забрза, предупредија денеска научниците, додавајќи дека на Антарктикот од 1992 година исчезнаа 3.000 милијарди тони мраз.
Количеството на вода ослободена со топење на мразот на Антартикот е клучен показател за климатските промени во последната четвртина од векот, таа е доволна да го потопи Тексас со бран висок 4 метри, пресметаа научниците.
Како што се наведува, оваа вода предизвикала глобално зголемување на нивото на океаните за 7,6 милиметри.
Истражувањето објавено во весникот „Натура“ покажува дека Антарктикот во периодот меѓу 1992 и 2011 година годишно губел речиси 84 милијарди тони мраз, а во последните 5 години овој број е зголемен на над 241 милијарди тони.
Повеќе:
-Рекорден раст на температурите во 2017 година
-Топењето на мразот на Антарктикот не може да се запре
„Мислам дека треба да се загрижиме, но тоа не значи оти треба да очајуваме“, вели Изабела Великогна од Универзитетот во Калифорнија, една од 88-те автори на истражувањето. Како што наведе, промените се случуваат побрзо од очекуваното.
Делови од западниот Антарктик, каде што топењето е најбрзо, се во фаза на распаѓање, наведе коавторот Ијан Џонхин од Универзитетот во Вашингтон.
Научниците од Американската вселенска агенција (НАСА) и Европската вселенска агенција спроведуваат истражувања на секои неколку години за да имаат сеопфатна слика за тоа што се случува на Антарктикот и на Гренланд.
Стручњаците наведуваат дека само топењето на мразот на Антарктикот до крајот на векот би можело да го подигне нивото на морето за 16 сантиметри. Студијата е спроведена на 24 различни локации, со 15 сателити, истражувања на теренот и со компјутерски симулации.