Апсења поради протестите на „Жолтите елеци“
8 декември 2018Францускиот премиер Едуар Филип изјави дека од утрината откако започнал протестот на движењето „Жолти елеци“ во Париз се приведени 481 лице од кои 211 се задржани во притвор.
Филип им се заблагодари на политичарите, синдикатите и на граѓаните кои повикаа на смиреност и воздржаност за да можат оние Французи кои сакаат да ги изразат своите барање тоа да го сторат на мирен начин да не се мешаат со престапниците.
Премиерот им се обрати на новинарите по состанокот во министерството за внатрешни работи одржан поради најавените протести ширум Франција.
Многу француски медиуми денеска емитуваат специјални програми или во живо ги следат протестите во Франција каде се распоредени вонредни сили на безбедност поради големите немири кои избија пред една недела.
Повеќе:
-„Жолтите елеци“ предупредуваат од граѓанска војна во Франција
-Жолтите елеци притискаат, Макрон во рикверц
-Франција: Да живее анархијата!
Инаку француската полиција и денеска употреби солзавец против насилните демонстранти од движењето „Жолти елеци“ во близината на Елисејските полиња. Повеќе канистри со солзавец се испалени на собраните луѓе во улица во близината на Триумфалната капија во намера полицијата да ги натера да се повлечат. Некои од собраните возвратија со камења и со петарди.
Од утрината на Елисејските полиња протестираат повеќе илјади луѓе. Протести со околу 2000 припадници на „Жолтите елеци“ има и во Марсеј но и во соседна Белгија. Така во Брисел приведени биле 70 луѓе. Полицијата соопшти дека станува збор за „превентивна мерка“.
Протестите започнаа на 17 ноември поради најавеното зголемување на данокот за гориво, и се претворија во општо незадоволство од политиката на претсетателот Емануел Макрон.