1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Асанж се сокри во Еквадорската амбасада во Лондон

ЕМФ/миа/дв20 јуни 2012

Основачот на интернет-страницата Викиликс и поранешен австралиски хакер Џулијан Асанж, кој живее во Велика Британија, се сокри во Амбасадата на Еквадор во Лондон.

https://p.dw.com/p/15I91
Фотографија: dapd

Џулијан Асанж бара политички азил во Еквадор. Еквадорската амбасада синоќа (20.06) потврди дека Асанж се наоѓа кај нив и дека таму ќе остане се‘ до разрешување на случајот. Претставник на амбасадата изјави дека барањето на основачот на Викиликс им е предадено за одлучување на властите во Кито.

Австралијанецот дошол до зградата на амбасадата, што се наоѓа во елитниот лондонски кварт Најтсбриџ и кога бил пуштен да влезе, им рекол на дипломатите дека е дојден за да добие азил во Еквадор и притоа се повикал на декларацијата на ОН за човекови права. Министерот за надворешни работи на Еквадор Рикардо Патино за британските медиуми изјави дека се разгледува барањето на Асанж.

Потврда за ова има и од британскиот Форин Офис, а претставник на министерството објасни дека Австралијанецот побегнал на територија, на која според дипломатските норми, британската полиција нема право да интервенира.

Außenminister Ricardo Patino Equador Julian Assange Botschaft
Рикардо Патино, министер за надворешни работи на ЕквадорФотографија: dapd

Асанж од минатата година, формално, се наоѓа во домашен притвор, чекајќи на решавање на неговиот случај со екстрадицијата во Шведска. Тамошните правосудни власти го бараат затоа што е осомничен за силување и за сексуална принуда во случаите на две млади жени во Стокхолм, во август 2010 година. На крајот од минатиот месец, британскиот Врховен суд ја одби жалбата на Асанж и на неговите адвокати, а минатата недела и нивното барање за повторно разгледување на неговиот случај, па тој од идната недела би можел да биде екстрадиран во Шведска. Основачот на Викиликс тврди дека е невин и дека обвинувањето е „политички мотивирано“, за да може преку Стокхолм да биде префрлен во САД, за да му се суди за неовластеното објавување на тајните документи на Пентагон и телеграмите на американските дипломати, што тие му ги испраќале на Стејт департментот. Асанж стравува дека во САД му се закакнува смртна казна. Викиликс пред две години предизвика бура во светската јавност со објавувањето илјадници тајни американски документи, меѓу нив и документ за војните во Ирак и Авганистан.