1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Аушвиц: Опомена за отворено, хумано општество

Кристоф Штрак/превод: Зоран Јордановски27 јануари 2015

Седумте децении од ослободувањето на Аушвиц е една од последните можности за одбележување во присуство на преживеаните од националсоцијалистичкото расно лудило. Шанса што треба да се искористи, смета Кристоф Штрак.

https://p.dw.com/p/1EQeN
Фотографија: picture-alliance/dpa

Тоа е место на ужасот. Аушвиц - името на најголемиот германски концентрационен логор на смртта е симбол за националсоцијалистичкото лудило. Посетата на денешниот меморијален центар го остава човека без зборови со оглед на нечовечноста што можела да им биде својствена на луѓе, и со оглед на страдањето што овде Германците им го приредиле на луѓе од толку многу земји.

Не е мала бројката на преживеаните што никогаш веќе не се вратија на ова место. Жан Амери, Тадеуш Боровски, Примо Леви не можеа да излезат на крај со фактот дека преживеале и години или децении по 1945. си го одзедоа животот. Оној, кој ги придружува или набљудува некогашните логораши од Аушвиц, чувствува: ужасот никогаш не престанува, никогаш. Остануваат сликите, болката. Доаѓаат стари луѓе, кои како деца овде останале без родители, браќа и сестри, и никогаш не го заборавиле моментот кога мораа да ја пуштат раката на најближниот. На големата комеморација пред 10 години одненадеж еден стар, подгрбавен човек се проби низ редовите на државниците и официјалните гости, клекна на колена пред рампата, го бакна каменот и плачејќи повторно исчезна. Таа слика, таа сцена зборува повеќе за необјаснивоста на ова место отколку сите говори на тој ден.

Последна комеморација со преживеаните

Денеска (27.01.2015) повторно стотици преживеани ќе дојдат во Аушвиц-Биркенау, Евреи од многу земји, како и околу 100 некогашни логораши од Полска. За последен пат сведоците ќе бидат во толку голем број присутни на комеморацијата и ќе му дадат белег на денот. Треба да ги слушнеме додека се тука. Нивните раскажувања мора да бидат налог за нас.

Christoph Strack Redakteur im DW Hauptstadtstudio
Кристоф ШтракФотографија: DW

Поминаа повеќе од 50 години додека Германците да го прогласат денот на ослободувањето на Аушвиц за Ден во спомен на жртвите на националсоцијализмот и специјално по тој повод да се состанува Бундестагот. Штета што годинава, во која вниманието толку толку многу е насочено кон преживеаните, нема да зборува никој од нив, туку претседателот на Германија.

Ќе успее ли ова историско сеќавање? Остануваат ли Германците на својата трајна одговорност? Иритира една пред неколку дена објавена анкета, според која 81 процент од испитаниците би сакале историјата за прогонот на Евреите „да остане зад нив“. Од друга страна, меморијалните центри на концентрационите логори во Германија бележат значително зголемен број на посетители. И Аушвиц-Биркенау лани забележа рекорд со повеќе од еден ипол милион посетители. Обете работи покажуваат: сеќавањето на шоа (холокаустот, н.з.) е живо, но не е разбирливо само посебе и ни оддалеку не е општествен консензус. И, се’ уште не е разбирливо само по себе дека секој тинејџер во Германија, кога и да е за време на школувањето, ќе посети некој логор од времето на нацистите. А, всушност, зошто не би?

Да се зачува будноста и да не се запаѓа во закоравен ритуал

Подем на деснопопулистички движења, демонстрации од нов вид, дрскост расистички ставови да се објавуваат на интернет или дури и да се кажат на микрофон - деновиве особено се покажува колку е неопходно сеќавањето на катастрофата со нацистичките ужаси. Нужна е будност. Комеморацијата никогаш не смее да стане ритуал, туку мора да има консеквенции.

Францускиот филмски творец Клод Ланцман, кој во своите дела постојано го тематизира холокаустот, вели дека нему му е важно темата да е постојано актуелна, да постои свест за работите врз кои почива денешницата. Тука спаѓа Аушвиц и одговорноста за тоа, човек никогаш веќе да не стане нечовек. Тоа им го должиме не само на жртвите - тоа е премалку. Ние му го должиме на општеството, кое треба да остане хумано. Аушвиц е место на ужасот. Името останува, како опомена, како обврска.