1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Западен Балкан: Напад врз мировниот проредок на Европа

Марион Кразке
8 мај 2021

Фантазиите за поделби по етнички линии доживуваат нов процут во поранешна Југославија. Ако на ЕУ не ѝ успее да ги спречи национализмите, во регионот се закануваат нови конфликти, кои не може да се контролираат.

https://p.dw.com/p/3t6HX
Kroatien-Krieg 1991 - Entwicklung der Migration nach Deutschland
Фотографија: picture alliance/dpa

Импресивен е филмот „Quo Vadis, Aida“ на режисерката Јасмила Жбаниќ, кој беше номиниран за Најдобар филм на странски јазик на годинешните филмски награди Оскар. Босанската режисерка го прикажува очајот на луѓето во Сребреница кога српските трупи, предводени од генералот Ратко Младиќ, го зазедоа малиот град во источна Босна во јули 1995 година за на терен да го спроведат декларираната политичка цел -  создавање на голема Србија. За тоа беа убиени над 8.300 мажи и момчиња, повеќето муслимани. Геноцид на европско тло.

Филмот на Жбаниќ е предупредување - и доаѓа во вистинско време. Бидејќи речиси 26 години по војната во поранешната југословенска Република Босна и Херцеговина која заврши со Дејтонскиот мировен договор, земјата е подложена на нови напади. Како и во 90-тите години од минатиот век, кога хрватскиот претседател Фрањо Туѓман и српскиот владетел Слободан Милошевиќ сакаа да ја поделат Босна меѓу себе и откако започнаа воените злосторства, непоправливите екстремисти сега се обидуваат да го завршат она што воените војсководци во тоа време не го постигнаа: да се уништи Босна заедно со нејзината мултиетничност.

"Quo Vadis, Aida?“ | Neuer Film von Jasmila Zbanic über Massaker von Srebrenica
Сцена од филмот „Кво Вадис, Аида?“ на Јасмила ЖбаниќФотографија: Deblokada Produkcija/Sarajevo

Повторно кружат фантазии за поделба кои го доведуваат во прашање постоењето на републиката во срцето на поранешна Југославија. Според извештаите на медиумите, таканаречениот нон-пејпер од перото на словенечкиот премиер Јанез Јанша, недвосмислено пропагира ново цртање граници по етнички линии. Набљудувачите претпоставуваат дека делови од него се напишани во Будимпешта - очигледно од кругот на унгарскиот премиер Виктор Орбан, влијанието на етничко-популистичките струи е евидентно.

Протерување, убиства, масовни силувања

Во основа, формулирано е создавање на Голема Србија, Голема Хрватска и Голема Албанија. Ова значи опасно оживување на оние идеологии кои од раните 90-ти години повеќепати доведоа до раселувања, убиства и масовни силувања на Западен Балкан. И покрај сето тоа, тие сè уште имаат свои приврзеници.

Повеќе:

-Западен Балкан: Лошата стара игра со географски карти

-Нон-пејпер: Опасен пат во експлозивното минато на Западен Балкан 

-Кој црта нови граници во Македонија

Хрватска, на пример, веќе подолго време лобира во Брисел за наводно поблага варијанта на сепарација на Босна. Она што се подразбира е, слободно кажано, истото: хрватско-босанските екстремисти бараат трет сопствен „ентитет“. Тие сакаат продлабочување на етничката поделба - и по можност приклучување кон хрватската татковина. Во меѓувреме, сè поагресивни тонови доаѓаат од Белград: Обединувањето на српскиот свет започна одамна, објави деновиве српскиот министер за внатрешни работи, Александар Вулин, и не може да биде „запрено“.

Предупредување од Босна

Мисловните игри за „мирно растурање“ на Босна претставуваат сериозни напади врз сегашниот мировен поредок, гласи алармирачкиот заклучок во последниот извештај на високиот претставник на меѓународната заедница во БиХ, Валентин Инцко, до Советот за безбедност на ООН.

DW Interview Valentin Inzko
Валентин Инцко, висок меѓународен претставник за БиХФотографија: Marina Martinovic/DW

Германскиот министер за надворешни работи Хајко Мас категорично ги исклучува промените на границите. Но, сепак се поставува прашањето: Колку Берлин и Брисел се подготвени ова непогрешливо јасно да им го укажат на провоцирачките кругови на моќта - од Загреб преку Љубљана до Будимпешта и Белград - и со тоа да осигураат крвавата политика на етнонационалистите да не смее да се шири како визија за иднината?

Слабоста на ЕУ

Освен тоа, најновите предлози ја откриваат и слабоста на Европската унија, преку која се создаде опасен вакуум во регионот. Така, досега, Брисел не беше во можност да му покаже на Западен Балкан јасна перспектива за интеграција во ЕУ. Наместо бескомпромисна демократизација, таа се потпре на сомнителна соучесништво со владејачките етнички кланови и им помогна на корумпираните елити да ја консолидираат својата моќ и да ги зајакнат екстремистичките агенди.

Најдобар пример за погрешна политика за смирување беше злогласната иницијатива за размена на територии меѓу Србија и Косово; освен  тоа, ЕУ во 2020 во Босна со таканаречениот „Мостарски дил“ ги легитимираше токму оние националистички партии кои со години ја држат земјата во постојана парализа. Во исто време, оние актери кои се всушност сојузници на Европа се оставени на цедило: активисти за граѓански права како публицистот Стефица Галиќ, на кои им се закануваат затоа што се спротивставуваат на картелите на моќ во Мостар.

 Bosnien und Herzegowina | Mostar Alte Brücke
Фотографија: DW/D. Dedovic

Опасни домино ефекти

Добар совет за Брисел би бил конечно да стави им крај на наративите за прочистените етнократии, особено во рамките на ЕУ. Веќе се појавуваат опасни домино ефекти: Српскиот претседател Александар Вучиќ, кој во германската надворешна политика долго време важеше за столб на стабилноста, преку насочено влијание се обидува да ги дестабилизира не само Босна и Херцеговина, туку и соседните држави Црна Гора и Косово.

Хрватска, исто така, сè повеќе ја разгорува Студената војна против нејзиниот кревок сосед БиХ: Пред неколку дена, претседателот Зоран Милановиќ покажа колку најмладата членка на ЕУ им го врти грбот на нехуманите идеологии: Тој имено одржа прием за осуден воен злосторник од оние хрватско-босански воени единици (ХВО) кои убиваа цивили во босанската војна.

Против мирот

Не секој осуден од Меѓународниот трибунал на Југославија во Хаг е воен злосторник, гласи тезата на хрватскиот претседател. Според една актелна студија, Хрватска речиси и да се нема вистински соочено со своето фашистичко минато во Втората светска војна: Само околу една третина од анкетираните млади луѓе се согласуваат дека тогашната „Независна држава Хрватска“ (НДХ) беше марионетска држава на нацистичка Германија.

Едно е сигурно: стабилократиите со духовни пиромани на врвот и наводните решенија по етничките линии не се рецепт за иднината на Западен Балкан - тие стојат на патот на создавање мирна Европа. Затоа Западот мора веднаш да реагира, апелира американскиот експерт за Балканот, Даниел Сервер во посебен нон-пејпер, посочувајќи на растечкото влијание на Русија и на Кина.

Доколку регионот биде оставен сам на себе, вели Сервер, тоа ќе резултира со поголема нестабилност, етнички конфликти и зголемување на миграцијата. Доколку ЕУ не успее да го запре потпалувањето, не може да се исклучат нови ексцеси на насилство. Последниот обид за обединување на Србите, предупредува босанскиот публицист Драган Бурсаќ, заврши со геноцид.

Марион Кразке, политиколог и новинарка, од 2015 до 2021 година раководеше со канцеларијата на фондацијата „Хајнрих Бел“ за Босна и Херцеговина, Северна Македонија и Албанија со седиште во Сараево.