1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Барањето за реформа на Шенгенскиот договор е бесмислено

5 мај 2011

Француско-италијанскиот спор околу бегалците од северна Африка ескалираше и сега ЕУ проверува дали мора да биде реформиран Шенгенскиот договор. ЕУ не треба да го става на коцка едно од нејзините најголеми достигнувања.

https://p.dw.com/p/119PL

Одредбите од Шенгенскиот договор за слободно патување во рамките на границите на Европската унија не би требало да се менуваат. Тој договор нема ништо заедничко со спорот меѓу Италија и Франција околу бегалците. И двете држави со своето однесување го прекршуваат тој договор, кој во меѓувреме стана дел и од Лисабонскиот договор, на кој почива ЕУ. Италија им издаде визи на бегалците, кои не ги исполнуваа условите за нивно добивање. Намерата на Италија на тој начин да им овозможи на бегалците да заминат од земјата го прекршува принципот на ЕУ, дека секоја држава е одговорна за бегалците кои ќе стапнат на нејзино тло.

Се става на коцка едно од најголемите достигнувања на ЕУ

Франција не би смеела да воведува пасошки контороли на границата со Италија. Тоа е дозволено само доколку постои опасност за безбедноста на некоја држава, што сигурно не претставуваат неколку стотици бегалци со визи добиени во Италија.

Bernd Riegert
Авторот на коментарот: Бернд Ригерт, уредник во Дојче Веле

Слободата на движење во рамките на ЕУ е едно од најголемите достигнувања на таа организација. Владите на Италија и на Франција тоа достигнување го ставија на коцка поради внатрешнополитички причини, па дури и од популистички причини. Барањето на тие две држави да се реформира Шенгенскиот договор, кој го прекршуваат и едната и другата, е бесмислено.

Министрите за внатрешни работи на земјите членки на ЕУ, кои за тоа ќе расправаат наредната недела би требало одлучно да го отфрлат. Наместо тоа, земјите членки на ЕУ би морале да се погрижат да ги исполнат своите обврски и да го обезбедат оној дел од нивните граници кој не води до некоја држава членка на Унијата. За таа цел мора да се зајакне европската гранична служба Фронтекс. Освен тоа веќе со години се одолговлекува со воведувањето на единствениот систем за податоци за сите визи кои се издаваат во поединечните држави.

ЕУ се’ уште нема заедничка политика за мигрантите

Пренапумпаниот конфликт меѓу Италија и Франција го оттргнува вниманието од вистинскиот проблем. ЕУ, имено, се’ уште нема заедничка политика за мигрантите, како легални, така и нелегални. Дури во 2012 година треба да бидат воведени заеднички прописи кои се однесуваат на азилантите. Италија веќе со години му пристапува несериозно на тој проблем, ги препушта мигрантите на нивната судбина, а потоа се жали дека е преоптоварена.

Од десетте држави на Унијата со најмногу азиланти, Италија е на деветтото место. Најмногу азиланти пристигнуваат во Франција и во Германија. Најголемиот дел од нелегалните мигранти не стигнуваат по морски пат, преку Средоземното Море, или пак по копнен пат, преку Грција, туку доаѓаат со туристичка виза и остануваат нелегално во некоја од државите во Европската унија. Сето тоа нема никаква врска со пасошките контроли на границите и Шенгенскиот договор.

Автор: Бернд Ригерт

Превод: Симе Недевски

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска