1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Белорусија: Тихановскаја принудена да избега?

ЖА / агенции
11 август 2020

Светлана Тихановскаја, противкандидатката на белорускиот претседател Александар Лукашенко, која не го признава неговиот реизбор, се засолнила во Литванија.

https://p.dw.com/p/3gmOT
Belarus Präsidentschaftswahl Oppositionskandidatin Swetlana Tichanowskaja
Фотографија: Reuters/V. Fedosenko

„Таа пристигна во Литванија и е на безбедно место", изјави денеска министерот за надворешни работи на Литванија Линас Линкевициус за новинската агенција АФП. Политичката ситуација во Белорусија по одржаните претседателски избори е екстремно напната. Полицијата употребува брутална сила против илјадниците демонстранти кои протестираат против победата на Лукашенко за која сметаат дека е фалсификувана. Во протестите загина еден демонстрант.

Линкевициус не наведе детали за бегството на Тихановскаја. Литванија, членка на ЕУ и на НАТО, и во минатото често беше прибежиште за опозиционери од Белорусија и Русија. Вчера првично владееше неизвесност околу тоа каде се наоѓа Тихановскаја. Откако повеќе часови безуспешно се обидувал да ја добие телефонски, литванскиот министер за надворешни работи изрази загриженост околу нејзината безбедност.

Во белорускиот главен град Минск синоќа по втор пат по ред дојде до насилни конфронтации меѓу силите за безбедност и демонстрантите. Маж загина од експлозив кој сакал да го фрли врз полицајците и кој експлодирал во неговите раце, соопшти Министерството за внатрешни работи. Според полицискиот портпарол, повредени се повеќе лица на протетсите, но конкретен број не е наведен.

Belarus Proteste nach Präsidentschaftswahl
Полицијата постапува насилно кон демонстрантитеФотографија: Reuters/V. Fedosenko

Демонстрантите го обвинуваат авторитарниот претседател Александар Лукашенко, кој на чело на државата е 26 години, за масивно фалсификување на официјалниот изборен резултат, според кој тој со преку 80 проценти од гласовите освои шести мандат.

Тихановскаја, која пред изборите собра голем број приврзеници, наводно добила само неполни 10 проценти од гласовите. Германската влада, исто како и Европската унија, изразија сомнеж во официјалниот изборен исход.

Повеќе:

Изборна фарса на Лукашенко во Белорусија

Прогласена победа на Лукашенко, протести и судири низ земјата

Избори во Белорусија: Жената која го предизвикува Лукашенко

Последниот европски диктатор слави 25 години на власт

Револт во меѓународни рамки предизвика и големата бруталност со која полицијата се пресметува со илјадниците луѓе излезени на протести. Полицајците вчера пукаа со гумени куршуми и употребија солзавец, како што сведочат репортери на АФП и други лица.

Демонстрантите фрлале камења и молотови коктели кон полицијата. „Наша цел е да го смениме Лукашенко. Тој не заслужува да биде претседател", изјавил еден 34-годишен демонстрант за АФП.

Уште на демонстрациите во претходниот ден според наводи на Министерството за внатрешни работи биле повредени преку 50 цивили и 39 полицајци. Во Минск и други градови во часовите по затворањето на гласачките места се уапсени околу 3.000 демонстранти.

Од опкружувањето на Тихановскаја се тврди дека таа не учествувала на протестите, сакајќи да избегне провокации. „Властите можат да ја искористат секоја провокативна ситуација за да ја уапсат, а нам таа ни треба слободна", изјави Ана Красулина, портпарол на претседателската кандидатка.

Тихановскаја веднаш по соопштувањето на официјалните изборни резултати јасно кажа дека не ги признава и се смета за победник на изборите. Таа апелираше со владата да размисли околу начин за мирно предавање на власта. Тихановскаја вчера се упатила да вложи жалба до Изборната комисија. Првично како кандидат на претседателските избори планираше да настапи сопругот на Тихановскаја, познатиот блогер Сергеј Тихановски, но откако тој беше успасен и спречена неговата кандидатура, Светлана настапи на негово место.