Бериша призна и се повлече
27 јуни 2013Сали Бериша вчеравечер (26.06) одржа говор како ретко досега. Образложувајќи дека народот не го изгласал да ја води извршната власт уште четири години рече дека ја почитува волјата на народот на изборите.
„Во мојата политичка кариера повеќе од две децении јас на секоја позиција која сум бил себе си се гледав како човек кој е во служба на мојот народ и мојата земја. И покрај моите здравствени проблеми, никогаш не се откажав од исполнувањето на моите обврски, одговорно и доследно“, рече меѓу другото Бериша.
Победата не тропна на вратата на ДП, зашто, како што рече Бериша, граѓаните гласале за спротивната програма, програма која „не може да се реализира“:
„Нашите граѓани гласаa за програмата на нашите опоненти, за ветувања кои не може да се реализираат, како што е бесплатно здравство и укинување на даноците. Овие ветувања не можеме да ги реализираме бидејќи тие се во спротивност со економските слободи“, рече Бериша, притоа честитајќи му ја победата на политичкиот противник и посакувајќи му успешна работа.
„За поразот одговорноста паѓа врз мене, врз Сали Бериша. Затоа давам оставка од сите функции во Демократската партија“, соопшти Бериша, кој како што самиот рече останува на функцијата премиер до септември, кога парламентот треба да ја изгласа новата влада, како и на чело на партијата до избор на негов наследник.
На изборите во Албанија победи левицата, освојувајќи 84 пратенички места. Коалицијата околу демократите на Бериша освои 56 места.