1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Берлин: Иванов го наруши Договорот од Пржино

Б. Георгиевски20 април 2016

Официјален Берлин повторно испрати остри пораки кон Скопје. Германската влада е многу загрижена за состојбата во земјата и отворено го критикува претседателот Иванов. Признавањето на резултатите од изборите е под прашање

https://p.dw.com/p/1IZ8H
Фотографија: picture-alliance/dpa/T. Engel

Македонскиот претседател Ѓорге Иванов со прогласената амнестија за политичари и нивни соработници го прекрши Договорот од Пржино, оценува официјален Берлин. Германија не е сигурна дали ќе ги признае резултатите од изборите доколку тие се одржат под вакви услови.

На прашање на ДВ, портпаролот на германското МНР, Мартин Шефер денеска објасни дека владата веќе подолго време со загриженост го следи развојот на настаните во Македонија.

„Германската влада е многу загрижена поради состојбата во Македонија. Во Македонија работите веќе подолго време не одат добро и покрај тоа што во германските медиуми за тоа многу не се јавува“, вели Шефер.

„Од почетокот на политичката криза или ако сакате и на конфликтите, а зборуваме за повеќе од една година, меѓу владата и опозицијата, германската влада е многу ангажирана заедно со Европската комисија да посредува во потрага по компромис. Сето време цврсто ја поддржуваме мисијата на еврокомесарот Јоханес Хан, кој во последните недели изрази особена загриженост поради најновиот развој на политичката криза по одлуката на претседателот Иванов да прогласи амнестија за лица за кои Специјалното обвинителство би можело да поведе постапка и со тоа ризикуваше да го урне тешко постигнатиот Договор меѓу власта и опозицијата“, вели Шефер.

Германската влада одбива да каже дали ќе ги признае резултатите од изборите доколку тие се одржат во вакви околности.

„Во оваа фаза е тешко да се каже што ќе се случи и дали постојат услови за да се одржат избори и дали тие можат да се одржат за шест недели и дали ќе ги признаеме резултатите или не“, вели Шефер.

„Во секој случај, одлуката на македонскиот претседател е нарушување на Договорот. Како што веќе се изјасни и министерот за надворешни работи (Штајнмајер н.з.) мора да се работи на компромис и да се почитува договореното.

Преговорите во Виена, според портпаролот, ќе бидат можност да се расчистат недоразбирањата.