1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Конфликти

Битка за превласт во источна Украина?

Роман Гончаренко
25 ноември 2017

Вооружани мажи без ознаки: во сепаратистичкото упориште во источна Украина очигледно замав зема битката за превласт. Сцените од градскиот центар наликуваат на анексијата на Крим.

https://p.dw.com/p/2oFMs
Ukraine Innenstadt von Luhansk Sicherheitskräfte
Фотографија: picture-alliance/dpa

Колона воени камиони ноќно време влегува во градот Луганск. Се гледаат само контурите и светлата. Аматерската снимка што излезе изминатиот вторник веројатно го фатила пристигнувањето непознати сили во источно-украинското место Луганск, упориште на сепаратистите кое Киев неодамна заедно со Доњецк го оквалификува како територија окупирана од Русите. Сцената многумина Украинци ги потсети на првите денови од руската анексија на полуостровот Крим во февруари 2014 година. Впечатокот се засили кога во вторникот вооружани и маскирани мажи во униформи без ознаки затворија улици околу „Министерството за внатрешни работи" во градскиот центар.

Тешко е да се добијат сигурни информации за состојбата, но вријат теориите околу можен обид за „пуч". Мисијата на ОБСЕ единствено преку Твитер потврди дека има присуство на „воени возила и непознати вооружани лица" во центарот на Луганск.

Конфликт со „министерот за внатрешни работи"

Засега многу нешта укажуваат на битка за превласт меѓу водачите на самопрогласената република Луганск, Игор Плотницкиј, и неговиот „министер за внатрешни работи", Игор Корнет, кој пред неколку дена изјави дека ситуацијата наскоро „ќе се расчистела". Точните причини за конфликтот се нејасни.

Volksrepublik Lugansk Separatistenführer Igor Plotnizki
Игро ПлотницкијФотографија: Vasily Maximov/AFP/Getty Images

Според некои информации, има истрага против „министерот за внатрешни работи". Меѓу другото тој  се товари дека нелегално станал сопственик на туѓа куќа. 53-годишниот Плотницкиј ја води „народната република" Луганск уште од август 2014. Во август 2016 тој преживеа обид за атентат.

Украинскиот министер за надворешни работи, Павло Климкин, во средата изјави дека станува збор за „одмерување на силите", не само меѓу „бандити", туку и меѓу руските тајни служби. Украинскиот пратеник Димитро Тимчук на својот Фејсбук профил пиша дека вооружените мажи биле припадници на руска приватна воена фирма. Нивна задача било да не дозволат да ескалира конфликтот меѓу Плотницкиј и Корнет. Наводно преку блиската граница минале и неколку камиони со редовни руски војници и се упатиле во Луганск. Овие искази не може да се проверат. Неколку руски медиуми во средата пишуваа за наводен упад во јавното обвинителство на Луганск и за повеќе апсења.

Русија ги отфрла гласините за присуство на нејзина војска на истокот на Украина. Димитриј Песков, портпаролот на Владимир Путин, не сакаше да се изјасни за случувањата во Луганск. Се набљудувала ситуацијата.

Путин му ја зацврсти позицијата на Плотницкиј

Би било невообичаено Плотницкиј навистина да биде симнат од власт преку пуч. Пред само една недела рускиот претседател Путин му ја зацврсти позицијата на лидерот на сепаратистите со тоа што за првпат директно телефонираше со него и со лидерот во Доњецк, Александар Сахарченко.

Во телефонските разговори станувало збор за нов обид за размена на затвореници со Киев кој со години се влече. Размената на затвореници е дел од претежно неисполнетите услови од мировниот договор од Минск. Доколку во Луганск сепак дојде до смена на власта, тоа веројатно повторно ќе го закочи и процесот од Минск или целосно ќе го стави под прашање.

Ukraine Leben in Luhansk Grenze Stanica Luhansk
Фотографија: DW/F. Hofmann

Украинските воени сили според нивни информации се подготвиле за можна ескалација на засега само делумно замрзнатиот конфликт. „Очекуваме нова ескалација", вели извор на Дојче Веле од делот на Луганск кој е под контрола на Киев.

Фузионирање меѓу Доњецк и Луханск?

Во Киев се шпекулира и за можна друга заднина на настаните - спојување на „републиките" Доњецк и Луганск. Лидерот на Доњецк, Сахарченко, уште летоска предложи формирање нова држава со името "Мала Русија".  Во Луганск реагираа без одушевување за идејата.