1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

БиХ повторно ќе загуби милиони од ЕУ

Марина Максимовиќ/Б. Георгиевски17 септември 2013

Доколку до 1. октомври властите во БиХ не се договорат, ЕУ ќе откаже нови девет милиони евра предпристапна помош за земјата. Најголемата штета повторно ќе ја трпат граѓаните, предупредуваат од Брисел

https://p.dw.com/p/19igB
Фотографија: Nedim Grabovica/klix.ba

Босна и Херцеговина повторно има проблеми со реализацијата на европските пари од Инструментот за предпристапна помош (ИПА). Пред точно две години Европската комисија се закани со суспензија на пакетот од 96 милиони евра помош поради неможноста на властите во земјата да се договорат и на Брисел да му достава програма за проекти од БиХ. Овојпат, повторно поради неможноста на политичарите да постигнат договор, на земјата веќе и се одземени пет милиони евра, а за две недели на таа сума би можеле да бидат додадени уште девет милиони евра од ИПА фондовите. Во Европската комисија велат дека се принудени на таков чекор поради непостоење на механизам за координација во БиХ. Се додава и дека „Сараево треба да одговори на прашањето во што е проблемот?“

„Први октомври е последниот рок и се надеваме дека одговорните политичари и органите на власта во БиХ ќе сторат сѐ за што побрзо да дојдат до договор и решение. Говориме за девет милиони евра наменети за развој на мали и средни претпријатија, што е многу важно за отворање нови работни места во БиХ. Тука се и три милиони евра наменети за проекти на социјална инклузија. Сметаме дека е во интерес на БиХ, властите да најдат начин да го решат овој проблем, бидејќи во спротивно парите не можат да бидат искористени, а граѓаните се тие кои на крајот страдаат“, вели портпаролот на комесарот за проширување, Петер Стано.

Координација и имплементација

Во Брисел веќе со години наназад повторуваат дека за напредокот на БиХ на патот кон членство во ЕУ прв неопходен чекор е имплементацијата на пресудата Сејдиќ-Финци. На второ место е развојот на ефикасен координативен механизам кој ќе се занимава со прашања поврзани со ЕУ, меѓу другите и со ИПА програмата. Токму тие две теми, токму како и во претходниот случај, ќе бидат во фокусот на третата рунда од дијалогот на високо ниво за пристапување која на 1. октомври во Брисел ќе ги собере сите политички лидери од БиХ.

Peter Stano Pressesprecher der EK für Erweiterung und Nachbarschaftspolitik
Петер СтаноФотографија: European Commission

„Општата неможност за договор за заедничкиот пат напред се гледа и во случајот со пресудата Сејдиќ-Финци, како и во европскиот механизам за координација. Доколку немате ефикасен механизам за координација ќе имате натамошни проблеми во користењето на парите од ИПА фондовите. Тука постои поврзаност, а 1. октомври е датумот до кога тие прашања треба да се решат“, наведува Стано.

Во Брисел ја повторуваат желбата да и помогнат на БиХ на нејзиниот европски пат, но предупредуваат од можноста за ново кратење на фондовите поради неисполнување на условите, како и на фактот дека БиХ веќе ги крши меѓународните обврски со неуспешната имплементација на пресудата Сејдиќ-Финци, поради што се доведува во прашање и европската оценка за претстојните избори во БиХ.