1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Историја

Благодарност за големиот канцелар

СН/ дв
17 јуни 2017

Смртта на Хелмут Кол разбирливо е во фокусот на германските медиуми. Печатот се занимава со неговото огромно политичко наследство, но се присетува и на мрачното поглавје во биографијата на големиот канцелар.

https://p.dw.com/p/2erah
Audioslideshow Helmut Kohl
Фотографија: picture-alliance/dpa

„Она што ќе остане е сојузниот канцелар Хелмут Кол кој неколку пати во вистински момент направи вистинска работа. Не беше сѐ добро, но некои работи беа толку добри што постигнаа историско значење: Не, обединувањето на Германија не му падна од небо на Кол, а ни европското обединување не се случи толку едноставно. Кога станува збор за Европа, Кол навистина најпрво имаше визија, а потоа неговата влада разви стратегија. Не одеше секогаш лесно, но на крајот доведе и до оваа Европа, во тешка состојба, која и покрај бегалската криза, несигурноста околу еврото и регионалната нееднаквост е најдобрата Европа која некогаш постоела. Обединувањето се одвиваше помалку планирано. Но и овој процес го обликуваше Хелмут Кол толку добро колку што во тоа време можеше еден германски канцелар. За тоа заслужува почит и благодарност. Беше голем канцелар“, пишува Зиддојче цајтунг.

Огромно политичко наследство

„Политичари како Кол веќе нема“, пишува Франкфуртер алгемајне цајтунг: „Со неговиот канцеларски мандат е завршена ерата на повоената политика: ера на државници чии комплетни размислувања и настојување беа насочени кон обединување на Европа бидејќи и тие самите доживеаја што Европејците можат да си сторат едни на други. Кол сакаше обединување на Германија во мир и во слобода. Тој пред 28 години како никој друг допринесе до тоа Германците да си ја дозволат таа тројна среќа. Таа им е до денес овозможена. Кол уметнички успеа да ги испреплете германското единство со европското обединување. Тој на своите наследници им остави огромно политичко наследство кое на бројни начини стана загрозено“, оценува Франкфуртер алгемајне цајтунг.

Deutsch-polnischer Nachbarschaftsvertrag
Фотографија: picture-alliance/dpa/O. Berg

„Тој стравуваше дека ЕУ во иднина би можела да биде растргната од нови националистички струи. Ова предупредување тогаш звучеше апсурдно, денес добива ново значење“, пишува Лајпцигер фолксцајтунг.

Наследството на Кол има влијание и врз денешната германска влада, пишува Пасауер ное пресе: „Нему му успеа во еден дипломатски маратон да ги убеди европските соседи и светските сили дека големата Германија ќе остане предвидлив партнер. Од тоа профитираа и неговите наследници на канцеларската функција. Без политички придонес од Хелмут Кол, Ангела Меркел како водечка фигура во Европа би била незамислива.“

„Во 1990 година голем број источни Германци слепо му веруваа на Хелмут Кол“, пишува Фраје пресе. „Во тоа време ним им беше потребен некој во чии раце би можеле да ја препуштат својата иднина. Животот преку ноќ стана толку компликуван што е добро што овој голем, искусен човек им влеа доверба и сигурност. Тоа дека состојбата им ја опишал подобра отколку што била, во најдобар случај била измама на која се согласиле измамените.“

Helmut Kohl Bad in der Menge
Фотографија: Picture-alliance/dpa/H. Hollemann

„Неговата моќ на волјата е легендарна, многумина ја почустувуваа, неговото помнење исто така. Кол не заборави ништо и никого, во позитивен и во негативен смисол. Никој толку добро не ја познаваше Христијанско-демократската партија како тој, нејзините луѓе посебно“, оценува Тагесшпигел.

„Неговите успеси често со право му се препишуваат“, пишува „Бадише цајтунг“: „Но тие од него направија тврдоглавец кој го пропушти моментот достоинствено да ја напушти канцеларската функција. По неговата смена тој во афера околу донации го уништи својот углед со ароганција и тврдоглавост. Од нападот кон европската политика на Ангела Меркел веројатно зборуваше неговата загриженост за сопственото политчко наследство. Беше великан, но и изгнаник“.