1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

011209 Weihnachten Familie

26 декември 2009

Божик има посебно место во животот на луѓето, на овој ден се практикуваат старите обичаи и традиција. Oвој ден e и една од ретките можности да се собере целото семејство.

https://p.dw.com/p/L6zn
Фотографија: picture-alliance / dpa

Членовите на семејството От ги вежбаат уште еднаш божиќните песни. Мајката Габи седи на клавирот, таткото Јирген и двете деца, Аријане и Леонард пеат. Сите со нетрпение го очекуваат Божик, бидејќи овој празник е посебен за секое семејство. Предбожиќното расположение почнува уште на почетокот од декември. А на денешниот 24 декември, целото семејство е на нозе уште рано наутро. Се` уште има недовршени работи. Мајката Габи се занимава со свечената вечера, на менито е раклет. Околу пладне често се случува да наминат пријатели. Се разменуваат подароци и се јадат колачиња.

Во последна минута се купува и елката. Оваа задача ја преземаат по обичај таткото и синот. Нив не ги загрижува многу тоа што на Бадник изборот и веќе не е толку голем. Најважно е за Божик расположението да биде добро, а не дали елката била права како стрела или, пак, малку подвиткана, вели таткото Јирген. „Најубаво е кога има снег, тогаш ја качуваме елката на санка и ја влечеме до дома“.

Запоставен религиозниот карактер

Под елката таткото Јирген става мов од сопствениот двор. Така целиот декор изгледа уште поприродно. Потоа целото семејство се упатува кон црквата. Најчесто задоцнуваат, така што сите места се веќе зафатени. Пред се`, за таткото Јирген одењето в црква има посебно значење. Тој по малку меланхолично раскажува: „Мислам дека со тек на времето религиозниот карактер на празникот, кој порано беше поизразен, се` повеќе паѓа во заборав. Ги носиме децата в црква, ама за нив тоа е малтретирање. Сакаат што побрзо да ги добијат подароците.“

Deutschland Köln Weihnachten Krippen Krippenweg Flash-Galerie
Фотографија: AP

Комерцијализацијата на Божик, забрзаната потрага по подароци за најблиските и хаосот што се создава од тоа - во овие денови го фрла во заборав основното значење на празникот, раѓањето на Исус Христос. Веќе ретко кој има време да подзастане и да се замисли над суштината на пораката.

Свештеничката на општината, Штефани Гранер, сепак му се радува на секој што влегува во црквата: „Порано држевме миси на кои луѓето отворено ги прекорувавме за тоа што сите доаѓаат само на Божик, а не им текнува да се појават во останатиот дел од годината. Денес поинаку гледам на тоа. Ме радува што доаѓаат за овој ден и вложувам големи напори во подготовката на мисите, со надеж дека нешто од тоа ќе им остане трајно во сеќавање.“

Фокусот на подароците

Kinder unterm Tannenbaum
Подароци под елкатаФотографија: DW

Пораката што ја носи Божикот како религиозен празник е навистина споредна работа и за децата од семејството От. На бадниковата вечер тие порадо се занимаваат со подароците. Секоја година нетрпеливо го очекуваат звукот на ѕвончето по божиќната вечера, што го најавува почетокот на дарувањето. „Двапати се има случено подароците да бидат надвор, на санката. Се чудев што под елката немаше пакетчиња. Тогаш погледнав надвор и кога гледам - подароци на санката.“

Аријане има точна претстава како изгледа детето Христос и како ги носи подароците: „Со бела наметка на санка, или, пак, лета. Си го замислувам како плаво момченце.“

Кулминацијата на празнувањето е првиот ден од Божик. Тогаш се собира и поширокото семејство, баби, дедовци, вујни, стрини, чичковци... Се јаде и се игра заедно. И Леонард многу го сака 25 декември: „Затоа што на овој ден се собира целото семејство и сите се среќни.“

Автор: Ања Зајлер/Горан Чутаноски

Редактор: Александра Трајковска