1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Здравје

Болниците се празнат, рестрикциите попуштаат

ДТЗ
4 јуни 2021

Следниот состанок на Комисијата за заразни болести ќе биде пред 15 јуни кога ќе се разгледува можноста за укинување на полицискиот час.

https://p.dw.com/p/3uQWC
Nord Mazedonien Corona Impfung in Skopje
Фотографија: Petr Stojanovski/DW

Болниците полека се празнат од ковид-пациенти, епидемиолиошката состојба е стабилна и се помал е бројот на новозаразени со Ковид-19. Доколку продолжи ваквиот тренд надлежните најавуваат дополнителни олеснувања на рестриктивните мерки од 15 јуни. Дотогаш во сила е полицискиот час кој започнува на полноќ и трае до 4 часот изутрина.

„Следниот состанок на Комисијата за заразни болести ќе биде пред 15 јуни, а дотогаш ќе работиме со организаторите на разни настани, концерти за да се донесат соодветните протоколи“, најави министерот за здравство, Венко Филипче. Владата неодамна укина дел од рестрикциите кои се однесуваа на носењето маска на отворено, а дозволи и повторно да се одржуваат свадби на отворено. За таа цел беа донесени и специјални протоколи кои предизвикаа незадоволство кај угостителите. Незадоволни од протоколите се и музичарите кои на пладне излегуваат на протест пред Владата. Поголемиот дел од естрадните уметници не се согласуваат со одлуката жива музика да смее да има само на свадби, а не и во кафулиња и други локали.

-повеќе на темата: Свадби и веселби со рестрикции и забрани

Според податоците на Министерството за здравство, по подолго време нема хоспитализирани нови пациенти поради компликации од коронавирус во Скопје. Вкупно 58 лица сомнителни и потврдени за Ковид-19 се лекуваат на инфективните одделенија во главниот град. Во ковид центрите во болниците низ земјата се лекуваат вкупно 83 пациенти позитивни и суспектни на коронавирусот. Во неколку општини нема активни случаи на Ковид-19 – како на пример во Дојран, Пехчево и Демир Капија.

Кон стивнувањето на заразата придонесе и масовната имунизација на населението. На вакциналните пунктови до вчера вкупно се вакцинирани 241 368 граѓани. Во државата вкупно се аплицирани 362 710 дози вакцини, а ревакцинирани се 121 342 граѓани. Со последните бројки 47 отсто од населението над 70 години и 41 отсто од населението над 65 години имаат примено барем една доза вакцина.

-повеќе на темата: Од 1 јуни без маски на отворено, полицискиот час останува

Од вчера започна вакцинацијата на сите хронично болни пациенти и со ризик од Ковид-19, на возраст од 20 до 40 години, кои се пријавиле за вакцинација до 30 април. Филипче вчера најави дека се очекува да пристигне поголема количина вакцини од Кина во наредните денови. Станува збор за пратка од 500 илјади вакцини „Синовак“, додека руските вакцини „Спутник“ ќе доцнат. Кога ќе се исцрпат сите граѓани од списокот на пријавени веројатно пунктовите за вакцинација ќе работат и без закажување.

Помош со вакцини за С. Македонија најавија и соседните земји - Грција и Бугарија. Се очекува во наредниот период да пристигнат 50 000 вакцини од Бугарија и 20 000 од Грција.