„Бомби“ со одложено дејство
29 февруари 2016Една година откако на македонската јавност и беа предочени индиции за можни многу сериозни злоупотреби на власта и криминални дејствија од носители на највисоки политички функции во државата, навидум како состојбите да не се многу променети. На власт и натаму е истата коалиција меѓу ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ, која и натаму има цврста контрола врз широки сфери од општествениот живот. Изостана директниот разорен ефект од сукцесивно објавуваните „бомби“ што го очекуваше и на големо го најавуваше опозицијата. Создадениот напон со масовните демонстрации на повеќе десетици илјади луѓе огорчени од некои постапки на власта и носени од желби за демократски промени се разводни во продолжените протести пред владата.
Но, работите сепак се променети. Никола Груевски, макар и само формално, веќе не е премиер. Тој и неговата партија се во постојана дефанзива, принудени на отстапки спротивно на нивните претходни категорични изјави. Неколкумина од клучните актери во наводните махинации за кои станува збор во објавените снимки од илегално прислушуваните телефонски разговори мораа да се повлечат од високите функции, а некои од нив се веќе и официјално осомничени за тешки повреди на изборниот процес. Востановеното Специјално јавно обвинителство почна со правна обработка на индициите за поткопување на правниот систем во големи размери.
Забавеното темпо со кое се одвиваат промените договорени меѓу четирите партии (ВМРО, СДСМ, ДУИ и ДПА) е резултат на постојаните опструкции и создава впечаток како работите да тапкаат во место. Кога веќе е несомнено кому не му оди во прилог расчистувањето на работите за кои станува збор во прислушуваните разговори, логично се сфатливи и обидите за сите можни опструкции на тој процес. Од кого може да се бара и очекува со сиот елан да работи против себе, особено ако на крајот на тој процес некој можеби би морал да оди и повеќе години в затвор?!
Политички безизлез
Последниот случај со одлуката на Уставниот суд кој ја прифати иницијатијавата да поведе постапка која би можела да води кон овозможување аболиција за кршење на изборниот закон, како и начинот и времето во кој е донесена, претставува целосно демаскирање на нејзините инспиратори и нивните мотиви, како и на извршителите од највисоката судска инстанца во земјата. Но, каде може да води сето тоа, ако е јасно и дека нема алтернатива освен целосно расчистување? Купувањето време и продавањето магла преку контролираните медиуми не се излез. Меѓународната заедница, и покрај некои конфузни потези и изјави на нејзините претставници кои се ангажираат во македонската криза, веќе е предупредена: еден политички договор што го издејствува таа за случувањата од 24-ти декември 2012-та - кога со насилното протерување на опозицијата и на новинарите од парламентот де факто започна политичката криза во Македонија – заврши речиси буквално како што предвиде Никола Груевски – како „тоалетна хартија“. Втор пат не верувам дека таа ќе си го дозволи тоа.
Јунско-јулскиот договор за мерките за надминување на кризата и овозможи на опозицијата да влезе во некои клучни сегменти од извршната власт. Но, ако меѓу првите потези на еден од опозиционите министри беше унапредување за повеќе скалила на еден од “своите“ луѓе, така сигурно не се разуверуваат скептиците дека се е само гола борба за власт и за привилегиите од неа, а не принципиелна желба за коренити демократски промени.
Така целата ситуација заличува на политички безизлез. Што можат да донесат избори – сеедно дали на првобитно предвидениот термин или сега во јуни – без да се воспостави вистински демократски амбиент во земјата? Што значат избори со актери кои носат голем товар од сомневањата дека сториле тежок криминал? Тоа е вистинската дилема, а не прашањето кој би можел да биде победник на изборите. На Македонија и е потребна катарза, оти контаминацијата и корумпирањето на општеството во различни форми од страна на недемократски настроените политичари оди до последните пори. Затоа вистински демократски избори, независно од датумот на одржување, и доаѓање нова генерација политичари со поинакви сфаќања на чело на државата, би претставувал прв чекор во еден подолготраен процес на демократска обнова на Македонија.
ПОСТ СКРИПТУМ
Почитувани пријатели на ДВ,
Кога го пишував коментарот и ги пишувам овие редови, се е како и вообичаено во моето работно секојдневие – а сепак внатре во мене овој пат ништо не е исто како и секогаш. Ова е мое последно обраќање до Вас во функција на новинар и одговорен уредник на редакцијата на македонски јазик на ДВ. Стигнав до законскиот крај на мојот професионален век и веќе од утре сум официјално пензионер. По 45 години посветени на новинарството не ми е лесно да станам свесен за тој факт. Новинарството не ми беше сон од младоста, а ја обележа мојата животна реалност. Благодарен сум му, оти ми овозможи да бидам сведок на врвни настани од спортот (летни, зимски и шаховски олимпијади, светски фудбалски првенства, европски кошаркарски првенства, шампионати во автомобилизам, формула 1...), како и од политиката (самити на НАТО, Г8, ЕУ, Мировна конференција за Авганистан, Постдејтонска конференција за БиХ). Многумина новинари го доживеале едното или другото, но само малкумина обете. Имав можност да среќавам и интервјуирам врвни спортисти и државници. Мојот личен парадокс е дека додека работев во областа на спортот желба ми беше политичкото новинарство. По повеќе од две децении во таа сфера, сметам дека во спортот беше поубаво, почесно – дури и ако некој резултат бил претходно договорен. Последиците од таков настан се далеку полесни од последиците од „наместените натпревари“ во политиката.
Бев задоволен што можев да Ви пренесам слика од случувањата, да се обидам да ја објаснам нивната заднина. Секогаш и над се стоеше свеста за одговорноста во однос на Вас, оти и покрај сета хиерархија во медиумски куќи како ДВ сега или МРТ порано, Вие ми бевте највисока инстанца. Вашата оцена за мојата и за нашата заедничка редакциска работа искрено ми беше побитна од оцените на оние кои ми беа надредени.
Задоволен сум и дека ДВ ми овозможи како новинар и како уредник на македонската редакција да се залагам и со колегите од редакцијата заеднички да ги спроведуваме принципите на професионалното новинарство. Тоа претпоставува и објавување на ставови и тези со кои лично не се согласувам, но се дел од спектарот на различни гледишта на исти теми.
За колегите во редакцијата и за нашите дописници одамна е “закон“ правничката максима Аudiatur et altera pars („слушнете ја и другата страна“). Но, не секогаш „другата страна“ – особено кога е во прашање Македонија – била отворена кон ДВ. Тоа сепак сметам е повеќе нејзин отколку наш проблем.
Поминавме тешки времиња, кризи, војни – не само некаде во светот, туку и во мојата матична земја. Ни тогаш не отстапивме од принципот „да се слушне и другата страна“.
Сите кои не следат во подолг временски период мислам дека одамна го препознаа и го почитуваат тоа. Навистина сум горд кога и покрај критиката – оправдана или неоправдана сеедно – препознавам дека луѓе со различни политички определби и од различно етничко потекло редовно не читаат, или не слушаа додека имавме радио програма, или не гледаат во порано редовните, сега повремени јавувања на телевизија преку нашите партнери. Тоа го сметам за најголемо можно признание, оти си дозволувам да го толкувам како оцена за нашите настојувања за целосна објективност.
Затоа едно големо БЛАГОДАРАМ до сите Вас. Ќе ми недостасува врската со Вас. Велат „еднаш новинар – засекогаш новинар“. Значи збогум, или...којзнае?!
Ваш,
Зоран Јордановски