Борбата на Бетина Вулф против Гугл
11 септември 2012Бетина Вулф во моментов не е расположена да чита информации за нејзиното наводно минато. За нејзе се раширени премногу лоши гласини и сега таа тргна во противнапад. Нејзиниот адвокат Гернот Лер, на почетокот на септември, поднесе тужба против интернет пребарувачот Гугл пред судот во Хамбург поради „пропусти во врска со лажни претпоставки“. Целта на тужбата е Гугл да е го комбинира веќе името на поранешната прва дама со пикантни зборови и на тој начин да го наведува читателот на невистинити содржини. На пример, кој во Гугл го напише името „Bettina Wulff“, на прво место како предлог за бараниот поим добива „bettina wulff проститутка“ или „bettina wulff ескорт“. Тоа за 38-годишната Бетина Вулф е екстремно непријатно. Но, дали таа во борбата со американскиот концерн ќе може воопшто нешто да постигне? „Се поставува прашањето дали е тоа сопствена содржина што Гугл ја пласира“, вели за ДВ Кристијан Золмеке, адвокат од Келн за медиумско право. „Околу ова прашање судовите во Германија се имаат изјаснето релативно малку. Затоа е прашање дали во случајов Гугл може да се повика на одговорност“.
Гласини уште од 2006 година
Гласините што се шират се разорни. Преку интернет портали и блогови со години се шири приказната дека Бетина Вулф во својот „поранешен“ живот била просистутка. „Гласините дојдоа од Христијанско-демократската унија, од редовите на противниците на Вулф, кој припаѓа на истата партија. Тие се прераскажуваа толку често, што за оние што ги ширеа на крајот она што го измислија стана вистина“, вели истражувачкиот новинар Ханс Лајендекер од „Зиддојче цајтунг“ во разговор за ДВ.
Приказната пред неколку години им беше позната само на апсолутните познавачи на политичката сцена. Кога на крајот на 2011 и почетокот на 2012 година изби кредитната афера околу претседателот Кристијан Вулф, медиумите истражуваа интензивно во надеж дека ќе најдат други пикантни детали од приватниот и професионалниот живот на тогашниот претседател. Тивко се зборуваше и за наводниот поранешен живот на неговата сопруга, но медиумите сепак не објавуваа ништо зашто немаа докази. На крајот се утврди дека во гласините нема ни трошка вистина, тврдат упатените новинари.
Гугл како најголем и најважен противник
Сепак, преку Гугл и натаму можат да се најдат приказни кои не се вистинити. Различни блогери веќе добија опомени од адвокатот на Бетина Вулф и тие ги избришаа своите текстови и потпишаа соодветна изјава со која се обврзуваат дека нема веќе да објавуваат такви содржини. Сега на ред е Гугл. „Средишна улога во сето тоа има Гугл. Ако исфрлите одредени поими од индексот на Гугл, односно резултатите кои постојано доведуваат до противзаконски резултати, тоа веќе би донесло успех“, вели медиумскиот адвокат Золмеке.
Бетина Вулф не е прва која одлучила да му пружи отпор на Гугл. Во Франција четири органзиации за заштита на човекови права го обвинија Гугл за „латентен антисемитизам“, затоа што при барањето на познати имиња, како што е на пример она на францускиот претседател Оланд, како прва можност за комбинирање се појавуваше зборот „евреин“. На крајот е постигнат договор со Гугл. Во 2009 година претставништвото на Гугл во Франција мораше да го менува алгоритмот со којшто се комбинираат поимите, затоа што заендо со името на фирмата „Direct Energie“ се појавуваше и зборот „измамник“. Еден Јапонец успеа успешно да се одбрани од Гугл, затоа што неговото име се доведуваше во врска со злосторства кои тој не ги извршил.
Реклама за новата книга?
Бетина Вулф овој месец ја објавува својата книга во која зборува за искуствата од времето кога беше прва дама на Германија. Многумина претпоставуваат дека со тужбата против Гугл сакала да изведе дибро смислена рекламна акција. „Таа, погледнато од повеќе агли, е жртва во оваа приказна. Вели дека сето ова сакала да го направи поради своите деца. Нејзиниот син веќе може да пребарува по Гугл“, заклучува новинарот на „Зиддојче цајтунг“, Ханс Лајендекер.
Дали Бетина Вулф со тужбата си направи услуга, е прашање. Преку широкото медиумско ехо сега и сите ги слушнаа гласините за наводното минато. Ханс Лајендекер тука го гледа Гугл како виновник. „Сметам дека ставот на Гугл е чуден. Се вели - тоа е слобода на печат. Не е слобода на печат да се објавува ѓубре.“