Борбата на жените во Германија продолжува
17 јануари 2019Никогаш порано жените во Германија не биле толку образовани како што се денес. Во некои школски предмети девојчињата одамна ги имаат оставено зад себе момчињата. Па сепак, мажите често ги добиваат подобрите работни места во политиката, економијата... Уделот на жените во германскиот Бундестаг во моментов е најмал во последните 20 години. Рамноправноста „останува трајна задача“, констатира канцеларката Ангела Меркел и со тоа на своето 13-годишно владеење и не сакајќи му дава средна оценка.
Да, изборот на Меркел за канцеларка беше епохален пресврт во Германија. Да, во своето директно опкружување канцеларката даваше поддршка на жени, една стана дури и прва министерка за одбрана во Сојузната република. И да, се докажа во конкуренцијата со сите мажи, сеедно дали се викале Герхард Шредер, Владимир Путин или Доналд Трамп.
Сепак, најмоќната жена на светот ретко „пресечуваше“ во делот на женските прашања и долго, предолго се потпираше врз обврзување по сопствена волја наместо на законски квоти. Така беше и во економијата и во нејзината партија. Во меѓувреме и самата се доживува „премажествено“ и спознава дека има потреба од преземање мерки, зашто жените сѐ помалку ја симпатизираат ЦДУ. Конечно! Но, ангажман за жените со цело срце изгледа поинаку.
Во Германија треба да се направи уште многу. На земјата ѝ е неопходен нов даночен систем. Систем кој нема да наградува ако сопругите заработуваат малку или остануваат дома. Конечно мора да се отстрани нееднаквоста во плаќањето на жените и мажите, која во Германија е голема како во ретко која друга земја во Европа. И итно мора да се воведат „џобшеринг“-модели на врвните позиции, како и целодневна настава во сите училишта и... Списокот е долг.
Жените мора го кажат своето
За сите овие работи да напредуваат, потребни се жени во политиката кои соодлучуваат, кои се пример. Тоа е напорно и во постоечките структури во државата не може да се реализира без сојузници - мажи како сопругот на лидерката на ЦДУ, Анегрет Крамп-Каренбауер. Тој се откажа од професионална кариера за неговата сопруга да може да ја почне својата полтичка кариера. Отворете ги очите при изборот на партнерот е совет на кој жените ретко обрнуваат внимание.
На парламентарните избори во 2017 година своето избирачки право не го искористија повеќе жени отколку мажи. Но да не се гласа не е алтернатива! Жените мора да свесни за моќта која ја имаат со гласањето и мора да ја користат таа моќ. Би морале да им покажат црвен картон на машките сојузништва во политиката. Тие со својот глас мора да ги наградат мажите и жените кои не водат „баста“-политика, кои сериозно ги сфаќаат нивните проблеми и сакаат да ги решат.
А мажите мора конечно да сфатат дека политиката за женските прашања е и нивна работа! Мора да сфатат дека се исплаќа да се борат за нив. Пример е пазарот за работа: од 2019 година во големите претпријатија во Германија постои законска можност за повторно враќање кон полно работно време, откако претходно неколку години се работело со скратени работно време. Тоа и на мажите им дава можност за пофлексибилни модели на работење. Тоа е една мала револуција за многу семејства.
За политиката оваа револуција почна пред 100 години , и тоа со активното и пасивното гласачко право за жените. Пораката денес е исто толку актуелна како и во тоа време: парламент во кој жените не се доволно застапени не го отсликува општеството и со тоа на долг рок ја губи својата легитимација. Тоа ѝ нанесува штети на демократијата, особено во времиња во кои е напаѓана од многумина.