Борба за Киев
26 февруари 2022Во Украина се води битка за Киев. „Судбината на нашата земја се одлучува токму сега“, рече украинскиот претседател Володимир Зеленски во текот на изминатата ноќ. Тој во видео порака на својот канал на Телеграм го повика украинското население на одбрана на главниот град.
„Непријателот ќе ги употреби сите свои сили за да го скрши нашиот отпор“, изјави Зеленски околу полноќ по украинско време. „Оваа ноќ ќе почнат напад врз Киев.“ Зеленски ги повика сите Украинци „да го запрат непријателот секаде каде што е можно“. Населението би требало да ги отстрани сите знаци и обележувања, да го саботира непријателот, бара украинскиот претседател. „Запалете ја непријателската воена техника со сѐ што стои на располагање“, рече Зеленски.
Тој вчеравечер објави видео на кое е заедно со други високи по ранг украински политичари, во кое вели: „Сите сме овде. Во Киев сме. Ја браниме Украина.“ Со тоа Зеленски реагираше на гласините дека се крие во бункер или дека го напуштил градот.
Непрегледна ситуација
Киевскиот градоначалник Витали Кличко изјави дека мостовите се ставени под посебен надзор. Освен тоа, на стратешките објекти се поставени контролни пунктови. „Состојбата сега, без претерување, е опасна за Киев. Ноќта, непосредно пред разденување, ќе биде тешка“, рече Кличко.
Во меѓувреме од периферијата на Киев доаѓаат информации за претсрелки и борби. Руските трупи, како што се вели, се обиделе да нападнат топлана. Таа се наоѓа на крајниот североисток на милионскиот град, на десниот брег на реката Дњепар. Украинската армија, според сопствени тврдења, првично успеала да се одбрани. Информации за експлозии и пукање со автоматско оружје доаѓаат и од други места на десниот брег на реката.
Колку руските сили навистина навлегле во Украина е тешко да се каже. Според руското Министерство за одбрана, воените сили на Русија прво се истовариле во Азов на Азовското Море, а потоа „без отпор“ го зазеле малиот украински град Мелитопол.
- повеќе: Русија подготвена за мировни преговори со Украина
И украинската страна јавува за успеси и тврди дека јужно од Киев соборила руски воен транспортен авион од типот Иљушин Il-76. Во авионот, како што на Твитер напиша шефот на украинскиот генералштаб Валериј Салушниј, имало руски падобранци.
- повеќе: ЕУ ќе го замрзне имотот на Путин и Лавров
Ваквите информации не можат да се потврдат од независен извор. Во меѓувреме е тешко да се добијат сигурни информации од Украина. Главниот крад Киев, покрај илјадниците Украинци, го напуштија и многу западни новинари. Според проценки на Обединетите нации, во Украина во бегство се стотици илјади луѓе. Во меѓувреме, илајдници украински бегалци веќе пристигнаа во Полска, Словачка, Романија и Унгарија.