1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Брисел ја финализираше листата: Македонците не можат во ЕУ

БГ/ ДПА
29 јуни 2020

Како што се очекуваше македонските државјани од 1 јули нема да можат да патуваат во земјите на ЕУ. Од Балканот се отвораат вратите за Србија и Црна Гора. Исклучок важи само за оние со дозвола за престој.

https://p.dw.com/p/3eXfz
Polizeikontrolle - Einreise  am Frankfurter Flughafen
Фотографија: picture alliance/dpa/M. Becker

ЕУ одлучи да им забрани влез на нејзина територија на граѓаните на речиси сите држави во светот, вклучително и САД, поради страв од ширење на пандемијата на коронавирусот. Само 14 држави успеаја да ги исполнат критериумите за патување на територијата на ЕУ од 1 јули годинава. Отворени граници може да добие и Кина, но само доколку го укине ограничувањето за влез на државјани на ЕУ.

Европскиот совет денеска ја започна официјалната процедура за усвојување на документот, чија содржина формално ќе биде соопштена утре.

Забраната за влез од 1 јули ќе биде отстранета за Алжир, Австралија, Грузија, Јапонија, Канада, Мароко, Црна Гора, Нов Зеланд, Руанда, Србија, Јужна Кореја,  Тајланд, Тунис и Уругвај.

Северна Македонија не се најде на листата поради големиот број на новозаразени со коронавирус во последниот период. Статистиката на Европскиот центар за заштита и превенција на болести, според која се води ЕУ, покажува дека во Северна Македонија во последните две недели има над 100 заболени на 100,000 жители.

Правилата на Европската комисија се базираат на епидемиолошки фактори. Главниот е бројот на новозаразени на 100,000 жители за период од две недели, и истиот не треба да го надминува просекот од околу 16 во земјите на ЕУ. Се зема во предвид и какви мерки преземаат државите за превенција на ширењето на вирусот. Агенцијата ДПА јавува дека ЕУ министрите се договориле бројот на инфекции треба да биде „приближно или под“ 16.

Според актуелните податоци во регионот на Западниот Балкан, ниту една од државите не го исполнува главниот критериум. Во Србија и во Црна Гора во последните две недели бројот на новозаразени е над 25 на 100,000 жители, во Албанија е 32, во БиХ-35, а во Косово малку над 40.

Исклучоци од забраната за влез на територијата на ЕУ важат за лица кои имаат дозвола за престој во некоја од државите, за членови на семејства на државјани на ЕУ, како и за дипломати.