Брунбауер: Бугарија провоцира глупав конфликт
21 септември 2020ДВ: Професоре Брунбауер, како е можно една држава да го негира постоењето на една нација и нејзиниот јазик во соседна држава?
Еве, Бугарија покажува дека тоа е можно- преку едноставно туркање на сопствениот националистички поглед на историјата и културата врз друга земја и нејзиниот народ. Тоа би било слично како Германија да им каже на Австријците дека се всушност Германци, или Данска да ги нарекува Норвежаните аномалија бидејќи некогаш биле дел од заедничка империја, а нивниот стандарден јазик бил развиен подоцна од данскиот.
Мислам дека главното прашање тука е, зошто Бугарија упорно ја турка својата опсесија со „македонското прашање“ толку агресивно во овој момент? Можеби е поврзано, од една страна, со политичките превирања со кои се соочува владата во Софија. Позирањето како бранител на националната чест е секогаш добро за одвлекување на вниманието. И второ, мора да се земе в предвид влијанието на „патриотските“ партии во владата- дури и доколку можеби се работи само за симболично позирање и покажување мускули без голем ефект. Големата иронија на меморандумот е неговата хипокризија- точно е дека официјалниот македонски идентитет беше всаден во населението со државна интервенција, некој може дури да каже дека нацијата беше „измислена“ од комунистите (а важно ли е тоа?). Но речиси истото е точно и за Бугарија исто така, каде градењето на нацијата беше извршено под авторитарен режим. Истото важи и за јазикот: сите денешни стандардни јазици во некој момент биле дијалекти, и вообичаено е потребна политичка одлука за да се реши кој дијалект ќе биде основа за стандардот. Едноставно не е релевантно за прашањето на членство во ЕУ кога тоа се случило, и исто така не е релевантно што мислат луѓето за историјата на сопствениот јазик, и тоа не треба да им пречи на билатералните односи.
- повеќе на темата: Северна Македонија и бугарскиот историски империјализам
Бугарската влада го осудува наводниот континуитет на „комунистичката идеологија“ во Македонија, но не признава дека нивниот меморандум исто така можел да биде формулиран во Политбирото на Бугарската комунистичка партија во 1960 години. Тоа означува голема заблуда за слободата на истражувањето: не треба да е државата таа која одлучува за историјата, туку историчарите и другите научници, а луѓето се слободни да веруваат во било кој историски мит кој им се допаѓа. Историчарите и публицистите во Скопје го имаат истото право да пишуваат глупави работи како и оние во Софија. Се чини дека всушност „комунистичкиот“ однос е позастапен во бугарската влада која мисли дека државата може да ја одреди историската вистина, и дека постои само една вистина, која случајно е нивната.
ДВ: Има ли некој сличен пример во историјата на Европа на ваква негација, и како бил решен спорот?
Не, единствената слична епизода беше долгогодишниот спор меѓу Грција, и повторно Македонија, кој беше поттикнат од национализам без никакво значење за суштината на пристапувањето во ЕУ и НАТО. Но на крајот, Грција и Македонија најдоа компромис во Преспа.
Сега Бугарија провоцира уште поглупав конфликт за целосно измислени билатерални проблеми. Прашањето како историчарите или политичарите во Македонија ја интерпретираат историјата на нивната нација или на нивниот јазик можеби ги збеснува бугарските националисти (и обратно) но тоа нема никаква врска со Критериумите од Копенхаген или кои било други критериуми кои треба да исполни земја-кандидат за членство во ЕУ.
ДВ: Логично ли е една земја-членка на ЕУ отворено да се заканува со блокада на почетокот на преговорите поради нерешени историски прашања, а истовремено да диктира што е „историската вистина“?
За жал, Балканот секогаш крие изненадувања. Но во овој случај, навистина е тешко да се види рационалното: Словенија и Хрватска барем имаа спор за поморската територија- и тој беше малку бизарен, но на некој начин барем беше вистинско билатерално недоразбирање за нешто суштинско. Но тука имаме случај каде Бугарија всушност измислува билатерален конфликт, или претвора глувче во слон, како што велиме во Германија. Една земја сака да ја наметне својата националистичка и еднострана интерпретација на историјата на друга. Прашањето дали „официјалната“ историографија во Македонија е добра или коректна не е релевантно, како што веќе реков, историчарите можат да објавуваат и лоша историја. Да се тврди дека Македонија продолжува со анти-бугарска пропаганда со начинот на кој ја пишува својата историја едноставно не е точно, и се чини дека луѓето во Софија не читаат што доаѓа од Скопје.
- повеќе на темата: За Бугарија е акт на агресија самото постоење на Северна Македонија
Иронично, меморандумот претставува една не многу точна слика за проблемите на билатералната историска и образовна комисија: бугарската страна има исто толку одговорност, ако не и повеќе, за недоволниот напредок. Меморандумот открива дека бугарската влада смета дека историската вистина може да биде утврдена од влада и да биде диктирана; зошто тогаш е потребна билатерална комисија ако едната страна инсистира дека резултатите од нејзината работа мора да бидат точно исти како и нејзината позиција? Квалитетно историско пишување е процес на рефлексија и размислување и се случува ослободено од политичко мешање. Зошто меморандумот, на пример, не ја споменува бугарската окупација и угнетување, и воените злосторства, како една од главните причини зошто словенското население во Македонија се оттргна од бугарскиот идентитет? Индикативно за анахроното разбирање на историјата во овој меморандум е тоа што бара од македонската страна да го прифати бугарското гледише, а тоа е дека Македонците и Бугарите имаат „заедничка“ историја. Она што Софија сака да го каже е дека Македонците, до 1944, имале иста историја со Бугарите затоа што и самите биле Бугари, а по 1944 нивниот вистински идентитет бил некако изменет од Тито. Такво размислување може да се оправда со обид да се „заживее“ „вистинскиот“ идентитет на Македонците. На таквото етничко размислување му мина времето во историјата и може да биде опасно. Концептот кој го турка македонската страна за „споделена“ историја е многу повеќе на линија со модерната наука, и добра почетна точка за пишување на споделена историја на Балканот, што исто така имплицира дека луѓето имаат различни погледи на истите настани.
ДВ: Како, според Вас, треба да реагираат другите ЕУ членки, и особено Германија како актуелен претседавач на ЕУ, на овој документ?
Во овој момент подобро е да не му се дава премногу публицитет затоа што знаеме дека идентитетските прашања, доколку се дебатираат во јавност, водат кон непопустливост. Но Брисел и особено Берлин (кој има влијание врз Борисов) треба јасно да и стават до знаење на бугарската влада дека ова е навистина глупава идеја, и дека ЕУ нема да прифати да биде заложник на некои десничарски бугарски „патриоти“ и нивната чудна перцепција за „историската вистина“. Бугарија нема да добие многу пријатели доколку се обиде да ги киднапира преговорите со Македонија заради следење на својата македонска опсесија.
Исто така не гледам мудрост во политиката на Софија, како земја која нема многу пријатели во регионот (можеби со исклучок на Турција) и поставувањето вакви барања само ќе ја зацврсти широко распространетата слика во западните главни градови дека Балканот е безнадежен случај.
Мислам дека бугарската влада ќе ја потроши својата енергија многу подобро доколку, на пример, преземе мерки за подобрување на слободата на печатот во својата земја, со оглед дека е на последното место од сите ЕУ членки и зад Северна Македонија. Оттука, слушајќи дека владата ја бара „вистината“ од друга земја, кога вистината често не може да се слушне ни во нејзината, ме прави многу скептичен за нејзините мотиви.
Улф Брунбауер е австриски историчар и директор на Институтот за источни и југоисточни студии на Универзитетот Регензбург, Германија.