Бугарија и Романија остануваат во чекалната за Шенген
15 ноември 2013Бугарија и Романија не можат да влезат во Шенген зоната на 1 јануари 2014 година, изјави денеска претседателот на Европската комисија Жозе Мануел Баросо.
Тој истакна дека двете земји треба да исполнат „некои технички услови“, но тоа е главна политичка одлука на некои земји-членки на ЕУ, кои се против нивното брзо приклучување во Шенген зоната.
„Јас сум реалист. Одлуката ја донесоа земјите-членки и приклучувањето во Шенген зоната на почетокот на 2014 година е немозможно. Тоа не зависи од европските институции во Брисел, туку од одлуките на владите на некои земји од Унијата. Романските власти знаат кои се тие проблеми“, изјави Баросо, додавајќи дека не може да предвиди друг можен рок, бидејќи не е во негова надлежност.
Претставникот на Европската комисија Фредерик Винсент истакна дека ЕУ „не е подготвена за проширување на Шенген зоната“. Меѓу другото, против се изјасниле Германија, Франција и Холандија. Романија неколку пати е одбивана со образложение дека недоволно ефикасно се бори против корупцијата, организираниот криминал, обезбедувањето на границите и исполнувањето на обврските за интегрирање на Ромите.