1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ ќе се обединат за јазикот

ДТЗ
5 јули 2021

Владејачката СДСМ ќе ја прифати резолуцијата која до Собранието ќе ја испрати опозициската ВМРО-ДПМНЕ, со која ќе се дефинираат клучните црвени линии во спорот со Бугарија.

https://p.dw.com/p/3w2oD
Nordmazedonien Parlament - Sitzung am 25.03.2021
Фотографија: Petr Stojanovski/DW

Владејачката СДСМ ќе ја прифати резолуцијата која до Собранието ќе ја испрати опозициската ВМРО-ДПМНЕ, со која ќе се дефинираат клучните црвени линии во спорот со Бугарија, за јазикот, историјата и идентитетот. Портпаролот на СДСМ, Костадин Костадинов на прес-конференција изјави дека македонскиот идентитет и јазик не можат да бидат услов за европскиот напредок на државата.

 Zoran Zaev, Parteivorsitzdender der SDSM  Nord-Mazedonien
Според СДСМ, македонскиот идентитет и јазик не можат да бидат услов за европскиот напредок на државатаФотографија: DW/P. Stojanovski

„Позициите на СДСМ во однос на македонскиот јазик и на македонскиот идентитет се кристално јасни и многупати досега потврдувани и кажани во јавноста. Македонските идентитетски линии им се јасни на сите. И на нашиот народ и на целата меѓународна јавност. Доколку Христијан Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ не се сигурни во тоа, ако им треба потврда и во рамки на парламентот, ние како конструктивно парламентарно мнозинство без никаков проблем може да направиме и таков чекор и ќе ја прифатиме резолуцијата, таква – каква што е, каква што всушност и видовме од медиумите, зашто официјален предлог до нас како пратеници нема“, вели Костадинов. 

Затворена тема

Со тоа, според него, се испраќа силна порака дека идентитетот и јазикот се затворена тема. Владејачката партија порачува дека нема да дозволи македонскиот идентитет да се користи за партиски препукувања. „Тоа како одговорни политичари имаме обврска да го направиме. Македонскиот идентитет е светост која што е повисока и поважна од рејтингот на Христијан Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ. Испраќаме силна порака дека ќе работиме силно на интеграција во Европската унија со заштитен македонски јазик и со заштитен македонски идентитет“, рече Костадинов.

-повеќе на темата: Гошев: Нашите политички актери комуницираат на ниво на Хутите и Тутсите

Мицкоски се заблагодари

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски ја поздрави најавата на СДСМ дека ќе ја прифати резолуцијата на опозицијата за црвените линии во спорот со Бугарија. Тој се надева дека изјавата е искрена и дека социјалдемократите нема преку трикови да го кочат носењето на резолуцијата во парламентот.

„Се заблагодарувам на МАНУ, УКИМ и МПЦ-ОА за својот придонес со создавање на текстот на оваа резолуција. Се заблагодарувам на сите политички партии, и од опозицијата и од владејачкото мнозинство кои беа спремни да ја поддржат Резолуцијата или беа спремни на разговор со нас за истата. Се надевам дека денешната изјава од СДСМ е искрена и се базира на сериозните аргументи кои ги понудивме“, вели тој. Според Мицкоски, доколку СДСМ не постапат според кажаното или доколку се обидат низ процедурални собраниски трикови да го закочат носењето на оваа Резолуција, тогаш ќе направат штета за Македонија. „Време е Македонија да престане со лошата пазарџиска дипломатија. Македонија има повеќе ум и мудрост од сè што видовме досега“, вели Мицкоски.

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ на средби со пратеници од мнозинството побара поддршка за предлог-резолуцијата за дефинирање на македонските црвени линии во однос на идентитетските прашања во спорот со Бугарија, која во петокот ја најави партискиот лидер Христијан Мицкоски. Пратениците од ДОМ и ЛДП најавија ќе ја прифатат резолуцијата предложена од ВМРО-ДПМНЕ. Ова тие го потврдија во изјава за медиумите по средбата со Антонијо Милошоски и Тимчо Муцунски во ВМРО-ДПМНЕ.

„Текстот на драфт-резолуцијата генерално за нас е прифатлив. Секако останува овој текст отворен за дополнување, корекции, се разбира треба да се усогласи со уставниото име на државата“, изјави пратеничката Маја Морачанин од ДОМ. 

Сличен став има и пратеничката од ЛДП, Моника Зајкова, која вели дека за нив драфт – резолуцијата е прифатлива. „Имавме забелешки само во делот каде што треба да се усогласи уставното име. Собранието треба да биде обединето околу ова прашање“, додаде таа.

Дефинирање на државните позиции

Резолуцијата, како што изјави пред неколку дена Милошоски, ги дефинира македонските државни позиции за евроинтеграции, но исто така и позициите по однос на какви било негирања на македонскиот јазичен, културен или национален идентитет, бидејќи тоа е спротивно  на европските вредности. Тој смета дека Собранието е вистинското место каде што политичките сили треба да се обединат и да донесат заедничка резолуција. 

Nordmazedonien Wahlen Hristijan Mickoski VMRO-DPMNE Partei
Оваа резолуција е документ од кој треба да произлезе национален консензус, брана за сите напади, изјави Христијан МицкоскиФотографија: Petr Stojanovski


Тој посочи дека резолуции по националните прашања се носат и во Бугарија, и во Германија, и во Словенија, и во Романија, и во Италија. Предлог-резолуцијата се заснова на повелбата на Обединетите нации и на Конвенцијата за човекови права на Советот на Европа од Стразбур. Мицкоски, најавувајќи ја предлог-резолуцијата, потенцираше дека таа не е авторски текст на ВМРО-ДПМНЕ и дека се базира на ставовите на МАНУ, УКИМ и на МПЦ-ОА за јазикот и идентитетот.

-повеќе на темата: ВМРО-ДПМНЕ со резолуција до Собранието ќе бара консензус за црвените линии за идентитетски прашања

Текстот на документот, меѓу другото, предвидува водење на преговорите на рамноправна основа со почитување на меѓународното право, автохтоноста на македонскиот народ и неговиот историски, јазичен, културен и религиски континуитет.

„Оваа резолуција е документ од кој треба да произлезе национален консензус, брана за сите напади, и обиди за манипулација и ќе биде заедничкиот став на Македонија за сите. Не е доволно да се збори за црвените линии, овојпат тие треба да се бранат. А, тоа е наша должност“, изјави во петокот Мицкоски.