Бугарски репарации за Македонија и Грција
27 март 2015Окупатор или управител во име на Германија? Окупација или ослободување? Историчарите до денес се спорат околу улогата на Бугарија на Балканот во Втората светска војна. Додека за некои националисти во Бугарија окупацијата на Македонија и Западна Тракија во 1941 година е „повторно воспоставување на природните граници на Бугарија“, грчки историчари првенствено потсетуваат на злосторствата сторени од Бугарите. Факт е и дека Бугарите депортираа околу 11 илјади Евреи од териториите што ги окупираа. Но, како дојде до окупацијата во 1941 година?
Во Втората светска војна Бугарија се обидуваше колку што е можно подолго да остане неутрална. Во 1940 година земјата се чувствувала загрозена како од Советскиот Сојуз, така и од Турција. Грција планирала да го заземе југот на Бугарија доколку таа не застане на грчка страна. На Балканот изолирана, Бугарија се сврти кон силите на оската. Кралот Борис Трети два пати одбил да пристапи кон неа. На 25 ноември истата година Бугарија одби и договор за пријателство со Советскиот Сојуз. Кога конечно сепак стапи во Втората светска војна на страната на оската Берлин-Рим-Токио, а против Југославија и Грција, Бугарија ги окупира Западна Тракија и Македонија. На окупираните територии таа започна масивна бугаризација - во Западна Тракија протера 90 илјади Грци, а насели 120 илјади Бугари.
Немало анексија?
Бугарскиот историчар Георги Марков навистина потврдува дека тие подрачја ги запоседнале бугарски населеници, но застапува теза дека тоа се некогашни бугарски територии, по Првата светска војна окупирани од Грција. Според него, дури откако бугарските доселеници биле нападнати од грчки партизани и цивили, морала да се вклучи бугарската армија. Така во 1943 година кај Драма од бугарската армија биле убиени околу 2 илјади Грци, вели Марков. Неговиот колега Андреј Пантев тврди дека бугарската армија и управители во Северна Грција не биле примени ни со раширени раце, ниту со непријателство. Обајцата се согласни дека Бугарија не ги анектирала тие територии.
„Грција беше окупирана од Германија и Италија, бугарската армија воопшто не учествуваше во инвазијата“, вели Марков. „Кралот решително се спротивстави на тоа. Од денешен агол на гледање, бугарското учество би било класификувано како логистичка подршка“.
Според него, Бугарија не анектирала грчка територија оти Хитлер сакал дури по војната да го утврди протегањето на границите на Балканот. Притоа Марков се повикува на официјална картна на Германскиот рајх од 1941 година. Таму окупираните подрачја се одвоени со зелена линија од Бугарија и не се означени како бугарска државна територија.
Солун како подарок од Хитлер
„Бугарската армија во Северна Грција беше под оперативна команда на германскиот штаб во Солун. Хитлер, инаку, сакаше да и’ го препушти Солун на Бугарија како ’роденденски подарок‘ за престолонаследникот Симеон, но кралот го одби тоа, оти страхуваше дека цената би можела да биде учество на Бугарија на источниот фронт“, објаснува Марков.
Парискиот договор од 1947 година ја третира Бугарија како сојузник на Хитлер и таа мораше да плати 45 милиони американски долари како репарации за окупацијата на Македонија и Западна Тракија. Тој долг е отплатен до 1964 година. Тоа беше висока сума, во денешни услови околу 500 милиони долари, вели Пантев и се сеќава: „Тогаш во продавниците не можевме да купиме јагнешко месо, оти целокупното бугарско производство одеше во Грција како форма на исплата на репарациите“.
Пантев укажува и дека го смета за претеран таканаречениот „извештај на Доксиадис“ за штетите во Грција нанесени со окупацијата. За триипол години Грција, според авторот на извештајот Константинос А. Доксиадис, загубила сума која е 33 пати повисока од тогашните севкупни годишни стопански постигнувања на земјата. Бугарските историчари не се согласуваат со таа сметка, но оценуваат дека долгот е коректно распределен: две третини морала да отплати Германија, 30 проценти Италија и остатокот Бугарија.