Ограничен број работници од Балкан - бизнисмените се против
15 август 2020„Изразот не звучи спектакуларно, но го опишува успешниот модел на германска миграциска политика. Правилото за Западен Балкан, кое е во сила од јануари 2016. година, отвори можност за вработување во Германија за луѓе од Северна Македонија, Албанија, БиХ, Косово, Црна Гора и Србија и истовремено ја намали илегалната миграција, пишува весникот „Ханделсблат".
Во текстот се наведува дека „од дополнителната работна сила профитираа не само претпријатијата, туку и германските фондови за социјално осигурување. Сепак, сојузната влада сега сака да го ограничи приливот на работници од тие земји. Министерствата моментно расправаат за нацрт во кој би бил вграден годишен максимум од 25.000 работници од Западен Балкан."
По кризата се заканува „тесно грло"
Овој нацрт наиде на критика од повеќе страни, пишува „Ханделсблат", цитирајќи го политичарот од Зелените, Дитер Јанеке, според кого ова е „бесмислен, кратковид и целосно погрешен сигнал".
„Отпор се формира и во стопанството. Ахим Деркс, заменик извршен директор на Германската стопанска комора (ДИХК) вели дека по кризата, кога побарувачката за квалификувани работници повторно ќе порасне, предвидениот контигент може да стане тесно грло. Сличен став има и Сојузното здружение на германските работодавачи (БДА)", пишува „Ханделсблат".
Повеќе:
Од Балканот кон Германија заминуваат стручни работници
Германски фирми се жалат на недостаток на работници од Балканот
Германија ја продолжува вонредната дозвола за доаѓање на работна сила од Балканот
Ќе можат ли Македонците олеснето да доаѓаат на работа во Германија?
„Сојузната влада ја оправдува реформата од една страна со фактот дека постојната регулатива истекува на крајот на годината, а од друга страна нагласува дека големата побарувачка за визи е огромно оптоварување за конзулатите во државите од Западен Балкан. Долгото чекање за виза доведува до незадоволство кај работодавачите и работниците, стои во нацртот.
Наместо одредување квоти, политичарите би требало да воведат поефикасна процедура за издавање визи, вели Деркс од ДИХК, додавајќи дека дигитализацијата тука може многу да помогне."
Барана професија: армирач
„Ханделсблат" потоа пишува за важниот аспект за германската јавност, имено дека „студија на експертот за миграции Херберт Брикер и неговите колеги од Институтот за истражување на вработувањето покажува дека стравовите во врска со приливот работници од Западен Балкан не се обистиниле. Уделот на невработени и приматели на социјална помош меѓу оние кои доаѓаат врз основа на Западнобалканското правило е најмал споредбено со сите останати групи на мигранти.
Граѓаните од Западен Балкан исто така подобро се снашле и во поглед на стабилност на вработувањето и заработувачки. Повеќе од половината од нив (54%) работат како стручни односно квалификувани работници, додека 42% работат како т.н. помошни работници."
„Ханделсблат" истакнува дека „вработените од Западен Балкан во Германија посебно многу ги има во градежната индустрија, која силно се залага за продолжување на правилото. Централната асоцијација на германската градежна индустрија проценува дека на германските градилишта работат околу 50.000 градежни работници од Западен Балкан, вклучувајќи и армирачи, кои се дефицитарни во Германија, па затоа сака продолжување на Западнобалканското правило."
Административните проблеми се решливи
„Експертите за миграција од Институтот за истражување на вработувањето во својата студија истакнуваат дека недостатокот од капацитети кај различни државни институции понекогаш доведува до долго чекање на виза и со тоа се ограничува спроведувањето на Правилото за Западен Балкан. Ситуацијата се влоши посебно во одделнијата за визи во конзулатите кои моментно поради пандемијата на коронавирус работат во намален обем", пишува весникот.
„Но, административните пробеми се решливи, нагласува Дитер Јанеке: на нашите претпријатија им е потребна секоја можна поддршка, токму поради кризата предизвикана од пандемијата на корона. Наместо итно неопходно јакнење на германската економија, промената на Правилото за Западен Балкан само доведува до бирократија и неповолности за нашите фирми", завршува текстот во „Ханделсблат".