Вархелји во прва посета на Скопје
15 јануари 2020Наследникот на Јоханес Хан, новиот европскиот комесар за соседска политика и проширување, Оливер Вархелји, денеска пристигнува во прва официјална посета на Скопје. Еврокомесарот ќе се сретне со шефот на државата Стево Пендаровски, со премиерот Оливер Спасовски, со претседателот на Собранието, Талат Џафери, како и со претседателите на СДСМ и на ВМРО-ДПМНЕ, Зоран Заев и Христијан Мицкоски. По Скопје, утре негова следна дестинација ќе биде Тирана.
Со каква порака доаѓа Вархелји? Се очекува на средбите да се разговара за новата методологија за процесот на пристапување што ја предложи Франција, но и за текот на домашните реформи.
Ветувања има, закон нема
Лани на 18-ти декември, вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи се сретна со Вархелји во Брисел, при што му го претстави реформскиот план на Владата до самитот на Европскиот совет во март. По средбата, Османи изјави дека е охрабрен, дека е остварлива целта за почеток на преговорите за членство во ЕУ напролет, но дека за тоа е потребно да се донесе законот за Јавното обвинителство. Османи тогаш ги повика сите политички субјекти да вложат напор за изнаоѓање консензус околу гласањето на тој закон.
„Тоа е двотретински закон, затоа ја користам оваа можност да ги повикам сите да најдеме начин да постигнеме консензус за ова прашање. Разговорите ќе почнат овие денови со сите чинители во општеството, рокот ни е до 11-ти февруари кога се распушта Собранието“, изјави пред еден месец вицепремиерот Османи.
Тогаш потенцираше дека е попретпазлив со прогнозите за датумот, но останува оптимист дека добивањето одлука за старт на преговорите е изводливо напролет, доколку биде донесен „тој критичен закон“, доколку изборите се одржат на беспрекорен начин и доколку се продолжи да се води антикорупциска политика.
Еден месец подоцна се` уште не е постигнат чекор напред во однос на законот за Јавното обвинителство, со што е извесно дека домаќините на Вархелји не ќе може да се пофалат со чекор напред во реформските процеси.
Прва средба со Вархелји во почетокот на декември лани имаше и министерот за надворешни работи Никола Димитров, на која, како што соопшти македонското МНР, заеднички било констатирано дека е крајно време да се донесе одлуката за отворање на пристапните преговори за земјава, со што исходот од октомврискот Совет на ЕУ може да се преточи во заеднички успех.
„Зајакнатата и блиска соработка со Европската комисија, како наш најблизок сојузник и партнер, е важен елемент во постигнувањето на оваа цел“, потенцирал Димитров на средбата, на која се разговарало и за следните чекори поврзани со подобрување на пристапниот процес.
Посветени на резултати
Денешната средба на Вархелји со лидерот на СДСМ, Зоран Заев, нема да биде прва. Тие веќе се сретнаа на маргините на Самитот на Централно европската иницијатива што се одржа во декември лани во Рим.
„Во периодот пред нас, Северна Македонија ќе испорача уште повеќе аргументи до Европската Комисија и до сите земји членки на ЕУ, одложената позитивна одлука за нашата земја да дојде колку што е можно поскоро за да биде исправена грешката од Самитот на Европскиот Совет во октомври", му порача тогашниот премиер на новиот комесар за соседска политика и проширување.
Верхелји, од своја страна истакна дека Европската комисија силно го поддржува отворањето на преговори со Северна Македонија и дека со земјите членки на ЕУ се работи на усогласување на ставовите за евентуални промени во методологијата и процесот на проширување, што ќе овозможат брза позитивна одлука за Северна Македонија. Тогаш порача дека се од големо значење најавите оти Северна Македонија останува посветена да испорачува резултати во демократските реформи, и го истакна очекувањето за поддршка од сите политички фактори, вклучувајќи ја и опозицијата, во интерес на граѓаните на земјата, и во донесување на законот за Јавното обвинителство.