„Веибо“ – ништо од ветувања за инвестициски бум
16 декември 2017„На тие што бевме погласни и си ги баравме платите, едноставно ни ги прекинаа договорите. Останавме без работа“. Вака ја започнува својата приказна еден од работниците кој неколку години работел во фабриката „Веибо груп“ во Крива Паланка. Се сретнавме со него во овој град, за да ни раскаже за тоа што се случува во фабриката која требаше да прерасне во лидер меѓу странските инвестиции во регионот. Вели дека и покрај тоа што неговата плата од само 200 евра му служела за преживување на семејството, сепак бил гласен за своите работнички права. Постојано се бунтувал кога доцнела исплатата и го прашувал менаџментот кога ќе ги подмири обврските кон вработените.
„Работиме и празник и делник, а платата ни ја даваа на два пати по шест илјади денари. На пример, за септември првиот дел ни го дадоа на 27-ми октомври, а вториот дел после недела, две. Парите ни ги префрлаат на сметка преку банка и не ми е јасно како тоа им успева и зошто државата го толерира ова, кога законски мора да ни ја исплатат целата плата до 15-ти во месецот. Какви комбинации прават за ова да изгледа вака, не ми е јасно“, вели работникот кој сакаше да остане анонимен.
На него и на уште десетина работници во последниот бран отпуштања не им биле продолжени договорите и така останале без работа. Според него, во фабриката останале да работат само околу 150 работници, додека лани пред изборите бројката на вработени во декември, достигнала и до 700 луѓе.
„Договорите ги потпишувавме месец за месец, секој месец нов договор. Практично може во било кое време да останеш без работа, затоа што тие технички не те отпуштаат туку нема да ти го продолжат договорот и готово. Три години работев и секој месец потпишував договор. Бевме пријавени со пензиско и здравствено ама кога каснеше платата, немавме и здравствено и тоа каснеше“, додава тој.
Повеќе на темата:
- 225 милиони евра за 4 илјади нови работни места!
Спас во бугарските пасоши
Во Крива Паланка речиси и да нема оптимисти за решавање на проблемот со наоѓање работа и ниските плати во текстилната индустрија.
„Спас ни е само бугарскиот пасош. Повеќе од пола град имаме бугарски пасоши и така одиме во странство за работа. Овде да не малтретираат за 200 евра, не давам“, вели уште еден млад човек со кој разговаравме чија мајка работи исто така во Веибо.
Кристина Ампева од Здружението на граѓани од текстилната, кожарската и чевларската индустрија - „Гласен текстилец“ за Дојче веле вели дека „Веибо" е една од оние контроверзни фирми за кои веќе подолг период се говори во јавноста, но за жал во пракса не се прави многу за подобрување на состојбите.
„Не е дека само овие два месеца се случува нешто, туку е од поодамна. Паметам 2016, летото имаше отпуштања на десетина бремени работнички. Лани пред Нова година исто така списокот на вработени на кои им завршил договорот, броеше околу 80 работници. Алармирав најмногу што можам, но нашата држава очигледно е глува за прашањата околу работничките права. Доволно им е да излезат со статистики колку мал процент е бројот на невработени и колку со тоа привлекле странски инвестиции“, вели Ампева.
Таа дел од отпуштените со кои контактирала ги упатила да се пријават под Заводот за вработување. Според неа, фирмите намерно ги држат вработените на едномесечни договори, за да може лесно да се ослободат од нив, без да ги „отпуштат“.
„Неколку месеци ќе земаат некои мали средства од државата и ќе се чудат како да ги платат сметките и прехранат семејствата. Се шират разни шпекулации околу тоа кој всушност стои зад таа фирма и како надлежните не преземаат ништо. На толку изјави, сведоштва, истражувања, натписи, некој требаше да отиде и разговара со менаџментот. Јас лично пробав да стапам во контакт, но ден денес не се случи средба. Се шират разни шпекулации, дека во јануари ќе се затвори фабриката. Тоа се муабети што и минатата година ги слушавме“, вели Ампева за Дојче веле.
Повеќе на темата:
- Длабоки реформи за излез од популистичка економија
Имаат државно земјиште, а фабрики нема
Освен намалувањето на работници во фабриката на „Веибо" која функционира во градот Крива Паланка, нема ништо ниту од ветувањата за индустриската зона во Ранковце. Ја посетивме индустриската зона која се наоѓа во близина на Крива Паланка, и на терен е видливо дека нема ништо од најавите за нови фабрики.
Започнат е асфалтиран пат кој води кон местото каде требаше да има голем инвестициски центар, но малку потоа тој прекинува и има земјен импровизиран пат. На местото нема никакви градежни активности или пак градежна механизација која би сигнализирала дека се работи на најавената инвестиција, туку делува дека ветените планови се целосно откажани.
Александар Младеновски директор на Дирекцијата за технолошки индустриски развојни зони вели дека и тие ја следат ситуацијата како и негативните коментари за целосната слика на терен.
„За жал компанијата има склучено договор за закуп за зоната во Ранковце кој е многу комплексен и бара изнаоѓање решение затоа што на терен тие воопшто не се почнати со ветената инвестиција. Како институција ние засега може само да следиме да видиме што се случува во зоната. Тоа земјиште е дадено во нивно владение. Договорот склучен со Веибо е многу комплексен и треба да се бара решение затоа што ако се раскине еднострано државата може да плаќа големи пенали, затоа мора да најдеме решение кое не е на штета на државата“, вели Младеновски за Дојче веле.
Ветувањата на екс премиерот, Никола Груевски токму за оваа инвестиција уште стојат на партискиот веб сајт на ВМРО-ДПМНЕ. Тој во 2014 година најавуваше дека Веибо груп ќе вработи околу 5.000 луѓе, а Македонија ќе биде четвртата држава каде тие ќе отворат неколку текстилни фабрики меѓу кои и за базичен текстил.
Дури покрај текстилните фабрики се најавуваше дека Веибо планираат и отворање најмалку уште две фабрики од областа на челичната индустрија, со производство на челични профили за градби на згради и други челични и други метални профили кои се потребни за изолации во градежната индустрија.
„Сите сакаат да ги сместат на една локација, а тоа е на локација некаде во североисточна Македонија, на потегот меѓу Крива Паланка, Кратово, Ранковце, Куманово, најверојатно некаде во средина, односно во близина на Ранковце. Сакаат да привлечат работници од Крива Паланка, Кратово, Ранковце и Куманово. Се работи за голема бројка вработувања и дефинитивно ја потврдија бројката од 5.000 вработувања“, рече тогаш Груевски.
Директорот пак на оваа турска инвестиција, Селџук Алперен, најавуваше дека земјава ќе ја направат балкански текстилен центар, ќе вработат илјадници луѓе во десет фабрики и ќе инвестираат дури 400 милиони долари.
Пред неколку години за потеклото на оваа инвестиција пишуваше и порталот НоваТВ. Турскиот инвеститор ја започнал инвестицијата со преземање на веќе постоечката текстилна фабрика на бизнисменот Орце Камчев („Орка“), која се наоѓа надвор од индустриската зона близу Крива Паланка, од каде сега се намалува бројот на работници.
Оваа фабрика требаше да стане обучен центар за работниците кои ќе бидат ангажирани во погоните што ќе се градат во зоната во Ранковце.
„„Орка“ преку фирмата „Монт“ ги поседувала машините во фабриката вредни 420.000 евра, додека преку „Кара“ била сопственик на погоните и на земјиштето чија вредност била милион и 430.000 евра. Овие две фирми на Камчев фабриката ја ставиле под нова компанија со имиџот на најавуваниот турскиот инвеститор – „Веибо Гармент продакшн“.
Само дваесетина дена откако ја формирале „Веибо Гармент продакшн“, „Кара“ и „Монт“ ја продале фабриката на фирмата „Веибо груп Маседонија“, чиј директор е газдата на турската „Веибо груп“, Селчук Алперен, која најави дека ќе инвестира во зоната во Ранковце. „Монт“ својот дел го продала за 420.000 евра, додека „Кара“ за еден милион и 730 илјади, што значи дека Турците станале газди на фабриката преку „Веибо груп Маседонија“ за два милиони и 150 илјади евра“, се вели во сторијата за инвестицијата.
Повеќе на темата:
- „Странските инвестиции под лупа“- факти во пост-фактичкиот свет
Веибо Груп: Го откажавме главниот проект во Ранковце
За информациите дека се отпуштаат работници, како и за неостварената инвестиција испративме прашања и до Веибо груп, од каде велат дека тие во Македонија дошле со цел да го реализираат проектот во зоната во Ранковце и како дел од тие планови ја купиле фабриката во Крива Паланка. Таа тогаш имала само 260 работници и тие ја реновирале со целосно нови производствени погони по највисоки стандарди и набавиле преку 600 најнови машини. Велат дека постојано го зголемувале бројот на работници и дошле до 640 работници во 2015 година а сакале да дојдат до 1.000 вработувања, но се соочиле со недостаток на работна сила.
„Од таа причина одлучивме да го стопираме главниот проект за кој дојдовме во Република Македонија, и се фокусиравме на фабриката која веќе работеше во Крива Паланка. Денес во Турција Веибо Груп исплаќа плата на повеќе од 3.000 работници, кои работат само на дел од производството кое требаше да се реализира во Македонија, но заради погоре споменатите причини се откажа“, велат од Веибо. Засега останува нејасно што ќе се прави со земјиштето кое и е доделено на оваа компанија од државата како странски инвеститор.
Тие велат дека поради недостаток од работна сила буквално секој кој ќе аплицирал за работа во фабриката во Крива Паланка го примале на работа без никаква селекција и тоа довело до пад на продуктивноста на фабриката и неиспорачано производство на модели.
„За прв пат во целокупното работење на нашата компанија не успеавме да го одржиме зборот, односно да го испочитуваме рокот на испорака на нашите клиенти.Тоа доведе до губење на договори и плаќање на пенали. Тогаш одлучивме да го намалиме бројот на работниците во оваа фабрика, нудејки нови договори само на оние кои сметавме дека можат да придонесат со своето работење. Непродуктивноста, која ни по намалувањето на бројот на работниците, не дојде до едно очекувано ниво, и доцните испораки, нѐ доведоа во ситуација да останеме една цела сезона без работа“, велат оттаму.
Според нив во медиумите се ширеле неточни информации и лаги против компанијата што одело на штета на нивното работење. Велат дека поради намалената продуктивност, побарале од работниците кои не ја завршиле работата на време или направиле грешки, да останат и да ја довршат нивната работа за да може робата за клиентите да се испорача во дадениот рок. Тие тврдат дека не ги терале работниците да остануваат прекувремено на работа, туку да ги поправат грешките кои ги правеле и да ја довршат нивната заостаната работа.
„Ова време имаше третман како прекувремено од страна на државата која преку своите инпекциски служби ни издаде казна кога не ги известивме за истото, и не наведуваше да исплаќаме дополнителни средства на овие работници“, велат оттаму. Велат дека ги информирале работниците дека робата доцни со испорака и мора да се подобри производството.
„Сепак, некои работници продолжија со своите навики, а како што доаѓаше денот за плаќање на платата , секој ден се поспоро работеа. Додека ние баравме нови договори тие не удираа во грбот. Пријавија во инспекција дека платата доцни и инспекцијата ни даде рок од осум дена за да ја исплатиме. Платата беше исплатена еден ден по овој рок, бидејки е врзана со испораката, а инспекцијата повторно ни пиша казна од неколку илјади евра за непочитување на рокот. И покрај сите притисоци и неправди со кои се соочивме, ние ја сакаме оваа земја и сеуште се трудиме да ја одржиме оваа фабрика, иако станува се потешко“, велат од „Веибо“ за Дојче веле.