1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Вечно насмеаниот претседател на Словенија

Зоран Арбутина
21 октомври 2017

Борут Пахор има големи шанси да биде реизбран на претседателската функција во Словенија. Земјата на чие чело е тој, не се вклопува во клишеата за Балканот како буре барут и извор на трајни политички кризи.

https://p.dw.com/p/2mEzF
Slowenien Borut Pahor Präsident
Фотографија: picture-alliance/PIXSELL/A. Magzan

Борут Пахор ги асфалтира улиците, облечен во портокалов работнички комбинезон, со својот син ја обиколува Словенија и своето атлетско тело, со истетовиран делфин на надлактицата, го сонча во Пиранскиот Залив. Во сите овие пози неговите приврзеници му се восхитуваат на словенечкиот претседател, ѕвезда на Инстаграм, каде го следат 24.000 корисници, во земја со само два милиона жители. Дури и британскиот весник „Гардијан“ констатираше - можеби Доналд Трамп доминира на Твитер, но на Инстаграм не може да му конкурира на неговиот словенечки колега.

И на претседателските избори (22.10.2017), се чини дека социјалдемократот Пахор нема вистински противник. Според анкетите, единствено прашање е дали ќе биде реизбран во првиот круг или во вториот. Пахор има искуство во речиси сите поважни политички функции во Словенија. Притоа, неговата силна страна не е јасното политичко профилирање, туку фактот што моментно во малата балканска земја речиси нема друга тема која посебно би ги возбудувала луѓето, со исклучок на спорот со Хрватска околу точната линија на границата во Пиранскиот Залив.

Примерен ученик од воениот регион

Економскиот развој е позитивен, неговата стапка со најновата прогноза за годинава е подигната на 4,4 проценти за оваа и на 3,9 проценти за следната година. Во дигитализацијата Словенија го зазема второто место во европски рамки, зад Финска. Изградбата на модерна сообраќајна инфраструктура е главно завршена, во голем стил сега се врши обнова и проширување на железничката мрежа.

Словенија уште претходно, до избувнувањето на финансиската криза во 2010 година, беше примерен ученик во еврозоната. Алпската земја, сместена меѓу Италија, Австрија и Хрватска, уште во поранешна Југославија се сметаше за економски најдобро развиена република во Федерацијата. Поради тоа што  таа главно остана поштедена од војните за независност во 1990-те години,  а поради својата етничка хомогеност беше политички доста стабилна, Словенија единствена од републиките - наследнички на социјалистичка Југославија успеа да оствари регулиран премин кон капиталистичко пазарно стопанство. Никој не беше изненаден кога во 2004. година стана членка на ЕУ, а кратко потоа и дел од еврозоната.

Grenzstreit zwischen Slowenien und Kroatien
Пиранскиот Залив - спорна тема со ХрватскаФотографија: picture-alliance/dpa/A. Bat

Како во самопослуга

Во времето непосредно по приемот во ЕУ, словенечката економија доживеа подем, се случи бум на градежната индустрија, банките беа во можност на меѓународните финансиски пазари да добијат позајмици под добри услови, кои потоа великодушно ги пласираа натаму во форма на поволни кредити.

„Словенците во годините по приемот во ЕУ живееја на кредит, направија огромни долгови во странство, преку кои ја финансираа изградбата на земајта, што со финансиската криза нагло беше прекинато“, објаснува Хермине Видовиќ од виенскиот Институт за меѓународни економски компарации.

Втор проблем е тесната испреплетеност на политичките и стопанските структури во Слованија. За разлика од најголем дел од бившите социјалистички земји во Европа, во Словенија немаше големо приватизирање во стопанството, па бројни доста големи фирми и банки останаа во државна сопственост. Тоа раѓа сомнеж „дали одлуките за кредити често се носени не од економски, туку од политички причини“, вели Видовиќ. Меѓутоа, бидејќи постоеше желба да се биде „газда во сопствената куќа“, беше отежнат влезот на „странски“ капитал онаму каде тоа беше можно. Резултатот е изостанување на странски инвестиции.

Драстични мерки на штедење

Со оглед што во рамките на финансиската криза во 2010 година парите на меѓународниот пазар стануваа сѐ поскапи, словенечката економија бележеше пад. Понекогаш се чинеше дека и оваа земја ќе мора да бара спас во Европскиот фонд за спас, ЕСМ.

До тоа сепак не дојде. Словенија спасувањето на националната економија и финансискиот сектор го зеде во свои сопствени раце. „Од една страна државниот буџет беше скратен, платите во јавните служби беа намалени и беше усвоена цела низа мерки за штедење“, објаснува Видовиќ. Од друга страна, државата вбризга повеќе милијарди евра во климавиот финансиски систем. Само Нова љубљанска банка беше помогната со 1,55 милијарди евра. Мнозински сопственик во банката е државата. Словенечката влада до денес не сака да каже од каде дојдоа тие милијарди.

Среде кризата, на крајот на 2011. година, тогашната влада, по изгласаната недоверба во парламентот, мораше да поднесе оставка. Премиерот кому не се веруваше се викаше Борут Пахор. По парламентарните избори, кои следеа потоа, неговата Социјалдемократска партија загуби две третини од местата во парламентот. Меѓутоа, на постојано насмеаниот Пахор тоа не му пречеше: само една година подоцна, победи во вториот круг од претседателските избори.

Slowenien Borut Pahor Präsident Präsidentschaftswahl Kampagne
Словенечкиот претседател Борут Пахор на Инстаграм - рамо до рамо со работницитеФотографија: Instagram/Borut Pahor

Претседателот сака Инстаграм

Откако Пахор беше избран за претседател, во Словенија некои работи се променија: се чини како кризата да е надмината, а Словенија повторно ја нарекуваат „примерен ученик“. „За опоравување на словенечката економија беше многу важно, што во договор со ЕУ, се покрене програма за приватизација на   15 гооеми фирми, банки и инфраструктурни објекти“, вели Видовиќ. Меѓу нив се словенечки Телеком, пристаништтео Копар и авиокомпанијата Адриа Ервејз. Треба да биде приватизирана и големата Нова љубљанска банка.

За граѓаните на Словенија работите изгледаат така, како да не се очекуваат никакви проблеми. Извозот е во пораст, невработеноста изнесува 7,5 проценти, еден процент помалку од лани. Во таквата слика се вклопува непоколебливиот претседател, кој е секојдневно активен на Инстаграм и претставува впечатлива фигура при посетите во странство.