Викиликс повторно објавува американски документи
26 октомври 2012Во интервју емитувано преку американската телевизија Си-Ен-Ен основачот на Викиликс, Џулијан Асанж, изјави дека се работи за документи со историско значење кои имаат влијание врз третманот на затворениците во цел свет. Меѓу нив се правила за затворите како Абу Даби во Ирак и Гвантанамо на Куба. Ќе бидат објавени и упатства за испрашување на затворениците. Викиликс располага и со прирачникот издаден во 2002. година, кратко по отворањето на логорот Гвантанамо, во време на американскиот претседател Џорџ Буш.
„Овој документ има историско значење, Гвантанамо Беј со право е симбол за систематско прекршување на човечките права на Западот“, изјави Асанж. Со припрачникот се опишува како по терористичките напади од 11. септември 2001 година да биде создаден правно слободен простор во кој американското министерство за одбрана ќе може да апси сомнителни лица, а притоа да ги заобиколи правните институции.
Викиликс, претходно, врз себе го навлече гневот на американската влада со објавувањето на доверливи информации за војните во Ирак и во Авганистан, како и на дипломатските депеши на САД.
Основачот на Викиликс Џулијан Асанж од јуни се наоѓа во еквадорската амбасада во Лондон, каде се засолни откако ги исцрпи сите правни средства за да ја избегне екстрадицијата во Шведска, каде е обвинет за сексуално малтретирање. 41-годишниот Асанж стравува дека од Шведска би можел да биде испорачан на САД, каде му се заканува процес поради објавувањето на тајните документи. Асанж изјави дека ќе остане во еквадорската амбасада во Лондон додека не заврши истрагата против него во САД. Неговиот живот во амбасадата наликува на престој во Меѓународната вселенска станица, нема природна светлина и не може да оди да купува. Но, тој живот е „ многу подобар отколку на затворениците“, изјави Асанж.