Воени маневри на САД на Корејскиот Полуостров
11 октомври 2017Ѕвечкањето со оружје продолжува. По најновите ракетни и нуклеарни тестови од страна на Северна Кореја, американската армија повторно врши воени маневри кај Корејскиот Полуостров. Два американски бомбардери од типот Б-1Б биле во заедничка акција со јужнокорејски борбени авиони, соопшти јужнокорејската војска.
Според американски наводи, во синоќешните вежби кои стартувале од американската воена база Гуам, биле вклучени и јапонски војници. Целта на маневрите била демонстрација на „непоколебливото сојузништво и посветеноста“ на САД кон одржувањето на безбедноста и стабилноста на регионот. Речиси истовремено со изведувањето на воените маневри, американскиот претседател Доналд Трамп одржа средба со своите советници, за да ги дискутира опциите на својата земја во севернокорејскиот конфликт. На состанокот присуствувале министерот за одбрана Џејмс Матис, шефот на Генералштабот Џозеф Данфорд, како и неколкумина членови на Трамповиот Совет за безбедност.
Извори од кабинетот на Трамп велат дека тема било на каков начин може да се реагира на севернокорејските агресии. Меѓу другото, се дискутирало и за тоа како да се одврати севернокорејската влада од закани со нуклеарно оружје насочени кон САД и нивните сојузници. Други детали не се соопштени.
Вчера владејачката Комунистичка партија на Северна Кореја ја прослави 72-годишнината од своето формирање, при што се очекуваа натамошни провокации од страна на комунистичкиот режим, но тие изостанаа.
Во меѓувреме е соопштено дека севернокорејски хакери успеале да украдат доверливи податоци од јужнокорејската војска. Меѓу документите кои се хакирани, се наоѓал и тајниот план на јужнокорејската и американската војска за елиминирање на севернокорејското раководство на чело со Ким Јонг Ун во случај на војна, како и стратешки воени информации. Ова го потврди пратеникот Пе Хеол Хе од Демократската партија на Кореја. Хакерскиот напад се случил во септември 2016. година и бил многу посериозен отколку што тоа го призна јужнокорејското Министерство за одбрана.