1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Во Берлин се (речиси) сите задоволни

Сабине Кинкарц/ Жана Ацеска25 мај 2014

По првите прогнози, германските резултати од европските избори се слават во речиси сите партиски централи, посебно во СПД, чиј кандидат е Мартин Шулц. Но, кој ќе биде претседател на Европската комисија?

https://p.dw.com/p/1C6gH
Фотографија: DEUTSCHER BUNDESTAG /Achim Melde/Lichtblick

Мартин Шулц, претседател на Европскиот парламент и кандидат за претседателското место во Европската комисија не само од германската СПД, туку и од европските социјалдемократи, како и лидерот на СПД, Зигмар Габриел, со светнати лица излегоа пред новинарите во Берлин по завршувањето на гласањето и првичните прогнози.

„Ова е најголемата добивка на гласови која СПД ја постигнала на избори во Германија. Изборниот резултат има едно име, а тоа е Мартин Шулц“, коментираше Габриел.

Шефот на СПД изрази посебно задововолство од големиот одѕив на избирачите. За него е јасно кој ќе биде идниот човек на чело на ЕК - Мартин Шулц.

Кој ќе биде претседател на Европската комисија?

Мартин Шулц по ваквите обилни пофалби покажа благодарност:

„Ваков успех не е резултат само на една личност. Ова беше чекор напред - социјалдемократските и социјалистичките партии во Европа се договорија за еден кандидат. Имаме добра шанса да станеме најсилна пратеничка група во ЕП и затоа очекувам да ја добијам функцијата на иден претседател на Европската комисија“, истакна Шулц.

EU Parlamentswahl 25.05.2014 Deutschland SPD Schulz Berlin
Мартин Шулц се гледа како голем победникФотографија: Reuters

Но и Унијата (ЦДУ и ЦСУ) има аспирации на истата функција. Германскиот водечки кандидат на европските избори, Дејвид МекЕлистер изјави дека „Унијата ставила камен темелник за Европските народни партии повторно да бидат водечка пратеничка група во ЕП во Стразбур, па Жан-Клод Јункер може да стане претседател на Европската комисија. Тоа е пораката од оваа вечер“, порача МекЕлистер.

Евроскептичарите во подем

Задоволни лица имаше и кај евроскептичарите од Алтернатива за Германија, која првпат ќе влезе во ЕП. Партискиот шеф Бернд Луке изјави:

„Алтернатива за Германија на овие избори расцвета како нова народна партија во Германија“. Тој ги отфрли критиките дека неговата партија е десничарска: „Ние сме партија на здравиот човечки разум. Старите партии се обидуваат да не‘ оцрнат претставувајќи не‘ како десничари само затоа што се загрижени за својата власт“.

EU Parlementswahl 25.05.2014 Deutschland Lucke
Бернд Луке: Алтернатива за Германија е нова народна партијаФотографија: picture-alliance/dpa

Алтернатива за Германија во Европскиот парламент ќе соработува само со „оние умерени политички партии кои имаат слична програма и ориентација: критички се настроени против еврото, конструктивно-критички кон ЕУ“, најави Луке. Тој изјави дека би одбил понуда за соработка со францускиот Национален фронт и другите десноориентирани партии, исто како и со комунистичките партии.

На резултатот се радуваа и германските Зелени, а единствени кои не се израдуваа, се ФДП.

„Ова е најмизерен резултат, се надевавме на значително повеќе, ова е фрустрирачки“, изјави заменикот лидер на Либералите, Волфганг Кубики. Според него, проблемите лежат во новото структуирање на партијата и медиумското презенетирање.