1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Во Германија се остварија најлошите стравувања“

Кристоф Хаселбах
20 декември 2016

По тешките напади во други европски земји, со настанот во Берлин на удар се најде и Германија. Интервју со безбедносниот експерт Ролф Топхофен.

https://p.dw.com/p/2Uaxu
Deutschland Anschlag mit LKW auf Weihnachtsmarkt in Berlin
Фотографија: Reuters/F. Bensch

Дојче веле: Господине Топхофен, веројатно напад како овој во Берлин беше само прашање на време?

Топхофен: Димензијата на нападот, вклучувајќи го и бројот на загинати и повредени, уште одамна беше земена во предвид од страна на германските безбедносни органи. По нападите во Брисел и во Париз од минатата година, се претпоставуваше дека и Германија не е само апстрактна цел на теророт, како што постојано се повторуваше со години, туку и овде може да се случи такво нешто сосем конкретно. Најстрашните стравувања станаа реалност.

Хорор на божикен панаѓур во Берлин

Можеше ли да се спречи овој напад?

Не. Кога постои фанатизиран злосторник, кој користи камион за оружје, не постои никаква шанса, освен ако го познавате, ако знаете каде и што планира и го уапсите пред извршување на делото. Но, не е можно контролирање на сите возила. Не е можно ниту изолирање на сите божиќни панаѓури, оневозможување пристап до нив, тогаш би требало тие да се затворат. Тоа значи, напад со камион од вакви димензии не може стопроцентно да се спречи.

Rolf Tophoven Autor und Terrorismusexperte
Ролф ТопхофенФотографија: picture-alliance/Eventpress/Rekdal

Но, што е со опкружувањето на осомничениот? Тој потекнува од Пакистан, според извештаите, како и многумина други мигранти, тој во Германија пристигнал преку Балканската рута, живеел во бегалски дом и користел различни идентитети. Ова всушност не би требало да се случува по толкуте атентати и обиди за атентати.

Проблемот е што стотиците илјади бегалци кои стигнаа во Германија, не можеа сите да бидат регистрирани по почетната навала.

Притоа, потребно е и строго разграничување: кој се наоѓал во катастрофална ситуација во некој кризен регион и кој е прокриумчарен преку бегалската рута во Европа од страна на милитантно-терористички групи како Исламска држава.

Уште не ги знаеме мотивите на берлинскиот напаѓач, дали е  во прашање омраза кон општетсвото или фрустрација, дали е член на некоја организација како ИД. Но, се гледа, според текот на нападот, дека атентатот со камион во Ница служел „за пример“.  Освен тоа, во септември 2014 година во меѓувреме убиениот шеф на пропагандата на ИД повика: „Убивајте ги неверниците со сите средства кои ги имате, со ножеви, со камиони, туркајте ги од карпи!“. Значи, во терористичката сцена постојат доволен број упатства за злосторниците.

Значи ли тоа дека при илјадниците, можеби стотици илјади мигранти, надлежните служби не знаат кого имаат пред себе и кој има радикално минато?

На германските служби многу работи им се познати. Но, имајќи ја предвид масата на дојденци, едноставно е неможна детална проверка на секој поединец, иако често процесот на радикализација почнува токму во Европа. Во Европа и во Германија стигнаа и многу луѓе чија намера не е само да најдат заштита, туку се во потрага по заработувачка, задоволство и обезбедена егзистенција. Ако овие очекувања не бидат исполнети во општеството, постои опасност од лизгање во радикалност.

Безбедносно политичката дискусија по вакви инциденти се движи меѓу преувеличување и пасивност. Што е реално да се очекува од страна на надлежните служби и како би требало да се однесуваат граѓаните?

Сигурно е дека целта на терористите би била постигната ако кај многу луѓе, не кај сите, предизвикаат страв и паника. При целата нужна претпазливост кај големите собири на луѓе, сепак е важно постоење и на еден вид суверена опуштеност, со цел преку одредени реакции да не им се наведува вода на водениците на терористите.

Апсолутно забранети се рефлексивни, хектични реакции со барања за носење нови закони и рестрикции. Државата не може да гарантира стопроцентна сигурност. Германскиот министер за внатрешни работи Томас де Мезие уште по нападите во Ансбах и Вирцбург рече дека отвореното, слободно општество мора да се навикне да се справува со вакви екстремни ситуации. Мораме да се навикнеме на вакви екстремни драми ако сакаме да ги зачуваме нашите општествени форми, нашата отвореност.

Ролф Топхофен е директор на Институтот за превенции од кризи во Есен.