1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Во иднина построги правила за ТВ-дуелите во САД

СН/агенции
1 октомври 2020

Уште еднаш се покажа дека на Доналд Трамп малку му значи политичка пристојност. По „дното“ достигнато на првиот ТВ-дуел во изборната кампања, сега треба да се смени процесот за да се обезбеди „уредена дискусија“

https://p.dw.com/p/3jFij
USA Präsidentschaftswahlen TV Debatte Trump Biden
Фотографија: Brian Snyder/Reuters

Американската комисија за претседателски дебати соопшти дека наскоро ќе усвои промена на форматот за да се избегне повторување на хаотичната прва средба на републиканецот Доналд Трамп и демократот Џозеф Бајден.

Комисијата соопшти оти вчерашниот прв ТВ-дуел „јасно покажал“ дека на форматот на наредните дебати му е потребна „дополнителна структура за да се обезбеди поуредна дискусија“.

Повеќе овластувања за водителот

Една од можностите која се разгледува е водителот на ТВ-дуелот да добие овластување да го исклучи микрофонот на учесникот на дебатата додека зборува неговиот противник.

Kombobild Präsidentschaftswahlen TV Debatte Trump Biden

Првата дебата на Трамп и на Бајден ја обележа хаотична атмосфера, со чести упаѓања додека зборува соговорникот, остри обвинувања и лични навреди.

Повеќе:

-Депримирачки хаос во првата дебата меѓу Трамп и Бајден

-ТВ-дуел на Трамп и Бајден: Вжештена размена на вербални удари

-„Скандалите на Трамп станаа нешто сосем вообичаено“

Водителот на дебатата, новинарот на Фокс њуз, Крис Волас, не успеа да воспостави контрола над дискусијата.

Непартиската комисија ги организира ТВ-дуелите во кампањата за претседателските избори  во САД од 1988 година. „Планирани се дополнителни инструменти за одржување на редот“, порача комисијата. Промените на правилата ќе бидат „внимателно“ проверени и објавени наскоро.

Уште два ТВ-дуела до изборите

До изборите на 3 ноември,  ќе бидат одржани уште две претседателски дебати. Наредниот ТВ-дуел на 15 октомври во Мајами ќе го води Стив Скали од телевизијата Си-СПАН и на него и публиката ќе може да поставува прашања. Последната дебата на претседателските кандидате ќе се одржи на 22 октомври во Нешвил и ќе ја води Кристен Вокер од Ен-Би-Си Њуз.

ТВ дуелот меѓу кандидатите за потпретседател Мајк Пенс и Камала Харис ќе се одржи наредната среда.