1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Во Литванија не му се верува на Шолц

Давид Ел
7 јуни 2022

Канцеларот патува во Литванија за да разговара за тамошниот ангажман на Бундесверот во рамки на НАТО. Посетата е важна и за да се поврати загубената доверба, смета Давид Ел.

https://p.dw.com/p/4CKmb
Deutschland Ukraine Krieg l Kanzler Scholz in Köln, Blue Yellow Cross Club
Фотографија: WPA Pool/Getty Images

Кога Олаф Шолц ќе излезе од владиниот авион и ќе стапне на литванско тло, тоа ќе биде судир на два света. Се чини како канцеларот порадо да ќе си го прегризе јазикот отколку јавно да ѝ посака на Украина победа против руската инвазија.

Литванија, пак, се вбројува меѓу најсилните поддржувачи на Украина - пред само неколку дена земјата со 2,8 милиони жители се најде во главните вести откако граѓаните за само неколку дена собраа пет милони долари за да се купи Бајрактар-дрон за Украина.

Испорака на оружје од донации од луѓе, тоа човек мора прво да го процесира. Од почетокот на војната во Литванија се слушаат и приказни за приватни лица кои донирале очила за гледање во мрак или друга заштитна опрема.

Литванија дава поддршка на Украина и со поставување знамиња

Во Вилнус и други места во земјата солидарноста со Украина е видлива насекаде, меѓу другото и во форма на сино-жолти знамиња поставени на зградите на јавните институции. И самата влада има јасен став по ова прашање.

Kommentarbild-  David Ehl
Давид ЕлФотографија: Privat

Во координација со Естонија и Летонија, Литванија редовно е меѓу земјите кои бараат најголеми мерки за поддршка на Украина и најстроги мерки против Русија.

Литванија во советско време половина век го трпела владеењето на Москва, вклучително и депортации во Сибир, сурови убиства извршени од КГБ и една крвава ноќ, во која во 1991 година низ Вилнус поминуваа тенкови. Сето ова човек мора да го знае за да разбере зошто претставата за Германија таму во изминатите месеци претрпе толкава штета.

Сѐ започна со гасоводот Северен тек 2, кој беше изграден меѓу Германија и Русија откако Русија веќе го имаше анектирано Крим и подбуцнато немири на истокот на Украина. Во Литванија во тоа време, пак, веќе го имаа урнато монополот на Газпром на пазарот со гас и беа започнати бројни други иницијативи за постепено осамостојување од енергетската зависност од Русија. Германското сознание дека енергетската политика е и безбедносна политика, тука важи за старо правило.

Зошто толкава воздржаност?

Во првите шест месеци како канцелар, Олаф Шолц си допушти однесување што во Литванија и на други места во Централна и Источна Европа предизвика впечаток на негова воздржаност.

Прво, со недели се бореше против тоа воопшто и да го спомене Северен тек 2, а потоа, по избувнувањето на војната, тој долго време се спротивставуваше на испораката на тешка артилерија.

Во Литванија не помина незабележано ни тоа дека и неколку недели по расчистувањето на спорот околу тоа што претседателот на земјата не отпатува во Киев и покрај неколку јавни покани, Шолц сè уште не се одважи лично да ја посети Украина.

Кога министерката за надворешни работи Аналена Бербок го посети Вилнус во април, нејзиниот колега Габриелиус Ландсбергис ѝ даде комплимент кој може да се протолкува и како порака против Шолц и остатокот од владата - рече дека за Бербок „лично“ е сигурен дека ќе стори сé за Украина.

Понекогаш фрустрацијата од германската воздржаност во Литванија беше толку голема што дури имаше и демонстрирации пред германската амбасада во земјата. Во Литванија и натаму има луѓе што не се целосно убедени дека Германија е навистина сериозна во врска со нејзиното економско оттргнување од Русија.

Јасен став од Канцеларот

Затоа пак Германија ужива одлична репутација во други сфери. Прва и најважна е Бундесверот, кој ја предводи борбената група на НАТО во Литванија од нејзиното основање пред пет години. Оваа мисија е и главната причина за средбата со литванскиот претседател Гитанас Науседа. Се очекува бројот на германски војници во Литванија значително да се зголеми.

Во исто време, ова му нуди на Олаф Шолц уникатна шанса да ги подобри личните, а со тоа и севкупите германски односи со Литванија. Покрај конкретните воени заложби, многумина од него ќе очекуваат тој конечно да излезе со јасен став.