Последна битка на племето Ава
13 декември 2013
Жените не ги дојат само своите деца, туки и новороденчињата на мајмуните. Мажите својот плен го убиваат со лак и стрела. Иако дивите мајмуни се важен извор на храна на домородците од племето Ава, тие никогаш не ги јадат мајмуните кои се доени и израснати во некое нивно семејство. Дури и кога ќе се вратат во шума, приматите се сметаат за дел од семејството.
Постојат малку автохтони народи кои живеат многу далеку од каква било цивилизација. Во Амазонската прашума, во државата Марањао во Бразил, живеат околу 100 члена во племето Ава, од кои вкупно има само уште 400 луѓе. Од 2005. година оваа етничка група има свој резерват- право на заштитени 1.165 квадратни метри.
Тоа е преголем простор за толку малку луѓе, сметаат трговците со дрво и фармерите и не запираат со уништување на прашумата, нелегално сечат дрва и така од прашумата прават ливада. Бразилската агенција за заштита на индигеното население (Фунаи) потврдува дека моментално без дозвола во резерватот Ава се наоѓаат 700 луѓе.
Со пушки против лак и стрела
Но, тоа наскоро би требало да се промени: Агенцијата наведува оти бразилската полиција и војска сакаат да ги протераат натрапниците до Нова година. Меѓуоа, веќе сега е јасно оти тоа нема да помине без конфликт, бидејќи сите се подготвени за вооружена борба: трговците на дрва, фармерите, полицијата, војската, домородците и нивните заштитници.
„Индијанците Ава имаат само лак и стрели кои ги прават илјадници години. Ним им е потребна наша помош“, вели Жозе Педро дос Сантош од Фунаи.
Една третина од резерватот е веќе соголена, проценува невладината организација „Survival International". Во областа Ава процесот на соголување е многу побрз отколку во кој било друг резерват во бразилскa Амазонија. Племето Ава веќе нема можност за лов и сѐ потешко му е да опстане“, вели Сара Шенкер од Фунаи.
„Ќе не‘ убијат“
Конфликтот кој престои е кулминација на долгата историја конфликти помеѓу староседелците и дојденците. Пред да стапи во контакт со т.н. цивилизација во 1980. година племето Ава броело повеќе од 1.000 луѓе. Многу ги изгубиле своите животи за време на „култивизирањето т.е. модернизирањето“ на регионот, на пример за време на изградбата на железнички пруги и патишта- или умреле од болести за кои нивниот имунолошки систем не бил подготвен.
„Трговците со дрво ни се на телефон, праќаат пораки, но не се појавуваат на лице место“, вели Жозе Педро дос Сантош. „Дури можат да се слушнат на радио и велат дека не се плашат од војската. Тие сакаат да се борат“, вели Сантош кому неколку пати му се заканувале со смрт. Сантош, кој веќе 40 години работи со племето Ава, и самиот е вооружен, но вели дека прво ќе го убијат него и соработниците од Фунаи, а потоа членовите на племето Ава. Тој вели оти во тоа воопшто не се сомнева.
Светско медиумско внимание
„Survival International" во 2012. започна кампања за да привлече внимание во светот за положбата на племето Ава. Во кампањата се приклучија многу познати личности. Американскиот магазин „Венити фер“ во своето септемвриско издание годинава објави репортажа на 13 страници за најзагрозениот народ во светот.
Магдалена Борхес Пињеро од католичкиот Совет за мисионирање на Индијанците во Бразил, ја поздравуваа оваа кампања и вели оти Матакина, како што од милост се нарекуваат членовите од племето Ава, не се воено племе.
Во Германија релативно често се пишува за загрозените племиња во Амазонија. Така, градот Вајмар годинава (10.12.) својата значајна награда за човекови права му ја додели на Индијанецот Бенки Пијако од племето Ашининика од покраината Акра во Бразил. Бенки Пијако наградата ја прими во името на сите домородци во Бразил.