Во Јемен умираат од глад, светот немо гледа
10 ноември 2017Светот премногу долго го врти погледот и ништо не презема. Конечно, Јемен е далеку, а Јеменците се премногу сиромашни за да можат оттаму да стигнат кај нас како бегалци. Алармантните повици на хуманитарните организации остануваат без одек. Светот не обрнуваше големо внимание и од причина што во јавноста има малку фотографии од земјата потресувана од граѓанска војна.
Најновиот апел од ОН меѓутоа, претставува силно протресување: се очекува најголемата катастрофа со глад во последните децении да однесе милиони жртви. Зашто, секој четврт од 28-те милиони жители на Јемен е загрозен од глад, доколку Саудиска Арабија брзо не го деблокира воздушниот простор за хуманитарни летови и пристаништата за пристап на бродови со намирници.
Саудиска Арабија воведе сеопфатно ембарго против Јемен, кое изминатиот викенд беше дополнително заострено. Причината е тоа што јеменските Хути-бунтовници испалија иранска ракета врз саудискиот главен град Ријад. Од почетокот на војната во март 2015. година, која Саудиска Арабија ја започна против Хути бунтовниците, во повеќе наврати врз саудиските градови беа испалувани ракети со краток дострел од иранско производство. Но, последната, испалена врз Ријад, се чини беше онаа која ја прели чашата, саудиската влада тврди дека дека таа е испалена од страна на борците на милицијата на Хезболах, чиј поддржувач исто така е Иран.
Ракетите испалени врз Саудиска Арабија во секој случај предизвикуваат штети кои не се ништо во споредба со уништувањето предизвикано од саудиската воздушна војна против Јемен во последните две години. Кралството сака да спречи Хути-милициите да станат постојана закана на неговите јужни граници, но не е подготвено на копнена офанзива. Воздушните напади пак не можеа да ги протераат Хутите, но затоа ја втурнаа земјата и нејзиното население во амбис.
Саудиска Арабија и Иран ја водат својата војна за доминација во Блискиот Исток врз грбот на Јемен, ривалство кое кобно оптоварува и надвиснува над целиот Блиски Исток. Иако, Јеменците беа тие кои прво сами започнаа граѓанска војна, а потоа Саудиска Арабија се вклучи на страната на партијата на прозападниот претседател Хади, додека пак Иран ја поддржува противничката страна, Хути-милициите, со оружје.
Саудиското прашање - што бара Иран во овој дел од арапскиот свет, е сосем оправдано. Но, тоа во никој случај не ги оправдува страдањата кои на јеменското цивилно население му ги предизвикува во прва линија саудиската политика.