Назад кон Шенген
13 септември 2018„Шенген е една од најголемите придобивки на европската интеграција. Мора да сториме сѐ за тоа да го осигураме“, изјави еврокомесарот за бегалци Димитрис Аврамопулос за весниците од медиумската група Функе (Берлинер моргенпост, Брауншвајгер цајтунг, Хамбургер абендблат, Ноје Рур цајтунг, Вестдојче алгемајне цајтунг, Тирингише ландесцајтунг и неколку други помали весници).
Шенген е договор на 22 држави за откажување од контроли на границите. Но, од почетокот на бегалската криза на многу граници меѓу земјите на ЕУ повторно се вршат контроли на лица, како што е случајот меѓу Германија и Австрија, но и во Франција, Данска, Шведска и во Норвешка, која не е членка на ЕУ, но е дел од Шенген. Државите како образложение наведуваат безбедносни проблеми.
Граничните контроли меѓу европските држави, според Европската Комисија, би требало што е можно побрзо да се укинат. „Го трасиравме патот за максимална заштита и контрола на надворешните граници (на ЕУ, н.з.)“, изјави Аврамопулос. Притоа, еврокомесарот укажува и на други иницијативи за подобрување на размената на информации меѓу службите за заштита на границите и за безбедност. „Тоа би требало да ни овозможи што е можно побрзо враќање кон нормалното функционирање на Шенген.“
Повеќе:
Германија и Австрија ги зајакнуваат граничните контроли
Хрватска во нов и полош Шенген?
Аврамопулос денеска во Брисел ќе претстави детали од предлозите на ЕК за миграциската политика. Дел од тоа е и зголемување на граничната и крајбрежната служба на ЕУ од 1.500 на 10.000 службеници, кои би имале многу поголеми овластувања отколку во моментов. Еврокомесарот ги отфрла стравувањата дека на тој начин ќе се создаде „Тврдина Европа“: „Европа е и останува место каде меѓународна заштита ќе добијат оние на кои тоа навистина им е неопходно.“