„Гастербајтерскиот“ сон знае да биде и кошмарен!
8 март 2018Заминал на печалба по парче леб, едвај успеал да се врати дома без скршен денар во џеб. Стојан Насев е еден од повеќето македонски државјани чиј сон за работа на „ветениот Запад“ завршил кошмарно. Овој средовечен штипјанец пред две години заминал на работа во Чешка. Преку македонски посредници добил работа како гипсар во фирма која градела и реновирала објекти. Но она што значело надеж во самиот старт, многу бргу прераснало во вистинско разочарување:
„Уште при самото пристигнување на мене и уште двајца со кои заминав од Македонија ни ги побараа пасошите. И оттогаш па во наредната година воопшто не ни ги вратија. Нѐ сместија во стан од 60 квадратни метри кој го делевме со уште дваесетина луѓе главно од балканските земји“, раскажува Стојан.
Во наредната година и половина Стојан вели дека работел макотрпно. Дури и по 12 часови на ден. Бидејќи бил со македонски пасош морал да биде многу внимателен:
„Газдата на фирмата ни наложи пред и по работата на објектите никако да не носиме работна облека, туку исклучиво да се движиме во цивилна облека. Не ми беше тешко да работам воопшто, бидејќи имам големо искуство. Но проблем беше што постојано ме залажуваа со парите кои ми ветуваа дека ќе ги заработам. Она што го договоривме уште во Македонија не го добив никогаш. Постојано ме лажеа и одложуваа и ми даваа по некој денар, дури ми е и срам да кажам за колку пари станува збор, едноставно мизерија“, се жали Стојан.
Без документи и без скршена пара, Стојан немал многу опции. Се обидел да најде некоја алтернатива но попусто:
„Џабе водев евиденција, ми даваа постојано аванс, но не и целата сума, како на врапче. Со тие пари не можев ни да се прехранам. Само колку да намачкаш некој путер на лепче и да купиш чај. Најтешко ми беше кога ќе влезев во супермаркет. Едноставно, немав доволно ни достојно да се хранам“.
Повеќе на темата:
Илјадници нови гастарбајтери од Балканот
По повеќе од една година Стојан решил да си замине дома во Штип. Одлуката ја донел лесно, но и таа морал да ја реализира на потешкиот начин:
„Кога му кажавме на газдата дека ќе си одиме ни ги врати пасошите и ни кажа ајде сега од Прага до Штип одете со велосипед. Не сакаше да ни даде пари ниту за авионска карта. По низа кавги, во кои паднаа дури и закани конечно се смилува и ни плати карта до Скопје. Кога стигнавме таму, немав ниту за автобус до Штип. Му се јавив на еден роднина кој дојде да ме земе со автомобил и ме однесе дома“.
Непријатни искуства
Приказната на Стојан за жал не важи за исклучок во Македонија Слични, или можеби полоши искуства постојано се споделуваат во јавноста, главно преку социјалните мрежи, преку кои најчесто и се објавуваат разни огласи за работа во земји од ЕУ. Најголем е ризикот кога некој се одлучува да замине на работа со македонски документи како случајот на Стојан.
Има и такви кои уште пред да заминат го плаќаат „цехот“ на ризикот. Група студенти минатото лето останаа и без пари и без работа која им ја ветувала посредничка агенција од источниот дел на Македонија која им ветила вработување во познатиот синџир за брза храна „Бургер Кинг“. Слична судбина доживеал и жител на Скопје кој исто така сакал да замине во Германија.
Во разговорот со него, тој инсистираше на анонимност. Ни раскажа дека ја одбрал Германија како дестинација за која слушал дека нуди најмногу работа за пристојна заработувачка. Преку оглас на социјалните мрежи стапил во контакт со лице кое му ветило вработување. Но од целата приказна не само што никогаш не заминал во Германија, туку и попусто потрошил 1.200 евра. Случајот го пријавил во Министерството за внатрешни работи чија евиденција по овој основ станува се` подолга.
Од МВР за Дојче веле изјавија дека во последнава година биле евидентирани 109 кривични дела измами, од кои како кривични се пријавени 66 лица. Од нив, шест лица се евидентирани за измама во седум случаи со ветување на работно место. Целата постапка сега е во надлежност на Основното јавно обвинителство каде биле поднесени четири кривични пријави.
Најсигурно со ЕУ-документ
Упатените во овој бизнис велат дека најчесто „страдаат“ оние кои сакаат да заминат во странство но немаат европски документи. Затоа велат, најсигурно е доколку се конкурира на пример со бугарски пасош:
„Ако имате документ од ЕУ, или Бугарија, тогаш нема проблем. Работа има колку што сакаш. Само треба желба но и знаење“, вели Милан кој живее во град во Југоисточна Македонија кој работи како посредник. Тој соработувал со агенција од Словенија преку која се испрачале работници на разни места во Германија:
„Интересот е голем, а како и да не, ако се знае дека најниската саатница е седум до 8 евра. Сместувањето е во станови каде една соба делат најмногу двајца и е платено. Има луѓе што се таму и со години, но има и такви на кои условите не им се допаѓаат и се враќаат за кратко. Едноставно не можат да го издржат тамошното темпо и принцип на работа. Има и случаи кога некои ќе избегаат и ќе најдат работа на друго место“, објаснува Милан.
Бесперспективноста и нискиот стандард го прават интересот за работа во странство огромен, па оттука и голем дел од македонските граѓани воопшто и не размислуваат и прифаќаат да заминат дури и по секоја цена. Дел од искуствата се позитивни, но неизвесноста, често носи и разочарување и финансиска загуба, како во случајот со нашите соговорници.
Стојан, кој сега е во Штип вели дека не му е лесно но се снаоѓа за да преживее. Занаетот му носи приход, а по некој денар заработува и од музиката како член на популарен локален бенд. Сепак, тој вели дека не губи надеж. На лошото искуство од Прага гледа како поука за идните чекори кои повторно ги планира за надвор од границите на Македонија. Преку познати, сега размислува да замине на работа во Малта, која веќе неколку години важи за популарна работна дестинација за македонските граѓани:
„Таму веќе извесен период се заминати мои пријатели. Од она што го кажуваат ми личи дека е подобро. Веројатно и јас ќе заминам, но пред тоа добро ќе се пресметам и договорам“, вели Стојан.
Колку македонски граѓани се заминати на печалба во странство нема прецизна евиденција. Според некои податоци само во последниве петнаесетина години земјата ја напуштиле половина милион луѓе во потрага по подобар живот.
Читајте нѐ и преку апликацијата на ДВ за андроид