1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Геоцентричното во разгорениот национализам

Тони Поповски
9 април 2022

Време е за нова коперниканско-просветителска револуција. Доколку не ја кренеме, има ризик да завршиме во домашен притвор како Галилео, или уште полошо на „народната“ клада. Пишува Тони Поповски

https://p.dw.com/p/49eRA
Illustration Weltall | Outer Space Seeing Earth
Фотографија: OpenSpace/American Museum of Natural History/AP/picture alliance

Во астрономијата, геоцентричниот модел на Птоломеј е опис на Универзумот со Земјата во центарот. Според овој модел, кој е се нарекува геоцентризам, Сонцето, Месечината, ѕвездите и планетите орбитираат околу Земјата. Овој модел функционирал како општо прифатена теорија повеќе од 1.500 години, со дополнителни 300 години транзиција сѐ до 16-от век, кога бил заменет со хелиоцентричниот модел на Коперник (1473–1543), Галилео (1564–1642) и Кеплер (1571–1630), кој докажува дека Сонцето е центар на Сончевиот систем, и дека Земјата се врти околу Сонцето, а не обратно. 

Преминот од една во друга теорија бил проследен со големи отпори, особено придвижени од влијателните религиозни институции. Галилео бил субјект на истрага на Римската инквизиција во 1615 година, која заклучила дека хелиоцентризмот е глупав и апсурден бидејќи се спротивставува на Светото Писмо, и следствено го осудува Галилео за ерес, принудувајќи го остатокот од животот да го помине во домашен притвор.

Хелиоцентричниот систем на Коперник се смета за еден од најсуштинските научни пробиви, познати и како Коперниканска револуција. Не случајно, по него е именувана клучната програма на ЕУ за набљудување на Земјата, која преку огромни количини на глобални податоци од сателити и системи за мерење на земја, воздух и море, обезбедува бесплатни информации за давателите на услуги, властите и меѓународните организации, а со цел да се подобри животот на европските граѓани и пошироко. 

Нелибералното како економска алтернатива на либералното

Либералната демократија е комбинација на либерална политичка идеологија и политички систем определен со слободни и фер избори меѓу повеќе различни политички партии, поделба на власта во различни гранки, владеење на правото во секојдневниот живот како дел од отворено општество, пазарна економија со заштитена приватна сопственост и еднаква заштита на човековите права и слободи. 

Од друга страна, нелибералната демократија е систем на владеење во кој иако се одржуваат избори, граѓанските слободи и влијанието на избирачите врз практикување на власта е ограничено, општеството е затворено, економијата е претежно централизирана, а државата е заробена. Нелибералните водачи систематски делуваат против какви било демократски контролни механизми и претежно ја игнорираат волјата на малцинството за сметка на единствениот „политички народ" предводен од водачот и неговата камарила. Следствено, изборите во нелибералната демократија се нефер, бидејќи се одвиваат со одлучувачка структурна предност за оној кој владее , и притоа се ставени во функција на „демократско легитимирање" на реизборот на актуелниот лидер. 

Nordmazedonien Ex-Umweltminister Toni Popovski
Тони Поповски е архитект и поранешен министер за животна срединаФотографија: privat

Надвор од професионален круг на политиколози, за обичниот граѓанин, овие клучни одредници на теоријата на судир помеѓу либералната и нелибералната демократија, се тешко разбирливи.  Иако луѓето природно копнеат по слобода, исто така копнеат по животен стандард, куповна моќ и економска благосостојба. За второто, третото и четвртото неретко се подготвени да го жртвуваат првото. 

Избор на стандард пред демократија

Додека либералниот Запад поддржуваше стабилност пред демократија на Западниот Балкан и до некаде на европскиот Исток, токму стабилизаторите во „заробените држави“ го наметнаа концептот на стандард пред демократијата. Од таа причина не треба да нѐ чудатубедливите победи на Вучиќ и Орбан, чиј модел на владеење е во основа нелиберален и иако не до крај аплициран, во суштина е инспириран од школскиот пример на Путин во Руската Федерација. Последниов модел кој деновиве трагично се манифестира во Украина поради агресијата на Руската Федерација, колку и да звучи парадоксално, придонесува за консолидација на предводниците на нелибералното на Балканот но и на истокот на Европа. Во спротивно, промена на власта во Србија и Унгарија ќе имаше, но нема. Напротив, има посилна консолидација.

Српскиот БДП по глава жител е за цирка 1.000 евра повисок од македонскиот (околу 6,500 наспроти 5,500 евра). Унгарскиот (близу 15,000 евра) е безмалку трипати поголем од нашиот. Бугарскиот е со над 8,000 евра, и е на последно место во ЕУ27 зад романскиот, но потоа во групата држави со најмал износ се унгарскиот, хрватскиот и литванскиот. Бројкиве би говореле во полза на тезата дека социо-економска благосостојба повеќе и побргу генерираат нелиберални системи само доколку се игнорира ниското рангирање на дотичните држави и дека една континуирано либерална и политички умерена Естонија е со БДП по глава жител од близу 25,000 евра. Затоа, оваа нелиберална тема е геоцентрична, односно лажна, но да се негира е прогласено за ерес во дотичните општества. 

Нашиот стратешки компас е насока 270 степени – запад

За Путин, Русите се центар на светот кој се врти околу нив. За Вучиќ и Орбан, Србите и Унгарците се центар на светот. За лидерите и приврзаниците на нелибералното, зад кои за жал е застанато мнозинското јавно мислење кај нас и во Бугарија, Македонците и Бугарите се центар на светот, кој се врти околу нив. Светот не се врти ни околу Албанците, ниту кој било народ или нација во светот. Само неоптоломејците нѐ убедуваат дека има таков, еден и единствен Ваш, а во суштина нивен „политички народ“, околу кој сонцето се врти, и на кој само тие како лидери можат да му обезбедат повисок стандард.

Коперниканци против неоптоломејци

Време е за нова коперниканско-просветителска револуција. Доколку не ја кренеме, има ризик да завршиме во домашен притвор како Галилео, или уште полошо на „народната" клада поставена и запалена од  политичката инквизиција на неоптоломејците. Секојдневни закани има, и не треба особено либералниот Запад да ги игнорира, за да потоа биде изненаден ако се претворат во дело. 

На балканскиот начин, потребен му е европски зачин

Треба дома, но и во регионот да се организираме и координирано, гласно и храбро да ја споделуваме вистината дека економски стандард може да се гради без притоа да се загрози демократијата. Што се однесува до нас, без оглед дали напредуваме кон ЕУ или сме во чекалницата, не смееме да ги заложиме кај неоптоломејците, нашите со големи жртви освоени слободи и права. И да сме надвор од ЕУ, па и никогаш да не се приклучиме, не смееме да дозволиме некој да ја зароби Републиката, и да владее во име на само еден „политички народ“, а во суштина за свој профит.