1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Германија го одврзува „ќесето“ за поддршка на Македонија

Костадин Делимитов
23 ноември 2018

Клучниот трговски партнер на Македонија станува и клучен економски советник и поддржувач. Со грантови, донации и пренесување искуства, Германија ќе ѝ помага на Македонија економски да зајакне.

https://p.dw.com/p/38jjX
Heiko Maas mit mazedonischem Amtskollegen Nikola Dimitrov
Фотографија: DW/B. Georgievski

Подобра инфраструктура, подобро образование, подобра бизнис клима. Македонија ќе ги јакне своите економски перформанси со финансиска поддршка, но и совети и искуства од Германија. Кои ќе бидат приоритетите и како тие ќе се реализираат ќе се утврдува од страна на заедничкиот економски управувачки комитет кој денеска и официјално почнува да функционира. Конкретизирањето на германската поддршка за Македонија, за властите во Скопје е позитивен сигнал:

„Оваа иницијатива на Германија, која ние со задоволство ја прифативме, е јасна поддршка на германската држава за се` ова што се случува во Македонија. Со тоа, Германија сака да ја покаже својата поддршка на Република Македонија во евроатлантските интеграции“, изјави за Дојче веле вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев, кој ќе претседава со комитетот од македонска страна.  

Повеќе: 

Мас: Германија и натаму ќе ѝ дава поддршка на Македонија

Германската економија во поддршка на Македонија

Инфраструктурата и образованието во фокусот

Задачата на  ова тело ќе биде да номинира проекти во кои што Македонија и Германија директно ќе соработуваат. Фокусот ќе биде на инфраструктурата, но и образованието: 

„Соработката ќе се одвива во две области. Во делот на инфраструктурни проекти кои се во интерес на граѓаните. Како патишта, транспортни услови, енергетски проекти и слично. Но исто така и за конкретна помош во дуалното образование, организирање на образовниот систем во Македонија кој што треба да се прилагоди на потребите на економијата“, објаснува Анѓушев.

Освен конкретни идеи и совети, новиот начин на соработка ќе донесе и поволен и полесен пристап до финансии. Поддршката директно ќе се обезбеди преку германски банки со грантови, донации или поволни кредити:

„Финансиските институции во Германија како 'Дојче банк' или 'Германската банка за поддршка на развојот' ќе обезбедат финансиски средства за реализација на инфраструктурни проекти во Македонија. Идејата е тоа да не оди во нормалната процедура преку ЕУ, туку како директна поддршка од Германија за Македонија. Со тоа Германија сака да покаже поддршка и посветеност во овој дел за што ние како влада сме им благодарни“, вели Анѓушев.

Deutschland Gerüstbauer
Фотографија: picture-alliance/dpa/C. Charisius

Повеќе германски експерти

Од германска страна претседавач ќе биде сојузното министерство за економија и енергетика. Целиот процес ќе донесе во Македонија и повеќе германски експерти кои ќе се ангажираат онаму каде што ќе се детектира потреба за подобрување на институционалните капацитети. Дел од оваа стратегија веќе и се реализира со поддршка на германската стопанска комора во Македонија која е ангажирана на неколку проекти во делот на дуалното образование:

„Станува збор за многу позитивна работа бидејќи таа покажува дека Македонија и Германија имаат заеднички економски интереси. Дефинитивно образованието е една од критичните теми- принципот на дуално образование, кој ние како комора веќе го правиме во Охрид и Кавадарци, а потоа и во Прилеп, Битола и Велес. Со нашите активности силно сме ангажирани во овој сегмент конкретно во делот на фабриките кои произведуваат делови за автомобилската индустрија и нивните потреби за квалификуван кадар“, објаснува Патрик Мартенс, директор на Германската стопанска комора во Македонија.

Според Мартенс, кој како ко-претседавач директно ќе биде вклучен во активностите на управувачкиот комитет, многу е значајно да се работи на подобрување и на условите за бизнис во Македонија но и привлекување на нови инвеститори:  

„.Правната држава, независноста на судството, како клучни пунктови и за бизнисмените е многу важна планирањето, правната сигурност, тоа е и најважно како да обезбедиме најдобри услови за инвеститорите, да ги подобриме... “

„Фокусот се разбира се и инвеститорите, заштитата на нивните интереси, подобрување на условите за нив, пресретнување и решавање на можните проблеми. Клучните пунктови се правната сигурност, независноста на судството. Тоа е најважно, како да ги подобриме и обезбедиме најповолни услови за инвеститорите, за нивните планови. Нѐ радува тоа што и кај двете страни има подготвеност и транспарентност“, смета Мартенс.

Повеќе: 

Германија нуди поддршка, но бара стабилност и извесност за инвестициите

Германски стопанственици: Правната несигурност е лоша порака за бизнисот

Кои ќе бидат првите проекти на кои што ќе се работи, допрва ќе се утврдува. Идеи има, но тие допрва треба да се допрецизираат, велат од македонската влада. Првите конкретни најави може да очекуваат веќе во декември.

За целиот проект владата ги информираше и стопанските комори кои треба активно да се вклучат, посебно во делот на системот на дуално образование. Идејата е да се направи јавно приватно партнерство помеѓу владата и стопанството, каде што компаниите би преземале обврска да ги вработуваат учениците кои учествуваат во дуалното образование, кои всушност би извршувале практична обука уште за време на образовниот процес.

Формирањето на заедничкиот управувачки комитет е логично последица на и онака одличните економски односи помеѓу Македонија и Германија. Најсилната европска економија не важи само за главен инвеститор во Македонија, туку и за главен трговски партнер со кој Македонија остварува суфицит во трговската размена. Трендот на трговската размена е во постојан раст и годинава според проценките се очекува да надмине четири милијарди евра.