Германија: добра за работа, лоша за живеење
6 септември 2018Високи кирии, хроничен недостаток на места во градинките, зголемени животни трошоци. Тоа се маките кои не ги мачат само Германците, туку и оние кои од други земји доаѓаат во Германија да работат, најчесто привремено (експатс). Но, тоа не е она што странците кои доаѓаат во Германија го гледаат како најголем проблем. Она што најмногу им пречи е не баш пријателскиот однос на Германците кон странците.
Тоа произлегува од студијата на интернет-платформата „InterNations", наменета за оние кои живеат и работат во странство. Притоа, заклучоците на студијата не се нови: и минатата година дојденците се жалеа на гостопримството на Германците. а овојпат Германците минаа уште полошо: од 68 земји на листата, Германија се најде на 38 место. Тоа е далеку послаб резултат од 2014 година кога Германија се уште беше на солидното 12 место.
Расправа за доселувањето го зајакнува негативниот впечаток
„Дури 56 отсто од испитаниците во Германија тврдат дека е тешко да се спријателиш со локалното население“, вели за ДВ директорот на платформата „InterNations", Малте Цек. На глобално ниво, 36 проценти од иселениците имаат проблем да воспостават контакт со локалците. Во Германија тој процент е далеку повисок. „Темата миграции која во последно време владее со јавниот дискурс, не влијаеше позитивно врз развојот на ситуацијата“, вели Цек.
Тоа не го подобрува ниту добриот имиџ на Германија кога е во прашање економијата. Германија и натаму е меѓу највисоко ценетите како место за работа: работните места се сигурни, социјалните услови добри, стопанството стабилно.
„Германија е атрактивна цел за странските работници“, смета и Марсел Фрачер, директор на Германскиот институт за економски истражувања. Во разговор за ДВ тој наведува дека во текот на последната деценија секоја година во Германија се доселувале по 300 илјади граѓани од други земји на ЕУ. Фрачер смета дека Германија е атрактивна поради квалитетните работни места и добрите можности за натамошно образование, и дека тоа така ќе остане и во иднина.
Без доселување нема економски раст
А странските стручњаци во Германија се важни затоа што во земјата ги нема доволно. Особено ако се земат во предвид демографските текови, Германија би морала малку повеќе да се потруди околу тоа како ги дочекува и прифаќа странците. Директорот на Институтот смета дека без интензивното доселување од другите европски земји во текот на последните десетина години, Германија не би забележила толку значаен економски раст.
Во тоа светло, поголемата толеранција кон странците може да се сфати и како некој вид подготовка за иднината. „Оние кои се добро квалификувани, кои можат да бираат каде во светот ќе бараат работа, во Германија ќе дојдат не само поради квалитетните работни места, туку и ако бидат добро прифатени. Во моментов пречките тука сѐ уште се превисоки“, вели Фрачер.
Победник- Бахреин
Во тој дел Германија може многу да научи од арапската држава Бахреин која се наоѓа на врвот на листата на истражувањето на „InterNation". И тоа затоа што прави сѐ за странците да се чувствуваат удобно. Слично добро минува и Тајван. Во петтото по ред истражување учествувале повеќе од 18 илјади иселеници во 187 земји. Притоа, поголема улога игра субјективната перцепција на квалитетот на животот, а помалку статистичките податоци. Во Германија учествувале 1.962 доселеници.
Годинава за првпат на листата на критериуми се најде и елементот: дигитален живот. И во таа категорија Германија мина лошо. За разлика од Естонија, дигиталниот рај на северот на Европа која на граѓаните им го олеснува секојдневието, на пример, преку целосна дигитализација на бирократската работа.
Германија се најде дури на 53 место кога е во прашање дигиталното секојдневие. „Само 29 отсто од испитаниците сметаат дека во Германија е лесно да се дојде до брз интернет-приклучок“, објаснува Цек. И до мобилен телефон во Германија е потешко да се дојде одошто на друго место, а истото важи и за дигиталното плаќање. Цек смета дека тоа се нешта кои можат лесно да се поправат, на пример со воведување на повеќе локални услуги преку интернет. И повеќе државни интернет-страници на англиски јазик исто така не би било лошо.
„Мислам дека тоа не би смеело да биде проблем“, заклучува Цек.