Пандемијата го „отежна“ полесното доселување во Германија
5 март 2021Очекувањата беа големи: Германскиот министер за економија Петер Алтмајер го нарече новиот закон за доселување на стручна работна сила - „пресвртница“ за Германија како деловна локација. Специјалисти за ИТ, занаетчии, медицински сестри - за сите нив патот до Германија требаше да биде полесен со новите правила што стапија во сила на 1 март 2020 година.
Една година подоцна, владините претставници наголемо го фалат законот. Тешко е да се каже дали со право. Пандемијата ги направи патувањата и доселувањето исклучително тешки. Според германската влада, издадени се речиси 30.000 визи за стручњаци и специјализанти од земји кои не се членки на ЕУ. Колку од овие луѓе навистина влегле во Германија, меѓутоа, не се знае.
Даниел Терценбах, кој е одговорен за меѓународна соработка во бордот на Сојузната агенција за вработување (БА), е поборник на законот. Неговата прогноза пред една година гласеше: 10.000 имигранти во првата година, што тој го сметаше за реално. Па, како ретроспектива, тој резимира: „Посакувавме многу повеќе, но не значи дека ништо не е придвижено“.
Корона-кризата го промени профилот на доселеници
До 1 март 2020 година, само апсолвенти од земји што не се членки на ЕУ на германските универзитети, без понуда за работно место, можеа да бараат работа во Германија. Ова сега стана можно и за стручните работници, под услов да зборуваат германски и да заработуваат доволно за живот. Визите треба да се издаваат побрзо.
Повеќе:
-Од Балканот кон Германија заминуваат стручни работници
-„Како да си пред портите на лудница, а не на Германија“
-На работа во Германија само со призната квалификација и обезбедено работно место
Околу 2.000 стручњаци дојдоа во Германија во изминатите дванаесет месеци преку специјални програми на БА. Меѓу нив беа работници од Филипини (362), Мексико (200), Бразил (98), Виетнам (85), Иран (71), Индија (39), Украина (34), Тунис (27), како и 18 специјализанти од Ел Салвадор. Ограничувањата за патување предизвикани од корона-кризата и условите поврзани со пандемијата во земјите на потекло, не дозволија поголем прилив. „Некои земји - на пример Бразил - мораа драстично да ги намалат активностите за посредување за работа во Германија. Поради екстремната состојба со коронавирусот во земјата, фокусот во моментов е сосема поинаков “, вели Терценбах.
И профилот на доселениците се промени за време на корона-кризата. „Медицинскиот персонал и негувателите остануваат многу важни, ИТ-стручњаците исто така. Но, пред пандемијата имавме голема побарувачка во угостителската индустрија “, вели Терценбах. „Сега, меѓутоа, за овој сектор најнапред гледаме на домашниот пазар на труд, каде многу луѓе останаа без работа. Потребите малку се пренасочуваат поради короната “.
Што ја прави една земја попривлечна за доселување?
Бројките на Сојузната агенција за вработување јасно укажуваат дека уште во претходните години имиграцијата од земјите кои не се членки на ЕУ, беше масивна потпора за вработувањето во Германија. Во корона-годината 2020, кога вработувањето со сите социјални придонеси доживеа крах во Германија, доселениците дури беа и позитивен исклучок. Помеѓу ноември 2019 и ноември 2020 година, 66.000 доселеници од трети земји добија работно место со сите социјални придонеси, додека други 171.000 работни места беа укинати во земјата
Мариус Толенаер и Нима Сарвари сè уште гледаат простор за подобрување кај новиот закон. Двајцата адвокати работат за германската филијала на адвокатската канцеларија „Фрагомен Глобал“, специјализирана за испраќање на работници и работна миграција. Тие влегуваат во игра кога средните или големи претпријатија, кои тие главно ги застапуваат, бараат квалификувани специјалисти на друго место во светот, честопати во ИТ-секторот.
Самата правна рамка за доселување е навистина привлечна за квалификуваните работници дури и во меѓународна споредба, објаснува Толенаер. „Ова значи дека висококвалификувани специјалисти можат да добијат дозвола за доселување по само 21 месец, односно право на постојан престој и слободен пристап до пазарот на трудот. Но, тоа не е доволно: „Заблуда е да се верува дека правните регулативи ја прават земјата попривлечна како дестинација за квалификувани специјалисти“. Канада и Австралија се „магнети за многу високо квалификувани луѓе“ и покрај високите пречки.
Можни злоупотреби
Но Терценбах исто така предупредува дека премногу ниските пречки за доселување би можеле да водат кон злоупотреба. Посебно, според него, мора да се внимава, доселениците да не западнат во рацете на погрешни луѓе.
„Ако тоа се претвори во затскриена трговија со луѓе, ќе имавме голем проблем“, вели Терценбах.
Сарвари забележува: „Некои новини изгледаат добро само на хартија“. На пример, терминот во конзулатот или амбасадата во определен рок во забрзаната постапка за доселување на стручњаци. „Но, тоа не функционира или доведува до потиснување на другите тековни постапки ако нема доволно персонал во конкретниот конзулат или амбасада. Најдобриот закон носи малку полза ако на службите им недостасува неопходната техничка и персонална опременост“. На пример, на Балканот, со години е тешко да се закаже термин за виза. „Тоа понекогаш трае осум или девет месеци“.
Законот за доселување на квалификувани работници едноставно запнува кај спроведувањето, резимира Сарвари. „Потребни ни се понебирократски, побрзи и подигитализирани процедури“.