Германија - земја на пивото
500 години стариот Указ за чистота на пивото е гаранција за висок квалитет. Но, за пасионираните консументи, одамна е важен и специфичниот вкус на пивото, кое го има во импресивен број видови во Германија - дури 5.500.
Не секое пиво е... пиво!
Пивата содржат широк спектар на концентрација на алкохол и вкус. Не се сите во согласност со Указот за чистота на пивото, затоа на етикетата не стои секогаш и зборот „пиво“. Некои видови пиво се произведени од големи фирми, други пак од мали независни пиварници. Но, сите се вкусни.
Светло пиво: „шампањ“ од северот
Берлинското светло пиво е пченично пиво со мал процент алкохол, а се произведува од 17 век. Неговата киселкаста нота ја добива со додавање на еден лактобацил. Во Берлин ова пиво обично се сервира со дотурање малку овошен сируп. Уште Фридрих Велики знаел како се прави светло пиво, а Наполеон го „крстил“ „шампањ од северот“.
Овошно пиво: повеќе од четири бази
Од 1516 година германското пиво смее да содржи само вода, јачмен, слад и квасец. Прописот за чистота на пивото требало да ги спречи бескруполозните производители на пиво да му додаваат често и отровни состојки. Но, денес не постои никаква причина за забрана на природни состојки во пивото. Берлинската мала пиварница Хајденпетер на пример креираше вкусно пиво од малини, според белгиски пример.
Солен вкус од минатото
Сол во пивото? Звучи смешно, но тоа е тајната која се крие во специјалниот вкус на пивото Госе. Тоа потекнува од регионот Харц и се произведува уште од 14 век. Мешавината од коријандер, млечни киселини и специјален локален вид квас создава пијалок со солен вкус, без да предизвикува жед. Госе е постар од Законот за чистота на пивото, затоа го ужива статусот на „специјално пиво“.
Пејл Ејл: Пиво без граници
Долго траеше додека движењето за „крефт’ пиво од САД стигна до Германија, но во меѓувреме и овде се етаблираа вкусните пива од мали независни пиварници. Една од нив е и Берлинер берг, позната и надвор од националните граници која ги истражува англо-американските стилови во целата нивна разновидност. Многу омилено е Пејл Ејл!
Иновација и традиција
Без оглед на надмоќта на „Пилзен“ и „Лагер“ пивата, и регионалните пивски специјалитети имаат долга традиција во Германија. На пример - „Келш“ од Келн или „Алтбиер“ од Диселдорф и околината. Ознаката „алт“, „стар“ во името значи: произведено според стара традиција. Пивото е горко и содржи голем процент на хмељ. „Ујриге“ спаѓа во најомилените традиционални пива.
„Чадено пиво“ - специјалитет од Бамберг
Чадените пива од градот Бамберг, познат по „љубовта кон пивото“, се многу далеку од вообичаениот вид „Пилс“, каде при ферментацијата квасецот се спушта на дното. Овде сладот се загрева на отворен оган, што на пивото му дава вкус на чад. На почеток, тоа е предизвик дури и за искусни пивопијци, но е незаменлив приодружник на типичното бамбершко мезе.
„Јако“ пиво - „шнапс“ меѓу пивата
Ова пиво со процентот алкохол кој го содржи, од 6 до 65 проценти, што е сегашниот светски рекорд, најчесто се препорачува и се пие во количина типична за вино и други видови посилен алкохол, во чаши наместо во шишиња.
Темно пиво - моќта на темната боја
Традиционално, темните пива како на пример тириншкиот „Кестрицер“ се „Лагер“- пива кои се чуваат заради ферментација на темно и ладно место, а чија темна боја се должи на печениот хмељ. „Блек Ница Империал Стоут“ содржи десет различни видови слад и девет проценти алкохол.