1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Опасна немоќ на младите гласачи

Астрид Пранге
2 октомври 2021

Демографскиот развој во Германија ги менува демократските правила на игра. Не се младите тие кои одлучуваат за политиката на иднината, туку старите гласачи. Опасност во најава, смета Астрид Пранге.

https://p.dw.com/p/411po
Заштитата на климата е тема од особена важност за младите гласачи во Германија
Заштитата на климата е тема од особена важност за младите гласачи во ГерманијаФотографија: Michael Sohn/AP/picture alliance

Дали младите гласачи во Германија имаат шанса политички да ги спроведат своите интереси? Дури и кога би сакала да одговорам на ова прашање со „да“, чесна вештачка интелигенција за жал одговара со „не“.

Во Германија, постарата популација одлучува за политичката иднина на земјата, а тоа беше случај и на изборите за Бундестаготво неделата (26 септември).

Нивната демографска превласт е огромна. Според официјалната статистика, 57 проценти од сите граѓани со право на глас во Германија се постари од 50 години. Гласачите до 30 години сочинуваат само 14,4 проценти.

Заштитата на климата е важна, пензиите се поважни

Не само што гласачите се стари, туку и политичарите. Во актуелниот состав на Бундестагот во заминување, само тројца од вкупно 709 пратеници се помлади од 30 години. А од вкупно 6.211 кандидати за новиот состав на Бундестагот, 1.032 беа помлади од 30 години. По изборите во неделата Бундестагот сепак се подмладува. Во новиот состав ќе има 47 пратеници помлади од 30 години. Сепак, во однос на вкупниот број од 735 парламентарци, нивниот удел од 6 проценти и натаму е незначителен.

Можете да го вртите како што сакате - во Германија, интересите на младите гласачи немаат шанса без поддршка од постарите лица. Ова се одразува пред сѐ во дебатата на темата која е особено важна за младите луѓе - заштита на климата.

Kommentarbild Astrid Prange
Астрид Пранге, авторка на коментаротФотографија: DW/P. Böll

Во зависност од анкетите, поддршката на постарата генерација за оваа тема варира. Според едни, јасно мнозинство Германци, поточно 81 процент, гледаат голема потреба за акција во однос на заштитата на климата.

Меѓутоа, во други анкети, се покажа дека само околу 30 проценти од оние над 50 години ги имаат предвид „интересите за заштита на климата и на природата на младата генерација“ во нивната одлука за тоа кому ќе му го дадат гласот на изборите.

Нова политика со стари мажи?

На овие избори победи најстариот од сите кандидати за канцеларската функција и можеби ќе има можност да го одреди политичкиот курс што ќе донесе промени. Социјалдемократот, Олаф Шолц, роден во 1958 година, сака да формира влада со Зелените и со либералите и интензивно да дејствува за заштита на климата.

Моќта на старите мажи е фактор што ја поврзува Германија со многу земји. Во САД, Џо Бајден (78 години) се пресели во Белата куќа. И во Бразил, двајца постари мажи најверојатно ќе се натпреваруваат на претседателските избори следната година: претседателот Жаир Болсонаро (66 години) и поранешниот претседател Луиз Инасио Лула да Силва (75 години).

Дури и ако сите партии се обидуваат да привлечат млади гласачи, во однос на содржината тие внимаваат да не ги исплашат постарите гласачи.

Демографскиот развој ѝ ги наметнува сопствените правила на демократијата. Кога станува збор за формирањето на политички мислења, особено постарите луѓе имаат големо влијание врз помладата генерација.

Теоретски, тие би можеле со својот глас  да ги поддржат изборните одлуки на нивните деца и внуци и со тоа да се откажат од нивната демографска супериорност. Но, во пракса ова веројатно е само политичка илузија. Од друга страна, опасноста копнежот за стабилност да се претвори во застој, не е илузија.