1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Германија и борбата за либералната демократија во Европа

Иван Крастев
2 октомври 2021

Германија и Европа се подготвуваат за ерата по Ангела Меркел. Идната сојузна влада брзо ќе мора да се концентрира на тоа да ги сузбие илибералните тенденции во источните земји на ЕУ, смета Иван Крастев.

https://p.dw.com/p/415cl
Bulgarien l Politologe Ivan Krastev
Фотографија: Nadezhda Chipeva

„На средината на улицата нема ништо освен жолти ленти и мртви армадила“ - овој наслов на книга од американскиот автор Џим Хајтауер од 1997 година денес звучи како опис на политичкиот пејзаж во САД. 

Резултатот од изборите во неделата (26.09) покажува дека оваа изрека, која стана вообичаена во САД, не соодветствува на ситуацијата во Германија, бидејќи и следната германска влада мошне веројатно ќе биде од „центарот”. 

Во изминатите две децении, кога Германците излегуваа на избори, тие повеќе гласаа отколку што одлучуваа. Разликата помеѓу „да одлучуваш” и „да гласаш” е навидум едноставна, но од суштинско значење. Одлучуваме кога алтернативите јасно се разликуваат една од друга: Доналд Трамп против Џо Бајден, Јарослав Качински против Доналд Туск. Во спротивно, само гласаме. 

Во неделата, германските гласачи по којзнае кој пат повеќе гласаа отколку што одлучуваа. Меѓу големите партии има по некои видливи разлики. Но, кога станува збор за четирите големи политички партии, кои имаат шанса да бидат составен дел од следната владина коалиција, сепак сите се движат во рамки на постоечкиот либерален консензус на Сојузната Република Германија. 

Се чини дека на Германија ќе ѝ успее да направи непроблематичен преод во ерата по Меркел, додека ЕУ мора да научи како да преживее во светот без неа. Дали може нова влада во Берлин да донесе повеќе промени во европската политика отколку во Германија? „ПО Меркел" и „БЕЗ Меркел" се две сосем различни работи. 

Европа во пост-Меркел ерата 

Европскиот совет за надворешни односи спроведе анкета во пресрет на изборниот ден. Таа покажа дека при хипотетички избор помеѓу Меркел и францускиот претседател Емануел Макрон како фиктивен „претседател на ЕУ”, јасно мнозинство на Европејците би се одлучиле за германската канцеларка. За нејзините поддржувачи таа е „најдоброто решение”, додека за критичарите е „помалото зло”. Единство во двата табора имаше и во врска со тоа дека канцеларката во заминување е способна да премостува политички јазови и сите да ги убеди дека секогаш е можен компромис. Таа, според испитаниците, со тоа го инкорпорира инаку непостоечкиот европски „центар”. 

По заминувањето на Меркел ќе излезат повторно на површина длабоките политички тензии кои крчкаат под фрагилното европско заедништво. На идниот германски канцелар сигурно ќе му недостасува волшебната способност на Меркел да постигне договори кои инаку би биле невозможни. Постои опасност да ескалира културолошката војна меѓу Брисел и илибералните влади во Варшава и Будимпешта. 

Во Германија, Либералите и Зеленитеимаат значителни разлики во однос на даночната политика. Но, и двете партии одбраната на човековите права ја сметаат клучна за нивниот политички идентитет. Бидејќи, токму тие се партиите кои обезбедија надпропорционално голем број гласови од младите гласачи. Правата на сексуалните малцинства и независноста на правосудните органи за нив се од особено значење. 

Либералните демократии контра авторитарен популизам 

Реториката на Берлин за повредите на начелото за правна држава во Полска и Унгарија веројатно ќе се заостри. Брисел веќе појасни дека сампрогласените „градови без ЛГБТ припадници” во Полска повеќе нема да добиваат европски субвенции. Унгарија и Полска пак ќе ја заострат антибриселската и антигерманската реторика. Приврзаниците на Орбан и Качински можеби не веруваат дека ѓаволот носи Прада. Но, затоа се длабоко убедени дека ѓаволот во Германија гласа за Зелените или Либералите. 

Според мене, идната германска влада во релациите со источните партнери од ЕУ треба да има предвид три работи. 

Прво: Што се однесува до либералните вредности, Европа не е хомогена. Будимпешта и Варшава, што се однесува до преференциите на гласачите, се поблиску до Берлин и Хамбург отколку до зафрлените рурални региони во нивните држави. 

Второ: Ако Унијата не влезе во владината коалиција, освен Грција и Австрија, нема да има западноевропска држава предводена од коалиција од десниот центар. Јазот помеѓу Истокот и Западот во Европа тогаш ќе личи на јаз помеѓу десницата и левицата, иако во реалноста се работи за либерална демократија контра авторитарен популизам. 

Трето: Орбан и Качински обожуваат културолошки војни, особено ако го одвраќаат вниманието на луѓето од коруптивниот стил на владеење. Либералната опозиција во источните земји од ЕУ смета дека концентрирањето врз корупцијата е најдобрата стратегија за да се постигне политички пресврт. 

Идната политика на Берлин во однос на нелибералните тенденции во тие земји треба да биде во насока на тоа да им помагаат на либералните сили таму да победат на избори. 

Иван Крастев е политиколог и претседател на Центарот за либерални стратегии во Софија. Тој е и постојан соработник на Институтот за хумани науки во Виена, Австрија.