1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

160611 D Cyber-Abwehrzentrum

17 јуни 2011

Германија не е поштедена од нападите на интернет криминалците. Поради тоа владата отвори Центар за одбрана од сајбер напади, со седиште во Бон.

https://p.dw.com/p/11d0K
Министерот за внатрешни работи, Ханс Петер Фридрих на отворањето на Центарот во БонФотографија: DW

Германскиот министер за внатрешни работи, Ханс Петер Фридрих, пред поканетите гости и медиумите во новиот Центар потсети на опасностите што се закануваат од компјутерската мрежа. Тој наброја само дел од целите на најновите спектакуларни напади на хакерите: француското министерство за финансии, американскиот концерн за оружје Локид-Мартин, ММФ и концерните Сони и Гугл. „Дигиталното поврзување ги прави ранливи нашите компјутерски системи. Нив ги загрозува растечки меѓународен криминал“, порача министерот Фридрих.

Нови можности, но и нови опасности

Што поголем дел од стопанската активност е поврзан со интернетот, тоа поголем е бројот криминалци и разузнавачи на разни држави кои се заинтересирани за тој домен. За да ги заштити граѓаните, фирмите и државните установи од опасностите што им се закануваат преку компјутерската мрежа, германската влада усвои нова безбедносна стратегија. Клучен елемент во неа игра новоформираниот Центар за одбрана од сајбер напади во Бон. Оваа установа фактички само ги координира и поврзува активностите на службите кои веќе се занимаваат со борба против криминалот преку интернет. Водечка улога при тоа игра Службата за безбедност на информатичката техника со нејзините 500 вработени. Освен неа вклучени се и Службата за заштита на населението, Службата за заштита од катастрофи, полицијата, царината, армијата и службата за разузнавање.

Eröffnung Cyber-Abwehrzentrum
Соработници на новиот Центар во БонФотографија: picture alliance / dpa

Заштита на виталните претпријатија

Ваквиот широк спектар на институции кои се вклучени во работата на Центарот во Бон, покажува дека германската влада сериозно ги сфаќа опасностите што се закануваат од интернет. Министерот за внатрешни работи Фридрих, при тоа ги издвојува јавните и приватните претпријатија, чија работа е од витална важност за безбедноста на граѓаните, како што се снабдувачите со вода и електрична енергија или пак фирмите кои нудат телекомуникациски услуги.

Eröffnung Cyber-Abwehrzentrum
Министерот Фридрих со Михаел Ханге од Службата за безбедност на информатичката техникаФотографија: picture alliance / dpa

„Тие се во фокусот на сајбер нападите. Пред само две недели имавме хакерски напад врз францускиот снабдувач со електрична енергија ЕдФ“, нагласи Фридрих.

Претседателот на Службата за безбедност на информатичката техника, Михаел Ханге, пак, вели дека се планира во новиот Центар да се вклучат и стопанските актери: „Следниот чекор ќе биде вклучување на претпријатијата преку службите за надзор. Стопанството, покрај граѓаните, е и главниот корисник на искуствата и сознанијата на националниот Центар за одбрана од сајбер напади. Причина за тоа е фактот што дури 80% од критичната инфраструктура се наоѓа во рацете на приватните претпријатија.“

Автор: Матијас фон Хајн / Горан Чутаноски

Редактор: Симе Недевски