Избори во Германија 2021: Ова се потенцијалните наследници на Ангела Меркел
Шест партии веројатно ќе бидат претставени во германскиот парламент, Бундестагот, по гласањето на 26 септември. Ова се нивните водечки кандидати кои ќе ги претставуваат партиите за време на кампањата.
Армин Лашет (ЦДУ)
Армин Лашет е претседател на Христијанско-демократската унија и е актуелен премиер на најбројната покраина во државата. Конзервативците традиционално го потценуваа жовијалниот 60-годишник кој е познат по својата верба во интеграција и компромис. Но, неодамна, неговите либерални инстинкти го натераа да си го погази зборот во повеќе наврати за време на пандемијата на коронавирусот.
Аналена Бербок (Зелени)
На 40-годишна возраст, Аналена Бербок е копретседател на Зелените уште од 2018 година. Правник со диплома по меѓународно јавно право од Лондонската школа на економија, нејзините поддржувачи ја сметаат за стабилна личност со добро око за детаљ. Нејзините опоненти го посочуваат недоволното искуство во државнички работи.
Олаф Шолц (СПД)
Запаѓајќи во уште подлабока дупка по секои избори, Социјалдемократите (СПД) одлучија да кандидираат реалист, наместо радикал како нивен шпиценкандидат во 2021. Министерот за финансии Олаф Шолц, поранешен градоначалник на Хамбург и заменик на Меркел во Владата, го сметаат за здодевен технократ. Многумина се сомневаат дека 62-годишникот ќе ѝ донесе нова енергија на партијата.
Кристијан Линднер (ФДП)
Денес 42-годишен политичар секогаш желен за публицитет, Кристијан Линднер е во партијата на Либералите уште од својата 16 година, а ја предводи од 2013. Тој доаѓа од Северна Рајна Вестфалија и има студирано политички науки. Неговата желба е по изборите во септември да влезе во коалициска влада, по можност со ЦДУ/ЦСУ. Но прво неговата ФДП ќе мора да го мине изборниот праг од 5 проценти.
Жанин Вислер и Дитмар Барч (Левица)
63-годишниот Дитмар Барч и 39- годишната Жанин Вислер одлично се надополнуваат. Барч е од источна Германија, прагматичар кој ја предводи пратеничката група од 2015 година. Радикалната левичарка Вислер е од западна Германија и е копретседател на партијата од февруари годинава. Таа ги претставува радикалните левичарски позиции како крај на воените мисии во странство и забрана за извоз на оружје.
Алис Вајдел и Тино Чрупала (АфД)
Копретседателот Тино Чрупала, 46, ѝ се приклучи на Алтернатива за Германија (АфД) во 2015., привлечен од нејзината антиимигрантска платформа. Овој сликар од Саксонија е пратеник од 2017 година и ѝ дава поддршка на радикалната десница, но со далеку поумерен јазик. Алис Вајдел е 42-годишна економистка која ја предводи пратеничката група иако сопартијците ја критикуваат дека не сака многу да работи.
Овие политичари ќе бидат водечките гласноговорници на своите партии за време на кампањата и ќе играат важна улога и во иднина. Доколку нивните партии влезат во владата, тие со сигурност ќе добијат и министерски функции.